Мојот сакан Пејгамбер

БЕЈАТИТЕ НА АКАБА

Првиот бејат на Акаба

Во единаесеттата година од бисетот, во месецот зулхиџе, Ес’ад ибн Зурара и единаесет негови другари повторно дојдоа во Мека во времето на хаџот. Од нивната претходна средба со Предводникот на световите беше поминала цела година. Таа година мушриците им нанесуваа на муслиманите повеќе зло и маки отколку која и да е година дотогаш. Постојано го следеа Ресулуллах и го мачеа секого што ќе зборуваше со него. Кога го дознаа тоа, жителите на Медина се договорија со нашиот Пејгамбер да се сретнат ноќе на Акаба. Кога падна ноќта, се сретнаа. Му ја изразија својата приврзаност, ветија дека ќе им се покорат на сите негови наредби и желби и му дадоа бејат. Со тој договор се обврзаа „дека нема да Му припишуваат ортак на Аллах теала, дека нема да прават блуд, дека нема да крадат, дека ќе се чуваат од клевета и дека нема да ги убиваат своите деца од страв од срам и од немаштија“.1

Нашиот сакан Пејгамбер ги постави овие дванаесетмина, од кои двајца беа од племето Евс, а другите од племето Хазреџ, за претставници на нивните племиња. Тие требаше на своите племиња да им го објаснуваат исламот и во нивно име да бидат гаранти пред Ресулуллах. Ес’ад ибн Зурара беше одреден за претставник на сите нив. Петмината што минатата година беа на средбата на Акаба и седуммината што штотуку го примија исламот беа: од синовите на Малик ибн Неџар – Ес’ад ибн Зурара, Авф ибн Харис и Муаз ибн Харис; од синовите на Зурејк ибн Амир – Рафи ибн Малик и Зекван ибн Абдулкајс; од синовите на Ганм ибн Авф – Убада ибн Самит; од синовите на Гусајна – Језид ибн Салеба; од синовите на Аџлан ибн Зејд – Абас ибн Убада; од синовите на Харам ибн Ка’б – Укба ибн Амир; од синовите на Севад ибн Ганм – Кутба ибн Амир; од синовите на Абдулешхел ибн Џушем – Ебул-Хејсем Малик ибн Тејихан; и од синовите на Амр ибн Авф – Увејм ибн Саида.

Сонцето што изгреа во Медина

По првиот бејат на Акаба (договорот), хазрети Ес’ад ибн Зурара и неговите другари, кога се вратија во Медина, дење и ноќе им го објаснуваа исламот на своите племиња и ги повикуваа во вистинската вера. Како плод на тој повик исламот почна брзо да се шири во Медина, и тоа толку што племињата Евс и Хазреџ, кои порано си беа непријатели, се обединија и побараа од Ресулуллах учител за подобро да го научат исламот. Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем), за да ги учи на Чесниот Кур’ан и на исламот, го испрати во Медина како учител хазрети Мус’аб ибн Умејр, еден од своите асхаби во Мека. Хазрети Мус’аб отседна во куќата на хазрети Ес’ад. Заедно одеа од куќа до куќа и на секого му зборуваа за исламот. Бараа од луѓето да го засакаат Ресулуллах и да ветат дека со сето срце ќе се трудат да го заштитат од сите негови непријатели. Така ги подготвуваа за бејатот што требаше да му го дадат на Ресулуллах. Поглавар на племето на хазрети Ес’ад ибн Зурара беше Са’д ибн Муаз, и тие беа роднини. Бидејќи тогаш кај Арапите беше обичај да не се навредуваат роднините, Са’д ибн Муаз, кој уште не беше примил иман, не отиде во куќата на хазрети Ес’ад ибн Зурара да се обиде да ја спречи таа работа. Како поглавар на племето не сакаше самиот да се меша во тоа. Затоа му рече на Усејд ибн Худајр, еден од првенците на своето племе: „Оди во нашето маало, види го тој човек што дошол и направи што ќе сметаш за добро. Да не ми беше Ес’ад син на тетка ми, немаше тоа да ти го препуштам тебе.“

