Мојот сакан Пејгамбер

БИСЕТОТ1 И ПОВИКОТ

Кога Предводникот на световите (саллаллаху алејхи ве селлем) имаше триесет и седум години, слушаше гласови од невидливиот свет што го повикуваа: „О Мухаммеде!“ Кога влезе во триесет и осмата година, почна да гледа некакви нурови. За своите состојби раскажуваше само на нашата мајка хазрети Хатиџа. Кога се приближуваше времето на Мухаммед алејхиселам да му се објави пејгамберството (околу десет години пред тоа), Кус ибн Саида, еден од прочуените книжевници од тоа време, во хутбата што на панаѓурот Указ, од камила, ја одржа пред големо мноштво, го најави како радосна вест неговото доаѓање. И нашиот сакан Пејгамбер беше меѓу оние што ја слушаа таа хутба. Кус ибн Саида во еден дел од оваа своја прочуена хутба рече:

„О луѓе! Дојдете, слушајте, чекајте, земете поука! Кој живее – ќе умре, кој умре – ќе исчезне, она што треба да биде – ќе биде!.. Наострете уво, слушајте добро! На небото има вести, на земјата има нешта од кои ќе се земе поука!.. Кај Аллах има една вера!.. И Аллах има пејгамбер што ќе дојде. Неговото доаѓање е многу блиску. Неговата сенка веќе ви падна над главите. Колку се благословени оние што ќе го слушаат и ќе поверуваат во него! Тешко на несреќникот што ќе се побуни и ќе му се спротивстави! Леле за уметите чии животи минуваат во небрежност!..“

Во тоа време луѓето во Арабија се беа оддалечиле од божествените мерила и се беа поделиле на сталежи: богати и сиромашни, силни и слаби, господари и робови. Првите владееја со вторите, ги газеа и не ги сметаа за луѓе. На слабите со сила им го одземаа имотот, а немаше власт што би го спречила тоа. Бидејќи беа лишени од срамот и стравот што ги дава иманот во Аллах теала, сосема се беа оддалечиле од доблеста. Секаков вид неморал и ниски дела, како газењето на угледот и честа, се вршеа слободно; коцката, алкохолот и пијанките никого не го чудеа. Убиствата, блудот и разбојничките напади, на кои немаше крај, пустошеа сѐ наоколу, а стенкањата и жалните крици на невините луѓе одекнуваа до Аршот. Владееше целосна морална пропаст, а луѓето се давеа во морето на незнаењето. Жената ја купуваа и ја продаваа како обична стока, а женските деца немилосрдно ги закопуваа живи во земја. Најлошо од сѐ, овие луѓе со тврдо срце, тврдоглави и далеку од милосрдието, сметаа за голема чест да им се поклонуваат на идолите што ги направиле со сопствените раце и што не можеа ни да им користат ни да им наштетат.

Од Адем алејхиселам навака на светот не било видено такво дивјаштво, заблуда, неморал, безверие и разузданост. Луѓето како да се беа претвориле во ѕверови. Сите беа непријатели едни на други, а општеството секој миг беше подготвено да експлодира. За луѓето да најдат мир, во таа темнина мораше да изгрее сонцето на среќата. Кога ќе изгрее тоа, местото на безверието ќе го заземе иманот, местото на зулумот правдата, местото на незнаењето знаењето, и луѓето ќе стигнат до вечната среќа.

Најпосле на нашиот сакан Пејгамбер почнаа да му се покажуваат вистинити соништа. Во хадис-и шериф е објавено дека вахјот најнапред почнал со вистинит сон. Она што ќе го видеше во сонот се остваруваше токму така. Таа состојба траеше шест месеци. Кога се приближи доаѓањето на вахјот, се намножија гласовите што велеа: „О Мухаммеде!“ Потоа ја засака осамата, се оддалечи од луѓето и почна да се вдлабочува во размислување во една пештера на ридот Хира. Понекогаш ќе дојдеше во Мека, ќе ја обиколеше Кааба во таваф и ќе си отидеше во својот благодатен дом. Откако ќе останеше некое време во својот благодатен дом, со малку храна повторно се враќаше во пештерата на ридот Хира и се занимаваше со размислување и ибадет. Понекогаш таму остануваше со денови. Тогаш хазрети Хатиџа му праќаше храна или самата му ја носеше.2

Мухаммед алејхиселам го стави Хаџер-и есвед на својата благословена наметка и рече: „Нека од секое племе по еден човек фати за едниот крај“ Нашиот сакан Пејгамбер Мухаммедул-Емин (саллаллаху алејхи ве селлем)

Првиот вахј

Кога Пејгамберот имаше четириесет години, повторно, во еден месец рамазан, се повлече во пештерата на ридот Хира и се вдлабочи во размислување. На седумнаесеттиот ден од рамазанот, во ноќта спроти понеделникот, по полноќ, слушна глас што го повика по име. Кога ја подигна главата и погледна наоколу, по втор пат го слушна истиот глас и виде дека одеднаш сѐ наоколу го обви нур. Потоа пред него се појави Џибрил3 алејхиселам и рече: „Читај!“ Пејгамберот му одговори: „Јас не знам да читам!“ Тогаш мелекот го фати и го стегна толку што му снема сила и рече: „Читај!“ Тој повторно одговори: „Јас не знам да читам!“ Мелекот уште еднаш го стегна и рече: „Читај!“ Кога рече: „Јас не знам да читам!“, мелекот го стегна по трет пат. Потоа го пушти и ги донесе првите пет ајет-и керими од сурата Алак, чие значење е: „(О Мухаммеде алејхиселам!) Читај во името на твојот Господар, Аллах, кој создаде сѐ! Тој го создаде човекот од згрутчена крв (алак)! Читај, Аллах е Сопственик на голема дарежливост. Тој поучува со калем, поучува на она што не се знаело.“4 И Мухаммед алејхиселам читаше заедно со него. Така дојде првиот вахј и така изгреа сонцето на исламот, што го осветли целиот свет.5

Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) излезе од пештерата на ридот Хира обземен од големи морници и возбуда и почна да слегува. Кога стигна до средината на ридот, слушна глас. Џибрил алејхиселам рече: „О Мухаммеде! Ти си ресул на Аллах теала, а јас сум Џибрил“ и удри со петицата по земјата. Од местото каде што удри потече вода и тој почна да зема абдест. Пејгамберот внимателно го набљудуваше. Кога Џибрил алејхиселам го заврши абдестот, му рече на Пејгамберот да земе абдест онака како што видел. Кога нашиот сакан Пејгамбер го заврши абдестот, Џибрил алејхиселам стана имам6 и клањаа два рекати намаз.

Потоа Џибрил алејхиселам рече: „О Мухаммеде! Твојот Господар ти праќа селам!“, а потоа му пренесе дека Тој рекол: „Ти си Мојот Ресул до џиновите и луѓето. Затоа повикај ги во тевхидот.“ Потоа се раздели од него и се издигна на небото. Така нашиот сакан Пејгамбер и го виде Џибрил алејхиселам и разговараше со него.

Селамот на камењата и дрвјата

Сѐ додека не стигна до својот благодатен дом, Пејгамберот слушаше како секој камен и секое дрво покрај кое поминуваше му вели: „Еселаму алејке ја Ресулаллах!“ Кога дојде дома, рече: „Покријте ме! Покријте ме!“ и се одмораше додека не му поминаа морниците. Потоа ѝ раскажа на нашата мајка хазрети Хатиџа што видел и рече: „Џибрил (алејхиселам) ми се изгуби од видот. Но неговата величественост, сила и стравот што го предизвика не ме напуштија. Се плашев дека луѓето ќе речат дека сум луд и дека ќе ме озборуваат и ќе ме клеветат.“ Хазрети Хатиџа, која ги чекаше овие состојби и овие денови и беше подготвена за нив, рече: „Аллах теала нека те чува. Хак теала ќе ти даде добро и нема да ти посака ништо друго освен добро. Се колнам во Аллах теала, верувам дека ќе бидеш пејгамберот на овој умет. Зашто ти го сакаш гостинот. Искрен си и доверлив. Им помагаш на немоќните, ги штитиш сирачињата, им помагаш на сиромасите. Со убава нарав си; оној што ги има овие особини нема од што да се плаши.“7

Потоа отидоа кај Верека ибн Невфел за да го прашаат за оваа состојба. Откако го сослуша она што го раскажа Ресулуллах, Верека рече: „Радувај се, о Мухаммеде алејхиселам! Се колнам во Аллах теала дека ти си последниот пејгамбер за кого јави хазрети Иса. Мелекот што ти се појави е Џибрил алејхиселам, кој пред тебе доаѓаше кај Муса алејхиселам. Ах! Да бев барем млад! Да го доживеам времето кога ќе те истераат од Мека, па да ти притрчам на помош! Наскоро ќе ти биде наредено да ја пренесуваш верата и да водиш џихад.“ Ја бакна благословената рака на Пејгамберот. Не помина многу време, а тој почина.8

Доаѓањето на наредбата да ја пренесува верата (теблиг)

Така на нашиот сакан Пејгамбер му дојде првиот вахј, со кој му беше објавено пејгамберството. Потоа престана и не доаѓаше три години. Во меѓувреме доаѓаше мелекот по име Исрафил алејхиселам и го научи на некои работи. Тоа не беше вахј. Во тоа време Ресулуллах понекогаш многу страдаше. Секогаш кога ќе се нажалеше, ќе му се појавеше Џибрил алејхиселам, ќе му речеше: „О Хабибуллах! Ти си пејгамбер на Аллах теала“ и ќе му ја смиреше тагата. Пејгамберот рече: „Тоа беше во времето кога вахјот беше прекинат. Додека слегував од ридот Хира, одеднаш од небото слушнав глас. Погледнав нагоре и го видов Џибрил (алејхиселам). Седеше на еден стол меѓу земјата и небото. Ме обзеде страв. Дојдов дома и реков: ‚Покријте ме со нешто.‘ Тогаш Хак теала ги спушти првите ајети од сурата Мудесир, чие значење е: ‚О ти што си се завиткал во својата наметка, Мухаммеде алејхиселам! Стани и (кафирите со казната на Аллах теала) опомени ги! Изговарај текбир за својот Господар и величај Го! Својата облека чувај ја чиста!‘9 Потоа вахјот повеќе не престануваше.“

Гордоста на вселената (алејхи ефдалус-салават) почна да ги повикува луѓето во исламот и да ги пренесува наредбите и забраните на Аллах теала. Џибрил алејхиселам, кога донесуваше вахј, понекогаш земаше човечки лик и доаѓаше во ликот на Дихје Келби, еден од Есхаб-и кирам. Понекогаш вахјот го спушташе во срцето на Пејгамберот; тогаш Ресулуллах не го гледаше. Понекогаш вахјот доаѓаше во сон, а понекогаш со страшно бучење.

