Мојот сакан Пејгамбер

Патувањето Мека – Таиф

Со намера повторно да дојдат следната година во месецот зулхиџе, побараа од нашиот Пејгамбер дозвола да се вратат во својата земја и заминаа. Овие шестмина што штотуку станаа муслимани беа: Укба ибн Амир, Ес’ад ибн Зурара, Авф ибн Харис, Рафи ибн Малик, Кутба ибн Амир и Џабир ибн Абдуллах (радијаллаху анхум).1

Кога шестмината што станаа муслимани се вратија во Медина кај својот народ, веднаш почнаа да раскажуваат за исламот и за нашиот Пејгамбер и да го повикуваат народот да влезе во верата ислам. Во тоа отидоа толку далеку што во Медина не остана ниедна куќа во која не се зборуваше за нашиот Пејгамбер и за исламот. Така исламот се рашири меѓу племето Хазреџ, а муслимани станаа и некои луѓе од племето Евс.

Повикот на жителите на Таиф во иман

Иако видоа многу муџизи од нашиот сакан Пејгамбер, мушриците од инает не примаа иман; напротив, не престануваа да ги вознемируваат и угнетуваат своите деца, браќа, роднини и пријатели што станаа муслимани. Нивниот зулум и мачењата, што стануваа сѐ пожестоки, многу го нажалија нашиот сакан Пејгамбер. Намисли да отиде во Таиф, што се наоѓа близу до Мека, и да ги повика неговите жители во исламот. Затоа го зеде со себе Зејд ибн Хариса и отиде во Таиф.

Се сретна со таифските првенци, синовите на Амр: Абду Јалил, Хабиб и Месуд. Им го објасни исламот и побара од нив да поверуваат во Аллах теала. Тие не само што не поверуваа, туку и го навредуваа, па уште рекоа: „Зарем Аллах теала не најде никој друг освен тебе за да го испрати како пејгамбер? Зарем Аллах теала е немоќен да испрати некој друг освен тебе како пејгамбер? Излегувај од нашата земја и оди каде што сакаш!.. Твојот народ не го прифати она што го зборуваш, па затоа дојде овде, нели? Се колнеме дека и ние ќе се држиме далеку од тебе. Нема да ти исполниме ниедна желба.“

Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) си отиде од нив нажален. Десет дена или еден месец го повикуваше племето Секиф во исламот, но не само што никој од нив не поверува, туку и го исмеваа, го мачеа и му свиркаа. Децата и младичите ги наредија покрај патот по кој требаше да мине, ги натераа да се нафрлат врз него и да го засипуваат со камења. Хазрети Зејд со своето тело го заклонуваше нашиот Пејгамбер од камењата што ги фрлаа таифските младичи и се трудеше да не му се случи никакво зло. Хазрети Зејд се вртеше околу нашиот сакан Пејгамбер и се мачеше камењата да не го допрат. За да не му се случи зло на неговото благословено тело, не обрнуваше внимание на камењата што го погодуваа самиот него. Зарем тој не чекаше токму во тие денови прилика да го жртвува својот живот? Ете, сега го каменуваа Предводникот на световите и, вознемирувајќи го и мачејќи го, се обидуваа да го истераат од својата земја.

Колку повеќе хазрети Зејд трчаше лево и десно за да го заштити Пејгамберот, толку повеќе камењата го погодуваа, еден по друг, во главата, во телото и во нозете. Затоа хазрети Зејд беше сиот во крв. Ја вложуваше сета своја сила за да го заштити својот сакан Пејгамбер и колку што го носеше грлото им викаше на насилниците што фрлаа камења: „Немојте!.. Не удирајте!.. Тој е Предводникот на световите! Тој е Ресулуллах! Мене исечете ме на парчиња, само нашиот Пејгамбер нека не го снајде никакво зло!“ Камењата што летаа преку Зејд ибн Хариса и го погодуваа Ресулуллах ги облеаја во крв неговите благословени нозе.