Тогаш Усејд ибн Худајр го зеде копјето и отиде во куќата во која беше хазрети Мус’аб ибн Умејр. Кога стигна таму, почна гневно да зборува: „Зошто ни дојдовте? Ги мамите луѓето! Ако не сакате да останете без живот, веднаш заминете од тука!“ Гледајќи го така налутен, Мус’аб ибн Умејр му одговори многу благо и учтиво: „Седни најпрвин малку и слушни што зборуваме! Сфати што сакаме, па ако ти се допадне, ќе прифатиш. Ако не, ќе нѐ спречиш…“ Усејд се смири, рече: „Право зборуваш“, го заби копјето во земјата и седна. Ги слушаше слаткиот говор на хазрети Мус’аб, неговите зборови што продираат во срцето на човекот и ајетите од Чесниот Кур’ан што ги учеше со убав глас. Занесен, промрмори: „Колку е ова убаво!“ Потоа праша: „Што треба да се направи за да се влезе во оваа вера?“ Му објаснија, и Усејд ибн Худајр го изговори келиме-и шехадетот и стана муслиман. Не можејќи од радост да се смири на своето место, хазрети Усејд рече: „Ќе одам и ќе ви испратам еден човек. Ако тој стане муслиман, во Медина од неговиот народ нема да остане никој што не примил иман…“ – и брзо стана и си отиде. Отиде право кај Са’д ибн Муаз. Кога го виде, Са’д ибн Муаз рече: „Се колнам дека Усејд не се враќа со лицето со кое замина.“ Потоа праша: „Што направи, о Усејде?“ Бидејќи многу сакаше Са’д ибн Муаз да стане муслиман, хазрети Усејд ибн Худајр одговори: „Зборував со тој човек (со Мус’аб ибн Умејр) и не видов кај нив никакво зло. Само слушнавме дека Бени Хариса, посомневајќи се дека твојот братучед Ес’ад крие таков човек во својата куќа, тргнале да го убијат.“ Овие зборови многу го засегнаа Са’д ибн Муаз. Зашто неколку години порано, во една војна, ги победија Бени Хариса и ги принудија да се засолнат во Хајбер. Една година подоцна им простија и им дозволија да се вратат во својот крај. И покрај тоа, самата помисла дека тие така се однесуваат силно го налути Са’д ибн Муаз. А, всушност, ништо такво не постоеше. Прибегнувајќи кон ова лукавство, Усејд ибн Худајр сакаше да спречи Са’д ибн Муаз да ѝ наштети на својата тетка и на нејзиниот син Ес’ад ибн Зурара, а преку тоа и на Мус’аб ибн Умејр. Така ја подготви почвата тој да премине на нивна страна и најпосле да стане муслиман. По овие зборови на Усејд ибн Худајр, Са’д ибн Муаз скокна од своето место и отиде кај хазрети Ес’ад ибн Зурара. Кога стигна таму, виде дека Ес’ад и Мус’аб ибн Умејр седат и разговараат во најголем мир и спокој. Им се приближи и рече: „О Ес’аде! Да не беше роднинството меѓу нас, немаше да можеш да го правиш ова…“ На тие зборови хазрети Мус’аб ибн Умејр му одговори: „О Са’де! Застани малку, седни, слушни нѐ, сфати… Ако нашите зборови ти се допаднат, толку подобро; ако не ти се допаднат, нема да ти го нудиме ова, а ти ќе станеш и ќе си заминеш!“ Пред овие благи и слатки зборови Са’д ибн Муаз се смири, седна настрана и почна да ги слуша. Хазрети Мус’аб ибн Умејр на Са’д ибн Муаз најпрвин му зборуваше за исламот. Му ги објасни темелите на исламот. Потоа со сладок и убав глас му проучи малку од Чесниот Кур’ан. Колку повеќе учеше, толку повеќе се менуваше состојбата на Са’д ибн Муаз и тој се занесуваше. Пред неспоредливата речитост на Чесниот Кур’ан срцето му омекна и остана под силен впечаток. Не можејќи да се воздржи, праша: „Што правите вие за да влезете во оваа вера?“ Мус’аб ибн Умејр веднаш го научи келиме-и шехадетот. И тој стана муслиман изговарајќи: „Ешхеду ен ла илахе иллаллах ве ешхеду енне Мухаммеден абдуху ве ресулуху“. Од мирот и радоста што ги почувствува затоа што стана муслиман, Са’д ибн Муаз не можеше да се смири на своето место. Веднаш отиде дома и, како што научи, зеде гусул. Потоа побара да се собере неговиот народ. Го зеде со себе Усејд ибн Худајр и дојде на местото каде што беше народот. Обраќајќи им се на синовите на Абдулешхел, праша: „О синови на Абдулешхел! Каков сум јас според вас?“ Тие во еден глас одговорија: „Ти си нашиот поглавар и нашиот старешина, ние те следиме!“ На тие нивни зборови Са’д ибн Муаз рече: „Тогаш на сите ви соопштувам: се удостоив да станам муслиман. Сакам и вие да поверувате во Аллах теала и во Неговиот Ресул. Ако не поверувате, нема ни да зборувам ни да се гледам со ниеден од вас!…“