Тој вахј на Пејгамберот му паѓаше најтешко и најмачно. Во такви состојби на Ресулуллах и во најстудениот ден му течеше пот од благословеното чело, а ако беше на камила, камилата од тежината на вахјот клекнуваше на земјата. И асхабите што беа покрај него ја чувствуваа тежината на вахјот. Џибрил алејхиселам неколку пати дојде и во својот вистински лик.

„О ти што си се завиткал во својата наметка, Мухаммеде! Стани и (кафирите со казната на Аллах теала) опомени ги! Изговарај текбир за својот Господар и величај Го!“ Мудесир: 1–3

Аллах теала му објави вахј на Пејгамберот и без мелек и без превез, односно без никаков посредник. Тоа се случи во ноќта на Мираџот. Пренесувањето на исламот од страна на Мухаммед Мустафа (саллаллаху алејхи ве селлем), кој со доаѓањето на првиот вахј ја започна должноста на пејгамберството, траеше дваесет и три години. Тринаесет години од тоа време поминаа во Мека, а десет во Медина. Чесниот Кур’ан беше објавуван и завршен во текот на 22 години, 2 месеци и 22 дена.

Мухаммед алејхиселам беше умми, односно не читал книги, не пишувал и не учел од никого. Се роди и порасна во Мека, меѓу познати луѓе. Па сепак, јавуваше за знаења и настани што се наоѓаат во Теврат, во Инџил и во книгите напишани во грчко и римско време. За да го објави исламот, кон крајот на шестата и почетокот на седмата година по хиџрата им испрати писма на владетелите на Византија, Иран и Абисинија и на другите арапски владетели. Пред него дојдоа повеќе од шеесет странски пратеници. За тоа во Чесниот Кур’ан, по значење, е објавено вака: „Ти пред да дојде овој Чесен Кур’ан не прочита ниедна книга. Не пишуваше. Да знаеше да читаш и да пишуваш, ќе можеа да речат дека си учел од други.“10

А во еден хадис-и шериф е речено: „Јас сум Мухаммед, пејгамберот умми… По мене нема пејгамбер.“11 А во Чесниот Кур’ан е речено и ова: „Тој (Мухаммед алејхиселам) не зборува од себе. Неговите зборови му се објавуваат и му се поучуваат преку вахј.“12

Првите муслимани (Сабикун-и ислам)

По доаѓањето на првиот вахј кај Пејгамберот, прва поверува нашата мајка хазрети Хатиџа.13 Без никакво колебање веднаш го прифати исламот и се удостои со честа да биде првиот муслиман.

Пејгамберот ја научи нашата мајка хазрети Хатиџа да зема абдест онака како што го научи Џибрил алејхиселам. Потоа Пејгамберот стана имам и заедно клањаа два рекати намаз. Нашата мајка Хатиџа на најсовршен начин му се покоруваше на секој збор и на секоја наредба на нашиот сакан Пејгамбер. Така кај Аллах теала стигна до многу високи степени. Секогаш кога Ресулуллах ќе се нажалеше или ќе страдаше од исмевањето на оние што одрекуваа, таа го тешеше и му ја отстрануваше тагата. Велеше: „Ја Ресулаллах! Немој ни малку да тагуваш, не грижи се. На крајот нашата вера ќе зајакне, а мушриците ќе пропаднат. Твојот народ ќе ти се покори…“ Поради таа нејзина помош еден ден дојде Џибрил алејхиселам и рече: „Ја Ресулаллах! Пренеси ѝ го на Хатиџа селамот од Аллах теала.“ Пејгамберот рече: „О Хатиџа! Ете, Џибрил (алејхиселам) ти пренесува селам од Аллах теала.“14

Пејгамберот еднаш го рече и ова: „Аллах теала ми нареди да ѝ донесам на Хатиџа радосна вест за куќа од бисер во џенетот. Таму нема ни болест, ни тага, ни главоболка.“

По хазрети Хатиџа, прв од возрасните го прими исламот хазрети Ебу Бекр, еден од блиските пријатели на Ресулуллах. Хазрети Ебу Бекр дваесет години порано беше сонувал сон: „Полната месечина се спуштила од небото, дошла до Кааба-и муаззама, се распаднала на парчиња, и секое парче паднало на по една од куќите во Мека; потоа тие парчиња повторно се составиле и се издигнале на небото. А парчето што паднало на куќата на Ебу Бекр не се издигнало на небото. Кога го видел тоа, хазрети Ебу Бекр брзо ја затворил вратата на својата куќа, како да не му дал на тоа парче од месечината да си отиде.“