Нажален, уморен и ранет, нашиот сакан Пејгамбер се приближи до лозјето на двајца браќа по име Утба и Шејба. Таму Ресулуллах, за кого сите верници сакаа да ги жртвуваат своите животи, ја избриша крвта што течеше од неговите благословени нозе.

Зеде абдест и под едно дрво клања намаз од два реката. Потоа ги крена своите благословени раце и почна да упатува дова, преклинувајќи го својот Господар.

Сопствениците на лозјето го гледаа тоа. Видоа што го снајде Ресулуллах и беа сведоци на неговата осаменост во туѓина. Се разбуди во нив сочувството. По својот роб по име Адас му испратија грозје. Кога почна да јаде од грозјето, нашиот сакан Пејгамбер ја изговори бесмелата. Робот што го донесе грозјето беше христијанин. Кога ја слушна бесмелата, се зачуди и праша: „Со години сум овде и од никого не сум чул такви зборови. Каков е тој говор?“

Ресулуллах праша: „Од каде си?“ Адас рече: „Од Ниневија сум.“ Ресулуллах рече: „Значи, ти си од земјата на Јунус (алејхиселам).“ Адас рече: „Од каде го знаеш ти Јунус? Овде никој не го знае.“ Ресулуллах рече: „Тој е мој брат. И тој, како и јас, беше пејгамбер.“

Адас рече: „Сопственикот на ова убаво лице и на овие слатки зборови не може да биде лажго. Поверував дека ти си Ресулот на Аллах.“ Стана муслиман и рече: „Ја Ресулаллах! Со години им служев како роб на овие насилници, на овие лажговци. Го јадат правото на секого. Го мамат секого. Немаат ниедна добра страна. За да собираат световни добра и да ги задоволат своите страсти, подготвени се на секаква подлост. Ги мразам. Сакам да тргнам со вас, да се удостојам да ви служам, да бидам цел на непочитувањето што ќе ви го покажуваат незналците и глупаците и да се жртвувам за да го заштитам вашето благословено тело.“2

Ресулуллах се насмевна и рече: „Засега остани кај своите сопственици! Наскоро ќе го слушнеш моето име насекаде. Тогаш дојди кај мене.“

„Немојте!.. Не удирајте!.. Тој е Предводникот на световите! Тој е Ресулуллах! Мене исечете ме на парчиња, само нашиот Пејгамбер нека не го снајде никакво зло!“ Зејд ибн Хариса (радијаллаху анху)

Откако малку се одморија, тргнаа кон Мека. Кога до Мека остануваше растојание од два конака, виде дека еден облак ги засенува со својата сенка. Кога внимателно погледна, сфати дека тоа е Џибрил алејхиселам. Овој настан нашиот сакан Пејгамбер подоцна ѝ го раскажа на нашата мајка Аиша Сидика.

Во „Сахих-и Бухари“ и во „Муснед“ на Ахмед ибн Ханбел е соопштено следново: еден ден нашата мајка хазрети Аиша праша: „Ја Ресулаллах! Дали ти помина некој ден потежок од денот на Ухуд?“ Ресулуллах вака одговори: „Се колнам во Аллах, од твојот народ претрпев такви маки какви што не претрпев ни од кафирите во газата Ухуд. Кога му се понудив на Ибн Абду Јалил ибн Абду Кулал (односно кога му го соопштив своето пејгамберство и го повикав во верата), не прифати. Си отидов од нив со толку големо страдање што не дојдов на себе сѐ додека не стигнав до местото наречено Карнус-Сеалиб. Таму ја кренав главата. Видов дека еден облак ја спушта својата сенка врз мене. Погледнав, а во облакот стои Џибрил (алејхиселам). Ме повика и рече: ‚О Мухаммеде! Хазрети Хак теала ги чу зборовите на твојот народ за тебе. Дозна и дека не сакаат да те заштитат. Ти го испрати овој мелек задолжен за планините, за да му наредиш што и да сакаш.‘ И тој мелек ме повика, ми даде селам и рече: ‚О Мухаммеде! Како што рече Џибрил, хазрети Хак теала мене, мелекот на планините, ме испрати кај тебе, за да ми наредиш што и да сакаш. Подготвен сум за твојата наредба. Ако сакаш овие две стрмни планини (ридот Куајкијан и ридот Ебу Кубејс) да се спојат една со друга, така што ќе се урнат врз Меканците (и сосема ќе ги смачкаат мушриците), нареди, па ќе ги спојам.‘ Јас не се согласив, туку реков: ‚(Не! Јас сум испратен како милост на световите.) Упатувам дова Аллах теала од потомството на овие мушрици да изведе поколение што ќе Му прави ибадет само на Џенаб-и Хак и нема да Му припишува на Аллах теала ништо како ортак.‘“