„Тогаш на сите ви соопштувам: се удостоив да станам муслиман. Сакам и вие да поверувате во Аллах теала и во Неговиот Ресул“ Са’д ибн Муаз (радијаллаху анху)

Сенетус-сурур (Годината на радоста)

Штом слушнаа дека нивниот поглавар Са’д ибн Муаз станал муслиман и дека и нив ги повикува во исламот, синовите на Абдулешхел сите заедно станаа муслимани. Тој ден до вечерта ги исполнуваа небесата на Медина со звуците на келиме-и шехадетот и на текбирите.2 Набргу откако синовите на Абдулешхел заедно станаа муслимани, целиот народ на Медина и племињата Евс и Хазреџ го прифатија исламот. Секоја куќа се осветли со нурот на исламот. Са’д ибн Муаз и Усејд ибн Худајр ги искршија сите идоли што им припаѓаа на нивните племиња. Кога тоа му беше соопштено на нашиот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем), многу се израдува. Муслиманите во Мека беа полни со радост. Затоа оваа година (621 од новата ера) беше наречена „Сенетус-сурур“ (година на радоста).

Есалату веселаму алејке ја Ресулаллах!
Есалату веселаму алејке ја Хабибаллах!
Есалату веселаму алејке ја Сејиделевелине велахирин!