Ебу Бекр возбуден се разбудил од сонот и, штом се разденило, веднаш отрчал кај еден еврејски учен и му го раскажал сонот. Тој учен одговорил: „Ова е еден од збунетите соништа, затоа не се толкува.“ Но тој сон не престанал да го мачи Ебу Бекр, а ни одговорот на Евреинот не го задоволил. Еднаш, кога одел по трговија, патот го однесол во крајот на монахот Бахира. Кога побарал од Бахира толкување на сонот што го сонувал, Бахира прашал: „Од каде си ти?“ Кога хазрети Ебу Бекр одговорил: „Од Курејшиите“, Бахира рекол: „Таму ќе се појави пејгамбер и нурот на хидајетот ќе стигне до секое катче на Мека. Ти за време на неговиот живот ќе му бидеш везир, а по неговата смрт халифа.“ Хазрети Ебу Бекр многу се зачудил на овој одговор. Тој свој сон и неговите толкувања никому не ги раскажувал сѐ додека Пејгамберот не го обзнани своето пејгамберство. Кога нашиот сакан Пејгамбер Мухаммед алејхиселам го обзнани своето пејгамберство, хазрети Ебу Бекр веднаш дотрча кај Пејгамберот и праша: „Пејгамберите имаат докази за своето пејгамберство; кој е твојот доказ?“ Пејгамберот одговори: „Доказ за моето пејгамберство е оној сон за кој побара толкување од еден еврејски учен. Тој учен рече: ‚Тоа е од збунетите соништа, не се толкува.‘ Потоа монахот Бахира точно го протолкува“, а потоа му се обрати на хазрети Ебу Бекр: „О Ебу Бекре! Те повикувам кон Аллах и кон Неговиот Ресул.“

На тоа хазрети Ебу Бекр рече: „Сведочам дека ти си ресул на Аллах теала, дека твоето пејгамберство е вистина и дека тоа е нур што го осветлува светот“, и го прими исламот.

Според едно друго предание, хазрети Ебу Бекр, пред на Пејгамберот да му дојде пејгамберството, отишол по трговија во Јемен. На тој пат во Јемен сретнал еден старец од племето Езд, кој прочитал многу книги. Тој старец го погледнал хазрети Ебу Бекр и рекол: „Мислам дека ти си од жителите на Мека.“ Хазрети Ебу Бекр рекол: „Да, така е“, и меѓу нив се одвил ваков разговор:

– Дали си од Курејшиите?

– Да!

– Дали си од Бени Темим?

– Да!

– Остана уште еден знак. – Кој?

– Открија го стомакот да видам.

– Кажи ми, која ти е намерата?

– Читав во книгите дека во Мека ќе дојде пејгамбер. Двајца ќе му бидат помошници. Едниот млад, а другиот стар. Младиот многу тешкотии ќе ги претвори во леснотија и многу неволји ќе отстрани. А старецот е со бело лице, со тенок струк и има на стомакот црн белег. Мислам дека тоа си ти. Открија го стомакот да видам.

„Тој (Мухаммед алејхиселам) не зборува од себе. Неговите зборови му се објавуваат и му се поучуваат преку вахј“ Неџм: 3–4

Тогаш хазрети Ебу Бекр го открил својот благословен стомак; кога старецот го видел црниот белег над неговиот папок, рекол: „Се колнам во Аллах, тоа си ти“ и му дал на Ебу Бекр многу совети. Кога хазрети Ебу Бекр ја завршил работата, дошол кај старецот да се збогува и го замолил да му изговори неколку бејтови за Пејгамберот. Тогаш старецот изрецитирал дванаесет бејтови, а хазрети Ебу Бекр ги научил напамет.

Кога хазрети Ебу Бекр се врати од патувањето во Мека-и мукерреме, дојдоа на посета во неговата куќа курејшиски првенци како Укба ибн Ебу Муајт, Шејба, Ебу Џехл и Ебул-Бухтери. Ебу Бекр ги праша: „Дали се случило нешто меѓу вас?“ Тие одговорија: „Може ли да има почудна работа од оваа: сирачето на Ебу Талиб тврди дека е пејгамбер и вели дека вие, вашите татковци и дедовци сте во неважечка вера. Да не беше ти, ние досега немаше да го оставиме жив. Ти си му близок пријател, ти самиот реши ја оваа работа.“

Хазрети Ебу Бекр ги отпрати и дозна дека Пејгамберот е во куќата на хазрети Хатиџа. Отиде и чукна на вратата. Кога Пејгамберот го пречека, Ебу Бекр праша: „О Мухаммеде! Што е тоа што се зборува за тебе?“ Пејгамберот рече: „Јас сум пејгамбер на Хак теала. Испратен сум до тебе и до сите синови Адемови. Прими иман, за да стигнеш до задоволството на Хак теала и да ја сочуваш душата од џехенемот.“

Кога хазрети Ебу Бекр праша: „Кој е доказот за тоа?“, Ресул-и екрем рече: „Доказот е приказната за старецот што го виде во Јемен.“ Хазрети Ебу Бекр рече: „Јас во Јемен видов многу стари и млади.“ Пејгамберот одговори: „Оној старец што ти даде во аманет дванаесет бејтови и ми ги испрати мене“ и ги изрецитира сите тие бејтови. Кога хазрети Ебу Бекр праша: „Кој ти го јави тоа?“, Пејгамберот одговори: „Ми го јави мелекот што доаѓаше кај пејгамберите пред мене.“ Штом го рече тоа, Ебу Бекр рече: „Дај ми ја раката“, го фати за благословената рака, рече: „Ешхеду ен ла илахе иллаллах ве ешхеду ене Мухаммеден абдуху ве ресулуху“ и го прими исламот.15 Со голема радост, каква што никогаш порано во животот не почувствувал, тој се врати дома како муслиман. А во еден хадис-и шериф е речено: „Кому и да му понудев иман, се мрштеше и гледаше со колебање. Само Ебу Бекр Сидик воопшто не се колебаше ни не се двоумеше да го прими иманот.“