Враќајќи се од Таиф во Мека, Пејгамберот малку се одмори во местото наречено Нахла. Во еден миг застана на намаз. Една група џинови од Нусајбин, минувајќи оттаму, ги чу ајетите од Чесниот Кур’ан што ги читаше нашиот сакан Пејгамбер, па застанаа и слушаа. Потоа разговараа со Пејгамберот и станаа муслимани. Пејгамберот им рече: „Кога ќе стигнете кај својот народ, пренесете им го и ним мојот повик во иман. Повикајте ги и нив во иман.“

Кога тие џинови отидоа кај својот народ и го известија за тоа, сите џинови што го слушнаа поверуваа.3 За тоа се зборува во Чесниот Кур’ан, во сурата Џин, и во познатите збирки на хадис-и шерифи наречени „Бухари“ и „Муслим“.

Кога се приближи до Мека, верниците му порачаа на Ресулуллах: „Курејшиите слушнаа за грдото постапување на таифските подлеци кон вас. Ако дојдете сега, би можеле да го засилат својот зулум.“ Кога стигна до Хира, Пејгамберот испрати еден човек кај Сухејл ибн Амр, со молба да го земе под своја заштита. Бидејќи тој несреќник не прифати, му порача на Мутим ибн Адиј. Тој ја прифати оваа молба. Хабиб-и екрем и Небиј-и мухтерем влезе во Мека под заштита на Мутим ибн Адиј. Мутим ги извести за тоа и Курејшиите. Ресулуллах направи таваф околу Бејт-и шериф и го бакна Хаџер-и есвед. По неколку дена му рече на Мутим: „Повеќе нема да останувам под твоја заштита.“ Мутим го прифати тоа. Џенаб-и Хак го чуваше Својот Хабиб под Својата заштита.

Спасете се велејќи „Ла илахе иллаллах“

Ресулот алејхиселам продолжи да ги повикува луѓето на вистинскиот пат. На тоа мушриците повторно подивеја и почнаа да ги мачат и угнетуваат муслиманите уште повеќе од порано. Тогаш Џенаб-и Хак му нареди на Пејгамберот во времето на посетата на Кааба да се среќава со арапските племиња што доаѓаат на посета и да ги повикува во исламот. По оваа наредба нашиот сакан Пејгамбер почна да оди на панаѓурите Зул-Меџаз, Указ и Меџена, што се одржуваа во околината на Мека.

Често одеше таму и ги повикуваше племињата кон единственоста на Аллах теала и кон ибадет кон Него, и им велеше да прифатат дека тој е пејгамбер. Им соопштуваше дека, ако прифатат, Џенаб-и Хак ќе им го даде џенетот. За жал, на овие повици, што Пејгамберот ги упатуваше речиси преклинувајќи, никој од нив не обрнуваше внимание; некои се однесуваа грубо и го навредуваа, а некои се мрштеа и изговараа грди зборови. А курејшиските мушрици одеа по него и ги расипуваа племињата што ги обиколуваше.