Вториот бејат на Акаба

Во дванаесеттата година од бисетот зулумот на меканските мушрици врз муслиманите го достигна врвот и стана неподнослив. А во Медина, благодарение на трудот на Ес’ад ибн Зурара и Мус’аб ибн Умејр, припадниците на Евс и Хазреџ гореа од таква љубов и желба што беа подготвени со раширени раце да ги примат муслиманите, да ги притиснат на своите гради и за нив да поднесат секаква жртва. Посакуваа Ресулуллах што поскоро да ја почести Медина со своето доаѓање и даваа збор дека за него нема да ги штедат ни имотот ни животот. Дојде времето на хаџот. Во месецот зулхиџе, заедно со Мус’аб ибн Умејр, од Медина во Мека дојдоа 73 муслимани и 2 муслиманки. По хаџот сите повторно се сретнаа со нашиот Пејгамбер на Акаба. Дванаесетте претставници, меѓу кои и Ес’ад ибн Зурара, во името на своите племиња го замолија нашиот Пејгамбер и му предложија да направи хиџра во Медина. Ресулуллах им проучи неколку ајет-и керими од Чесниот Кур’ан, а потоа побара од нив цврст збор дека ќе го чуваат така како што ги чуваат и ги пазат своите животи, своите жени и деца. Таму беше и чичкото на Ресулуллах, хазрети Абас, кој уште не беше муслиман. На собранието што дојде заради бејатот им се обрати со овие зборови: „О жители на Медина! Ова е синот на мојот брат. Меѓу луѓето него најмногу го сакам. Ако го сметате за вистинољубив и ако верувате во она што го донел од Аллах и сакате да го поведете со себе, мора да ми дадете цврст збор што ќе ме смири. Како што знаете, Мухаммед алејхиселам е од нас. Ние го заштитивме од оние што не веруваат во него. Тој живее меѓу нас заштитен, во углед и чест. И покрај сето тоа, тој им сврте грб на сите и реши да ви се придружи и да тргне со вас. Ако имате толкава воена сила за да им се спротивставите на сите арапски племиња кога ќе се обединат и ќе ве нападнат, тогаш зафатете се со оваа работа. Добро договорете се и посоветувајте се за тоа меѓу себе, за подоцна да не се разделите. Ќе останете ли на дадениот збор и ќе можете ли да го заштитите од неговите непријатели? Ако тоа можете да го направите како што доликува, толку подобро. А ако ќе го оставите сам откако ќе излезете од Мека, откажете се уште сега, за да живее во својот роден крај заштитен, во чест.“ Овие зборови на хазрети Абас ги нажалија муслиманите од Медина. Како да слушнаа зборови според кои, кога ќе го однесат Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) во својот крај, нема да можат да го заштитат од мушриците и ќе го напуштат кога ќе им дојде тешко. Од асхабите од Медина хазрети Ес’ад ибн Зурара се сврте кон Пејгамберот и рече: „Ја Ресулаллах! Ако дозволите, имам неколку зборови. Дозволете да ги изнесам пред вашата возвишена личност.“ Кога Гордоста на вселената му дозволи, хазрети Ес’ад рече: „Нека ти бидат жртва и татко ми и мајка ми, ја Ресулаллах! Секој повик има свој благ или строг пат и начин. Сега вие нѐ повикувате кон нешто што луѓето многу тешко го прифаќаат. Зашто за луѓето е многу тешко да ги остават идолите на кои им се поклонуваат од дамнина и да го примат исламот. И покрај тоа, ние го прифативме исламот со сето свое срце. Потоа ни наредивте да ги прекинеме врските со роднините што се мушрици, и тоа го прифативме искрено. Знаете дека и тоа е многу тешко да се прифати. Пред вашата возвишена личност, која дури ни вашите чичковци не ја заштитија, туку ѝ станаа непријатели, ги раширивме рацете и оваа чесна должност ја сметавме за себе ваџиб и неопходност. Сите сме сложни во овие зборови. Што и да зборуваме со јазикот, тоа го потврдуваме со срцето. Се колнеме дека вашето благословено тело ќе го чуваме до последната капка крв, како што ги чуваме своите жени и деца. Ако го прекршиме овој завет, нека бидеме меѓу несреќниците што не останаа на зборот даден на Аллах теала. Ја Ресулаллах! Ние сме искрени во овој наш збор. Нека Аллах теала даде успех!“ Потоа продолжи: „Ја Ресулаллах! Можете да земете од нас гаранција каква што сакате за себе и да поставите услови.“

Пејгамберот ги поттикна кон исламот и им проучи од Чесниот Кур’ан. Потоа рече: „Мојот услов од вас за мојот Господар е да Му правите ибадет на Аллах теала и ништо да не Му припишувате како ортак. А мојот услов за мене и за моите асхаби е да нѐ примите кај себе, да ми бидете помагачи мене и на моите асхаби и да нѐ браните и нас од она од што се браните и се чувате себеси.“

Бера ибн Марур рече: „Се колнам во Аллах теала, кој те испрати како пејгамбер со вистинската вера и со Книгата, дека и тебе ќе те браниме како што ги браниме и ги чуваме своите жени и деца! Земи бејат од нас, ја Ресулаллах!“ Од муслиманите од Медина Абас ибн Убада, за да го зацврсти договорот склучен со Пејгамберот, им рече на своите другари: „О Хазреџии! Знаете ли зошто го прифаќате Мухаммед алејхиселам?“ Тие одговорија: „Да.“ Тогаш тој рече: „Вие го прифаќате и го следите и во време на мир и во време на војна. Ако ќе го оставите нашиот Пејгамбер сам и без помош кога вашиот имот ќе претрпи штета и кога вашите роднини и најблиски ќе загинат, направете го тоа уште сега. Аллах ми е сведок, ако направите такво нешто, ќе пропаднете и на овој свет и на ахиретот! А ако сте уверени дека ќе му останете верни во она кон што повикува, иако ќе ви пропадне имотот и иако ќе ви бидат убиени најблиските роднини, тогаш држете се до него. Аллах ми е сведок, тоа е добро и за вашиот овој свет и за вашиот ахирет.“ На тоа неговите другари рекоа: „Нема да се откажеме од нашиот Пејгамбер, макар да ни пропадне имотот и макар да ни загинат најблиските. Никогаш нема да се одвоиме од него. Подобро смрт отколку враќање назад!“