Еден ден, додека Пејгамберот клањаше намаз со нашата мајка хазрети Хатиџа, ги виде хазрети Алија. Тогаш имаше десет или дванаесет години. По намазот праша: „Што е ова?“ Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) рече: „Ова е верата на Аллах теала. Те повикувам во оваа вера. Аллах теала е еден, нема ортак. Те повикувам да поверуваш во Аллах, кој е еден и кој нема ни рамен ни ортак…“ Хазрети Алија рече: „Најнапред да се посоветувам со татко ми.“ Ресулуллах му рече: „Ако не го прифатиш исламот, оваа тајна никому не ја кажувај!“ Утредента наутро хазрети Алија дојде пред Ресулуллах, рече: „Ја Ресулаллах! Научи ме на исламот“ и го прими исламот.16

Хазрети Алија беше третиот од оние што го примија исламот. А пожртвуваноста што ја покажа на патот на Ресул-и екрем и тоа што го ставаше него пред себеси се над секоја пофалба.

Зејд ибн Хариса беше меѓу првите што поверуваа. Се удостои со честа да биде четвртиот муслиман, по хазрети Хатиџа, хазрети Ебу Бекр и хазрети Алија, а меѓу ослободените робови првиот. Заедно со него исламот го прими и неговата жена Уму Ејмен.17

Кога го прими исламот, хазрети Ебу Бекр веднаш отиде кај своите драги пријатели. И нив ги убеди да го примат исламот. Меѓу најистакнатите од нив беа првенците на Есхаб-и кирам, возвишени личности и првенци на својот народ: Осман ибн Афан, Талха ибн Убејдуллах, Зубејр ибн Авам, Абдурахман ибн Авф и Са’д ибн Ебу Векас.18 Овие осум лица што го примија исламот по нашата мајка хазрети Хатиџа се нарекуваат Сабикун-и ислам, односно првите муслимани. Хазрети Осман вака раскажува како го примил исламот: „Имав тетка (сестра на мајка ми) што беше кахинка (гатачка). Еднаш ја посетив. Ми рече: ‚Ќе ти биде судена една жена. Но ни ти пред неа нема да видиш ниедна жена, ни таа пред тебе ниеден маж. Таа ќе биде госпоѓа со убаво лице, побожна, и сигурно ќе биде ќерка на некој голем пејгамбер.‘

Се зачудив на овие зборови на тетка ми. Уште ми рече: ‚Дојде еден пејгамбер. Нему од небото му се спушти вахј.‘ Реков: ‚О тетко! За таква тајна во градот воопшто не се слушнало. Тогаш кажи го тој збор отворено.‘ Тогаш тетка ми рече: ‚На Мухаммед ибн Абдуллах му дојде пејгамберството. Тој го повикува народот во верата. За кратко време светот ќе се осветли со неговата вера, а на оние што ќе му се спротивстават ќе им паднат главите.‘

Овие зборови на тетка ми силно ме трогнаа. Ме обзеде грижа. Меѓу хазрети Ебу Бекр и мене имаше големо пријателство; никогаш не се разделувавме. По два дена отидов кај хазрети Ебу Бекр за да поразговарам за оваа работа. Кога му раскажав што рекла тетка ми, ми рече: ‚О Османе! Ти си паметен човек. Како можат неколку камења, што не гледаат и не слушаат и што никому не можат ни да му користат ни да му наштетат, да бидат достојни за божество?‘ Реков: ‚Вистина зборуваш, зборот на тетка ми е вистина.‘“

Откако му го објасни исламот на хазрети Осман, хазрети Ебу Бекр го одведе пред Пејгамберот, Ресулус-секалејн, односно пејгамберот на луѓето и на џиновите. Нашиот сакан Пејгамбер му рече на хазрети Осман: „О Османе! Хак теала те кани на гости во џенетот. Одзови се и ти на оваа покана. Јас сум испратен до сите луѓе како водич на вистинскиот пат.“ Восхитен од возвишените состојби на Ресулуллах и од зборовите што ги изговори со насмеано лице, хазрети Осман со голем жар и предаденост рече: „Ешхеду ен ла илахе иллаллах ве ешхеду ене Мухаммеден абдуху ве ресулуху“ и го прими исламот.

Ресулуллах во првите три години од пејгамберството ги повикуваше луѓето во исламот тајно. Луѓето полека, еден по еден, почнаа да го примаат исламот. За тоа време бројот на муслиманите едвај стигна до триесет. И тие своите ибадети ги вршеа по куќите и тајно ги учеа и ги паметеа спуштените ајет-и керими од Чесниот Кур’ан.

„Сабикун-и ислам, односно првите муслимани: Ебу Бекр Сидик, Алија ибн Ебу Талиб, Зејд ибн Хариса, Осман ибн Афан, Абдурахман ибн Авф, Са’д ибн Ебу Векас, Зубејр ибн Авам и Талха ибн Убејдуллах“ (радијаллаху анхум еџмаин)

Повикувањето на блиските роднини

Кога беше спуштена сурата Мудесир, Ресулуллах почна да ги повикува луѓето во верата ислам. Тој повик го вршеше тајно. По извесно време беше спуштен ајет-и керимот чие значење е: „Повикај ги своите блиски роднини во вистинската вера, опоменувајќи ги со казната на Аллах теала.“19 Тогаш Пејгамберот Мухаммед алејхиселам го испрати хазрети Алија да ги повика неговите роднини во верата и сите ги покани во куќата на Ебу Талиб. Пред нив стави чинија со јадење, колку што е доволно за еден човек, и чаша млеко. Најнапред самиот почна да јаде со бесмела, а потоа им рече на роднините што дојдоа: „Повелете.“ Оние што дојдоа беа четириесет души. Но поставеното јадење ги засити сите и воопшто не се намали. Присутните се запрепастија пред оваа муџиза. По јадењето Пејгамберот сакаше да почне да зборува за да ги повика своите роднини во исламот. Тогаш неговиот чичко Ебу Лехеб со непријателство рече: „Вакво волшебство какво што видовме денес никогаш не сме виделе. Вашиот роднина ве омаѓија со волшебство. О внуку! Никогаш не сум видел човек што донел толку зло и лошотија како тебе“, и продолжи да зборува навредливи зборови.