Според она што го соопштија имам Ахмед, Бејхеки, Табарани и Ибн Исхак, Ребиа ибн Абад пренесе: „Бев млад. Со татко ми отидов на Мина. Ресулот алејхиселам одеше на местата каде што беа сместени арапските племиња и велеше: ‚О синови на тој и тој! Јас сум ресул на Аллах теала, кој ви наредува да ги исфрлите овие идоли на кои им се поклонувате и да Му правите ибадет на Аллах теала не припишувајќи Му никаков ортак, да верувате во мене и да ме потврдите и да ме штитите додека не ја објаснам и не ја извршам должноста со која сум испратен од Хак теала!…‘

По него одеше еден човек со разроки очи и со плетенки на косата и велеше: ‚О синови на тој и тој! Овој ве одвраќа од поклонувањето на нашите идоли Лат и Узза и ве повикува во вера што самиот ја измислил!.. Пазете се! Не слушајте го и не покорувајте му се!..‘ Го прашав татко ми: ‚Кој е овој што оди по него?‘ Рече: ‚Тоа е неговиот чичко Ебу Лехеб.‘“

Табарани пренесе од Тарик ибн Абдуллах: „Го видов Ресулот алејхиселам на панаѓурот Зул-Меџаз. За да го слушнат луѓето, им се обраќаше со висок глас: ‚О луѓе! Кажете „Ла илахе иллаллах“ (нема бог освен Аллах теала) и спасете се!‘ А еден човек што одеше по него му фрлаше в нозе камења што ќе му паднеа в рака и велеше: ‚О народе! Не верувајте!.. Пазете се од него! Зашто тој е лажго!..‘ Иако камењата што го погодуваа му ги облеаја во крв благословените нозе, тој сепак, без да клоне и без да се умори, го продолжуваше својот повик. Луѓето прашаа: ‚Кој е овој младич?‘ Некој одговори: ‚Еден младич од синовите на Абдулмуталиб.‘ Кога прашаа: ‚Кој е тој што фрла камења?‘, рече: ‚Неговиот чичко Ебу Лехеб.‘“

Имам Бухари во „Тарихул-кебир“ и Табарани во „Му’џемул-кебир“ наведуваат: Мудрик ибн Муниб пренесе од својот татко, а тој од неговиот дедо, кој рече: „Со татко ми дојдовме на Мина и таму се сместивме. Наидовме на една група. Еден човек им велеше: ‚О луѓе! Кажете Ла илахе иллаллах и спасете се!‘ Некои од луѓето околу него плукаа во тоа негово убаво лице, некои му фрлаа земја на главата, а некои го пцуеја и го навредуваа со разни зборови. Тоа траеше до пладне. Тогаш таму дојде едно девојче со сад за вода в рака. Кога го виде во таква состојба, почна да плаче. Тој човек се напи вода, се сврте кон девојчето и рече: ‚Ќерко моја! Не плаши се дека татко ти ќе биде намамен во стапица и убиен или дека ќе биде понижен!‘ Тогаш ги прашавме оние што беа таму: ‚Кој е овој, а кое е тоа девојче?‘ Рекоа: ‚Ова е Мухаммед од синовите на Абдулмуталиб, а она покрај него е неговата ќерка Зејнеб.‘“

„Тој (Јунус алејхиселам) е мој брат. И тој, како и јас, беше пејгамбер“ Хадис-и шериф

Саид ибн Јахја ибн Саид Емеви во своето дело „Мегази“ пренесе од својот татко. А тој пренесе од Ебу Нуајм и од Абдурахман Амири, а Абдурахман Амири од многу луѓе. Тие рекоа: еден ден нашиот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем) отиде на панаѓурот Указ. Дојде кај племето Бени Амир и ги праша: „О Бени Амир! Каква е кај вас заштитата за оние што ќе најдат засолниште кај вас?“ Тие рекоа: „Никој не смее ни збор да ни добаци, никој без наше знаење не може да се стопли на нашиот оган!..“ Пејгамберот рече: „Јас сум ресул на Аллах теала. Ако дојдам кај вас, ќе ме штитите ли додека не им ја пренесам на луѓето должноста на пејгамберството што ми ја даде мојот Господар?“ Прашаа: „Од кои Курејшии си?“ Кога Пејгамберот рече: „Од синовите на Абдулмуталиб“, тие рекоа: „Штом си од синовите на Абдулмуталиб, зошто тие не те штитат?“ Ресулуллах рече: „Тие се први меѓу оние што ме нарекоа лажго.“ Групата Бени Амир рече: „О Мухаммеде! Ниту ќе те отфрлиме, ниту ќе поверуваме во она што го донесе. Но ќе те штитиме додека не им ја пренесеш на луѓето својата должност на пејгамберството.“