„Ако го прекршиме овој завет, нека бидеме меѓу несреќниците што не останаа на зборот даден на Аллах теала. Ја Ресулаллах! Ние сме искрени во овој наш збор. Нека Аллах теала даде успех!“ Ес’ад ибн Зурара (радијаллаху анху)

Потоа се свртеа кон Пејгамберот и прашаа: „Ја Ресулаллах! Ако го исполниме овој завет, што нѐ чека нас?“ Тогаш нашиот сакан Пејгамбер рече: „Задоволството на Аллах теала и џенетот!“ Секој од нив даде збор како претставник и полномошник на својот народ. Најпрвин хазрети Ес’ад ибн Зурара рече: „Давам бејат дека ќе го исполнам зборот даден на Аллах теала и на Неговиот Ресул и дека ќе го остварам своето ветување да му помагам со својот живот и со својот имот“, и се ракува. По него секој на ист начин го даде бејатот и го изрази своето задоволство и својата покорност со зборовите: „Го прифативме повикот на Аллах теала и на Неговиот Ресул, слушнавме и се покоривме.“ Така, без двоумење, ги ставија своите животи и имоти на патот на Ресулуллах. Бејатот со жените беше направен само со збор. Нашиот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем) зеде од нив збор „дека ништо нема да Му припишуваат како ортак на Аллах теала, дека нема да крадат, да клеветат ни да прават блуд, дека нема да ги убиваат своите деца, дека нема да лажат и дека нема да им се противат на добрите дела…“ Додека жителите на Медина му даваа бејат на Пејгамберот, од ридот Акаба еден глас извика: „О вие што сте се сместиле во Мина! Пејгамберот и муслиманите од Медина се договорија да војуваат против вас!“ Пејгамберот за тој глас рече: „Ова е шејтанот на Акаба“, а на оној што викаше му рече: „О непријателу на Аллах теала! Ќе се пресметам и со тебе!“ А на жителите на Медина што дадоа бејат им рече: „Вратете се веднаш во своите конаци.“ Абас ибн Убада рече: „Ја Ресулаллах! Се колнам, ако сакаш, утре наутро ќе тргнеме против кафирите што се во Мина и сите ќе ги исечеме со мечовите.“ Пејгамберот се израдува на тоа, но рече: „Нам уште не ни е наредено да постапиме така. Засега вратете се на своите места.“ Според преданието што имамот Несаи го пренесува од Абдуллах ибн Абас, оние од енсарите што беа на бејатот на Акаба станаа и мухаџири со тоа што дојдоа кај Ресулуллах.3

Чемпресот се горди и не ја слуша молбата на гугутката,
освен ако го фати за скутот, му падне пред нозе и го замоли вода.
Розата сака да ја испие крвта на славејот,
освен ако на некој начин во наравта на нејзината гранка влезе и го спаси вода.
Својата чиста природа ја покажа пред сите луѓе на светот,
по патот на Ахмед-и Мухтар тргна вода.
Предводникот на човечкиот род, море од бисери на одбраноста –
неговите муџизи за огнот на злосторниците се вода.
За да го обнови сјајот на ружината градина на пејгамберството,
преку неговата муџиза од тврда карпа потече вода.
Неговата муџиза на светот е море без брег,
од него и до огништата на кафирите стигна вода.
Кој ќе го чуе ова, од чудо прстот ќе си го гризе:
во тешкиот ден, на енсарите од неговите прсти им потече вода.