Нашиот Пејгамбер му рече на Ебу Лехеб: „Злото што не би можеле да ми го направат ни Курејшиите ни сите арапски племиња ми го направи ти!“ Се разотидоа, а ниеден од нив не го прими исламот. Не помина многу време по овој настан, а тој повторно ги покани роднините. Хазрети Алија повторно ги повика и ги доведе сите.

Како и првиот пат, пред нив беше поставено јадење. По јадењето Пејгамберот стана и рече: „Фалбата му припаѓа само на Аллах теала. Само од Него барам помош. Во Него верувам и на Него се потпирам. Без сомнение знам и објавувам дека нема друг бог освен Аллах теала, Тој е еден. Нема Тој ни рамен ни ортак.“ Потоа продолжи вака: „Никогаш не ви зборувам лага, ви ја зборувам вистината… Ве повикувам да поверувате во Аллах теала, кој е еден и освен кого нема друг бог. Јас сум пејгамберот што Тој го испрати до вас и до целото човештво. Се колнам во Аллах, ќе умрете како што заспивате и ќе бидете оживеани како што се будите од сонот, и ќе бидете повикани на одговорност за сѐ што сте правеле; за своите добри дела ќе добиете награда, а за лошите дела казна. А тоа е или вечен престој во џенетот или вечен престој во џехенемот. Вие сте првите меѓу луѓето што ги опоменувам со казната на ахиретот.“

Откако ги сослуша овие зборови, Ебу Талиб рече: „О почитуван внуку! Не знам ништо подрагоцено од тоа да ти помогнам. Твоите совети ги усвоивме и ги прифативме, а твоите зборови со срце ги потврдивме. Овие што сега се собраа овде се децата на твојот дедо Абдулмуталиб. Нема сомнение дека и јас сум еден од нив. Кон она што ти го сакаш јас прв меѓу нас ќе потрчам. Ветувам дека ни за миг нема да престанам да те опкружувам и да те штитам. Ти продолжи со она што ти е наредено. Но кога станува збор за напуштање на мојата стара вера, мојот нефс не ми се покорува.“

Освен Ебу Лехеб, роднините и чичковците што беа таму зборуваа благо. Но Ебу Лехеб, велејќи: „О синови на Абдулмуталиб! Спречете го вие пред да го фатат други за рака и да го спречат. Ако денес го прифатите она што тој го вели, ќе бидете понижени и посрамени. Ако се зафатите да го штитите, сите ќе бидете убиени…“, изговори дрски зборови и фрлаше закани. Тетката на Пејгамберот му одговори на Ебу Лехеб: „О брате мој! Ти прилега ли да ги оставиш без помош синот на мојот брат и неговата вера? Се колнам во Аллах, учените што живеат денес јавуваат дека од лозата на Абдулмуталиб ќе дојде пејгамбер. Ете, тој пејгамбер е тој.“

На овие зборови Ебу Лехеб продолжи со својот грд говор. Ебу Талиб се налути на Ебу Лехеб и рече: „Кукавицо! Се колнам во Аллах, додека сме живи, ние сме негови помагачи и заштитници.“ Се сврте кон Мухаммед алејхиселам и рече: „О внуку! Јави ни кога ќе сакаш да ги повикаш луѓето да поверуваат во твојот Господар; ќе се вооружиме и ќе излеземе заедно со тебе.“ Потоа Гордоста на вселената повторно почна да зборува и рече: „О синови на Абдулмуталиб! Се колнам во Аллах, нема меѓу Арапите човек што на својот народ му донел нешто повозвишено и подобро од она што јас ви го донесов вам, а што е добро за вашиот живот на овој свет и за ахиретот (односно од оваа вера). Ве повикувам да изговорите два збора што се лесни за јазикот, а тешки на мизанот. Тоа е да посведочите дека нема друг бог освен Аллах и дека јас сум Негов роб и ресул. Аллах теала ми нареди да ве повикам во тоа. Тогаш, кој од вас ќе го прифати овој мој повик и ќе ми биде помагач на овој пат?“ Никој не се огласи. Сите ги наведнаа главите. Пејгамберот ги повтори овие свои зборови три пати. Секој пат кога ќе ги изговореше, хазрети Алија стануваше. Третиот пат рече: „Ја Ресулаллах! Иако по години сум најмладиот од нив, јас ќе ти бидам помагач.“ Тогаш Ресулуллах го фати хазрети Алија за рака.

Другите, зачудени, се разотидоа. Хабибот на Аллах теала (саллаллаху алејхи ве селлем) многу се нажали поради ваквото држење на своите роднини.

Но, не губејќи дух, продолжи да ги повикува, за да се спасат од џехенемот и да стигнат до среќата.