На тоа Пејгамберот седна кај нив. Тогаш еден од првенците на Бени Амир, Бејхара ибн Фарис, откако ја заврши својата трговија на панаѓурот, дојде кај нив и, покажувајќи на Пејгамберот, ги праша присутните: „Кој е овој?“ Рекоа: „Тоа е Мухаммед ибн Абдуллах.“ Кога Бејхара рече: „Што имате вие со него, па сте го посадиле покрај себе?“, рекоа: „Најде засолниште кај нас, вели дека е ресул на Аллах и бара да го штитиме додека не им ја пренесе на луѓето должноста на пејгамберството.“ На тоа Бејхара се сврте кон Пејгамберот и рече: „Да те земеме под заштита значи да ги изложиме своите гради на стрелите на сите Арапи.“ А на својот народ му рече: „Нема племе што се вратило во својата земја со нешто полошо од вас. Значи, вие ќе војувате со сите Арапи и ќе ги изложувате своите тела на нивните стрели, а!.. Да видел неговиот народ некакво добро во него, прво самите ќе го штителе. Вие се обидувате да го засолните и да му помогнете на човекот што неговиот народ го нарече лажго и го оддалечи од себе!.. Многу погрешно размислувате!..“

Потоа тој несреќник се сврте кон нашиот сакан Пејгамбер и се дрзна да рече: „Веднаш оддели се од нас и врати се кај својот народ!.. Се колнам, да не беше меѓу мојот народ, сега ќе ти ја отсечев главата!..“ По овие зборови Предводникот на световите, во голема тага, се качи на својата камила. А тој дрзок Бејхара го турна Ресулуллах од камилата. Гледајќи го тој настан, една жена од Есхаб-и кирам по име Дабаа бинт Амир извика и им се обрати на своите роднини: „Како можете да го сметате за дозволено ова што му се прави на Хабибот на Аллах теала? Зарем нема никој што, заради мене, ќе го спаси Ресулуллах од рацете на овие луѓе?“ Тројца од нејзините братучеди веднаш се нафрлија врз несреќниот Бејхара. Иако двајца од народот на Бејхара сакаа да му помогнат, другите ги изудираа и ги истепаа Бејхара и неговите помагачи. Набљудувајќи го тоа, нашиот сакан Пејгамбер упати дова за тие тројца што се тепаа за него: „Господаре мој! Подари им го Својот берекет на овие луѓе!“, а за Бејхара и неговите помагачи: „Господаре мој! Оддалечи ги и нив од Својата милост!“

Оние за кои упати добра дова се удостоија да станат муслимани, а другите умреа како кафири. Кога припадниците на племето Бени Амир се вратија во својата земја, му раскажаа што им се случи во Мека на еден старец од нивното племе што ги беше читал небесните книги. Кога тој човек го слушна името на Пејгамберот, ги прекори: „О Бени Амир! Што направивте? Никој од синовите на Исмаил досега не тврдел лажно дека е пејгамбер. Нема сомнение, она што го зборуваше беше вистинито и исправно. Оваа пропуштена прилика сега е многу тешко да се надомести!..“

Додека со Џибрил разговор водеше,
Рефреф дојде пред него и му даде селам,
Тогаш го зеде тој владетел на светот
И веднаш го однесе до Сидре.

„О луѓе! Кажете Ла илахе иллаллах и спасете се!“ Хадис-и шериф

Исра и Мираџ