Во четвртата година по бисетот беше спуштен 94-тиот ајет-и керим од сурата Хиџр. Кога дојде божествената наредба чие значење е: „(О Мој Хабибе!) Искажи го јасно она што ти е наредено (наредбите и забраните). Сврти се од мушриците! Не обрнувај внимание на нивните зборови!“, нашиот сакан Пејгамбер почна отворено да ги повикува Меканците во исламот. Еден ден се качи на ридот Сафа и рече: „О народе на Курејш! Соберете се овде и слушнете ги моите зборови!“ Кога племињата се собраа, праша: „О народе мој! Дали некогаш сте слушнале од мене лажен збор?“ Сите во еден глас рекоа: „Не, не сме слушнале.“ Рече: „Аллах теала ми подари пејгамберство и ме испрати до вас како пејгамбер.“ Потоа го проучи 158-миот ајет-и керим од сурата А’раф, чие значење е: „(О Мој Хабибе!) Кажи им: ‚О луѓе! Јас сум ресул на Аллах теала, Сопственикот на земјите и небесата, испратен до сите вас. Тој е Оној што го усмртува и го оживува секое живо суштество. Нема друг бог (достоен за ибадет) освен Него.‘“ Неговиот чичко Ебу Лехеб, кој беше меѓу слушателите, се налути и, тврдоглаво истрајувајќи во куфрот, извика: „Мојот внук полудел! Не слушајте ги зборовите на оној што не им се поклонува на нашите идоли и што ја напуштил нашата вера!“ Присутните се разотидоа и никој не поверува. Иако знаеја дека Пејгамберот е искрен и со возвишен ахлак, се свртеа од него и му станаа непријатели.

„Повикај ги своите блиски роднини во вистинската вера, опоменувајќи ги со Аллаховата казна“ Шуара: 214

Еден друг ден, покорувајќи ѝ се на наредбата на Аллах теала: „Објави го јасно она што ти е наредено (наредбите и забраните)“, Пејгамберот повторно се качи на ридот Сафа. Со висок и силен глас му се обрати на народот: „Ја сабахах! Дојдете овде, соберете се, имам за вас важна вест!“20 По овој повик племињата трчајќи се собраа. Почнаа да чекаат во чудо и љубопитност. Оние што не дојдоа ги испратија своите луѓе да дознаат зошто се собираат. Една група од оние што дојдоа почна да прашува: „О Мухаммедул-Емин! Зошто нѐ собра овде, што ќе ни јавиш?“ А тој им се обрати со зборовите: „О курејшиски племиња!“ Сите го слушаа со големо внимание. Продолжи: „Мојата и вашата состојба личи на состојбата на човек што, откако го видел непријателот, потрчал да му јави на своето семејство и, плашејќи се непријателот да не стигне до неговото семејство пред него и да не му наштети, извикал: ‚Ја сабахах!‘ (Непријателот нѐ опколи! Се раздени! Брзо подгответе се за борба!) О курејшиска дружино! Кога би ви рекол дека зад овој рид има непријателска војска што само што не се нафрлила врз вас, дали би ми поверувале?“ Тие рекоа: „Да, би ти поверувале. Зашто досега кај тебе не сме виделе ништо друго освен искреност. Никогаш не сме виделе да излажеш!..“

Тогаш ги наброја сите курејшиски племиња: „О синови на Хашим! О синови на Абду Менаф! О синови на Абдулмуталиб!“ и продолжи: „Јас сум ви опоменувач пред тешката казна што сигурно ќе дојде. Аллах теала ми нареди своите најблиски роднини да ги опоменам со казната на ахиретот. Ве повикувам да поверувате велејќи: Ла илахе иллаллаху вахдеху ла шерике лех (Аллах е еден, нема друг бог освен Него). А јас сум Негов роб и ресул. Ако поверувате во тоа, ќе влезете во џенетот. Додека не речете ‚Ла илахе иллаллах‘, јас не можам да ви донесам ни корист на овој свет ни удел на ахиретот.“ Ебу Лехеб, кој беше меѓу племињата што слушаа, рече: „Зарем за тоа нѐ собра?“ и фрли кон нашиот сакан Пејгамбер камен што го крена од земјата. Од другите не дојде такво противење; се разотидоа зборувајќи меѓу себе.21

Дури и сонцето да ми го стават во десната рака!

По овие повици нашиот сакан Пејгамбер, каде и да видеше некој човек или група, им го објаснуваше исламот. Објави дека вистинското спасение е можно само ако човекот се оддалечи од следењето на нефсот, од зулумот, неправдата и сите лоши дела и поверува во Аллах теала. Оние што ги следеа желбите и страстите на својот нефс, што ги угнетуваа слабите и прекумерно се предадоа на обест, жестоко се спротивставија на тоа. Гледајќи дека на сите тие нивни расипани дела ќе им се стави крај, го одрекоа она што го објави Мухаммед алејхиселам. Му станаа непријатели нему и на оние што поверуваа. Мушриците отпрвин се потсмеваа. Потоа решија да ги засилат притисокот и мачењата. Сакаа да ги исплашат и да ги замолчат верниците и да го изгаснат повикот во исламот. На нивното чело беа Ебу Џехл, Утба, Шејба, Ебу Лехеб, Укба ибн Ебу Муајт, Ас ибн Ваил, Есвед ибн Муталиб, Есвед ибн Абду Јагус, Велид ибн Мугира…

Еден ден Утба, Шејба и Ебу Џехл му рекоа на Ебу Талиб: „Ти си наш старешина. Ние секогаш те почитуваме и те уважуваме. А сега твојот внук основал нова вера. Ги пцуе нашите идоли и нѐ обвинува за куфр. Посоветувај го. Одврати го од таа работа. Ако не се откаже, знаеме ние како ќе излеземе на крај со него…“

Ебу Талиб ги смири и ги врати, а за да не се нажали Пејгамберот, тоа го скри од него. По извесно време мушриците повторно се собраа, дојдоа кај Ебу Талиб и рекоа: „Ние и порано доаѓавме кај тебе и ти кажавме како стојат работите. Не обрна внимание на нашите зборови. А тој и понатаму продолжува да ги навредува нашите идоли. Веќе ни се исцрпи трпението. Ќе се бориме со вас двајцата до последната капка крв. Во Мека ќе исчезне или тој или ние.“ Ебу Талиб се обиде да ги смири, но тие упорно останаа во својата тврдоглавост.22

Ебу Талиб не сакаше Ресулуллах да се навреди, но не сакаше ни меѓу него и неговиот народ да избие какво било непријателство. Дојде кај Пејгамберот и рече: „О Мухаммеде! Целиот народ се обедини во непријателство кон тебе и дојдоа кај мене да се жалат. Непријателството меѓу роднини не е добро. Тие сакаат да не ги нарекуваш кафири и да не ги навредуваш велејќи дека се на погрешен пат.“ На тоа Хабиб-и екрем рече:

„Чичко! Знај дека, дури и сонцето да ми го стават во десната рака, а месечината во левата (што и да ветат), јас никогаш нема да се откажам од оваа вера, ниту од тоа да им ја пренесувам и да им ја објавувам на луѓето. Или Аллах теала ќе ја рашири оваа вера низ целиот свет и мојата должност ќе биде исполнета, или на овој пат ќе го жртвувам својот живот.“ Потоа стана. Неговите благословени очи беа полни со солзи.

Гледајќи дека Ресулуллах се нажали, Ебу Талиб се покаја за она што го рече, го прегрна околу вратот и рече: „О внуку! Продолжи по својот пат и прави што сакаш. Додека сум жив, ќе те штитам и ќе те чувам.“23

Кога десетмина од првенците на мушриците сфатија дека Ебу Талиб го штити хазрети Мухаммед, го зедоа со себе Умара ибн Велид и отидоа кај Ебу Талиб. Му изнесоа предлог што беше невозможно да се прифати: „О Ебу Талибе! Знаеш дека овој Умара е најубавиот, најсилниот и најдобриот по ахлак меѓу меканските младичи. Покрај тоа, тој е и поет. Ќе ти го дадеме тебе, нека ти служи во твоите работи. А нам, наместо Умара, дај ни го Мухаммед да го убиеме. Човек за човек! Што повеќе сакаш?“ Ебу Талиб силно се разгневи на тие зборови и рече: „Вие мене најнапред дајте ми ги своите синови. Јас нив ќе ги убијам. Потоа ќе ви го дадам својот внук.“ Тогаш мушриците сфатија колку е сериозна работата и рекоа: „Па нашите деца не го прават она што го прави тој…“ Ебу Талиб рече: „Се колнам, мојот внук е подобар од сите ваши деца. Значи, вие мене ќе ми го дадете својот син да го хранам, а моето мило чедо ќе го земете да го убиете!… Дури ни камилата не копнее по туѓо младо, ниту го штити, освен своето. Ова е далеку од секој разум и логика. Работата сега ја премина секоја мера. Кој е непријател на моето мило чедо Мухаммед (алејхиселам), и јас сум негов непријател. Така да знаете, па правете што можете!“24 Мушриците гневно станаа од местата и си отидоа. Ебу Талиб веднаш ги собра синовите на Хашим и синовите на Абдулмуталиб. Им раскажа како стојат работите и ги убеди да му помогнат на нашиот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем). Рацете што ќе се кренат да го убијат Ресулуллах ќе бидат скршени. За тоа се обединија против мушриците. Само Ебу Лехеб не им се придружи. Ебу Талиб им рече: „О јунаци! Утре секој од вас нека запаше меч и тргнете по мене!“

„Чичко! Знај дека, дури и сонцето да ми го стават во десната рака, а месечината во левата (што и да ветат), јас никогаш нема да се откажам од оваа вера, ниту од тоа да им ја пренесувам и да им ја објавувам на луѓето. Или Аллах теала ќе ја рашири оваа вера низ целиот свет и мојата должност ќе биде исполнета, или на овој пат ќе го жртвувам својот живот“ Нашиот сакан Пејгамбер Мухаммед алејхиселам

Утредента Ебу Талиб отиде до куќата на Пејгамберот и сите заедно тргнаа кон Харем-и шериф. По нив одеа јунаците од синовите на Хашим. Стигнаа до Кааба и застанаа наспроти мушриците. Ебу Талиб им рече на мушриците: „О курејшиска дружино! Слушнав дека сте решиле да го убиете мојот внук. Знаете ли дека овие младичи зад мене, со рацете на мечевите, нетрпеливо чекаат мој знак? Се колнам, ако го убиете Мухаммед, ниеден од вас нема да оставам жив!…“ Потоа почна да кажува стихови во пофалба на нашиот сакан Пејгамбер. Мушриците што беа таму, предводени од Ебу Џехл, се разотидоа.