Мојот сакан Пејгамбер

НАСТАНОТ КАЈ ХУДЕЈБИЈА

Намерата – умра, исходот – Худејбија

Беше месецот зулкаде во шестата година по хиџрата. Една ноќ Небиј-и мухтерем (саллаллаху алејхи ве селлем) во сонот виде како со Есхаб-и кирам отишол во Мека-и мукерреме и ја обиколил со таваф Кааба-и муаззама, како едни од нив си ја скратиле косата, а други си ја избричиле главата. Кога Ресулуллах им го раскажа овој сон на своите асхаби, тие многу се возбудија. По хиџрата за прв пат ќе одеа во Мека, нивниот убав роден крај, каде што се родија и пораснаа и кој беше полн со горчливи и слатки спомени. Ќе ја посетеа светата Кааба, кон која се свртуваа во петте дневни намази и по која копнееја, и ќе ја обиколеа со таваф. Каква убава радосна вест беше тоа… Штом ја примија радосната вест на нашиот сакан Пејгамбер: „Вие сигурно ќе влезете во Месџидул Харам!“, Есхаб-и кирам веднаш почнаа со подготовките. Откако ги заврши подготовките, Хабиб-и екрем го остави во Медина Абдуллах ибн Уму Мектум како заменик. Во првиот понеделник од месецот зулкаде се качи на својата камила по име Касва. Заедно со илјада и четиристотини асхаби што се подготвија за патот, се простија со оние што остануваа во Медина. Донесоа нијет за умра и тргнаа кон светиот град Мека. Со себе ги зедоа своите мечеви, како оружје за патници, и седумдесет камили за колење. Од луѓето во караванот двесте беа на коњи, а четири беа жени од асхабите. Една од тие жени беше благословената и чиста сопруга на нашиот сакан Пејгамбер, нашата мајка хазрети Уму Селема. Кога стигнаа до микатот наречен Зул-Хулејфа, облекоа ихрам и го клањаа пладне-намазот. Потоа на камилите што ќе бидат заклани им ги обележаа ушите и им врзаа јажиња околу вратот. На Наџија ибн Џундуб Еслеми му беа дадени помошници и му беше доверено да се грижи за камилите. Абад ибн Бишр беше поставен за командант на коњички одред од дваесет луѓе и беше испратен напред во извидница. Бишр ибн Суфјан беше испратен во Мека како гласник.1 Нашиот сакан Пејгамбер и јуначките асхаби, облечени во ихрам и обвиени во бело, почнаа да Му оддаваат фалба на Аллах теала, да ја потврдуваат возвишеноста на Неговото достоинство и да Го преколнуваат:

„Лебејк, Аллахумме лебејк! Лебејк, ла шерике леке лебејк! Инел-хамде вен-нимете леке вел-мулк, ла шерике лек!“

(Еве ме, Аллаху мој, еве ме! На Твојот повик Ти се одѕвав со зборот и со сето свое битие, одново и одново, и се покорив на Твојата наредба. Ти немаш соучесник, со сето свое битие се свртев кон Тебе. Фалбата и благодатта Ти припаѓаат само Тебе. И власта е Твоја. Ти немаш ортак.) Од оваа благословена телбија одекнуваа земјата и небото, а Зул-Хулејфа се обви во нурна атмосфера. Сите беа возбудени и ја напуштија Зул-Хулејфа за што побрзо да стигнат во Мека.

На патот хазрети Омер и хазрети Са’д ибн Убада му пријдоа на Хабиб-и екрем и ја изразија својата загриженост: „Ја Ресулаллах! Зар ќе одиме ненаоружани против луѓе што се во војна со тебе? Се плашиме дека Курејшиите ќе ве нападнат и ќе му нанесат штета на вашето благословено тело!…“ Предводникот на двата света им рече: „Јас донесов нијет за умра. Во таа состојба не сакам да носам оружје.“

Патувањето минуваше мирно. Свраќаа кај разни племиња покрај патот, а Пејгамберот ги повикуваше во исламот. Едни се устручуваа да прифатат, а други праќаа подароци. Така ја поминаа половината пат и стигнаа до местото наречено Гадирул-Ештат, зад Усфан. Тука се врати хазрети Бишр ибн Суфјан, на кого претходно му беше доверено да им однесе вест на Меканците и кој разговараше со Курејшиите. Тој му раскажа на Пејгамберот што видел: „Ја Ресулаллах! Курејшиите слушнале дека доаѓаш. Од страв приредиле гозби за околните племиња и побарале од нив помош. Испратиле кон вас во извидница коњички одред од двесте луѓе. Околните племиња го прифатиле тоа барање и се собрале во Белдах. Собрале многу војска и се заколнале дека нема да ве пуштат во Мека.“

На оваа вест Предводникот на световите многу се нажали и рече: „Курејш пропадна. Војната веќе ги изеде и ги уништи… Мислат ли курејшиските мушрици дека имаат некаква сила? Се колнам во Аллах, никогаш нема да престанам да се борам со нив, сѐ додека оваа вера, за чие ширење ме испрати Аллах теала, не надвладее и не се издигне над сѐ, сѐ додека главата не ми се одвои од телото!“ Потоа се сврте кон своите јуначки асхаби и ги праша за нивното мислење и став за ова. Славните асхаби, кои со сето свое битие му се беа посветиле на Ресулуллах, рекоа: „Аллах теала и Неговиот Ресул подобро знаат. Нашите животи нека ти се жртва, ја Ресулаллах! Ние тргнавме на пат со намера да направиме таваф околу Бејтуллах. Не дојдовме ни да убиеме некого, ни да се бориме. Но ако сакаат да нѐ спречат да ја посетиме Кааба, сигурно ќе се бориме со нив и ќе стигнеме до својата цел!…“ Оваа решителност на Есхаб-и кирам му се допадна на нашиот сакан Пејгамбер. Рече: „Ајде тогаш, тргнете со благородното име на Аллах теала!…“ Асхабите, собрани околу Пејгамберот, изговорија телбија: „Лебејк, Аллахумме лебејк!…“ и текбир: „Аллаху екбер! Аллаху екбер!…“ и тргнаа напред кон Мека.

Едно пладне Билал Хабеши со сета убавина на својот глас го проучи езан-и Мухаммеди и објави дека настапило времето за намаз. Во тоа време таму стигна курејшискиот коњички одред од двесте луѓе, застана меѓу Мека и асхабите и зазеде положба подготвен за напад. И покрај тоа, Предводникот на световите со своите возвишени асхаби се нареди во сафови и застана на намаз. Глетката на околу илјада и четиристотини асхаби, кои во сафови неподвижно стоеја на кијам зад нашиот сакан Пејгамбер и се наведнуваа на руку’, беше вредна за гледање. А тоа што сите заедно паѓаа на сеџде личеше на величествена планина што се наведнува и повторно се исправа.

„Се колнам во Аллах теала, што и да побара Курејш од мене, ќе прифатам, под услов да се почитува Бејт-и шериф“ Хадис-и шериф

Походот кон Худејбија

Нивната понизност пред Аллах теала, додека ги ставаа своите чесни чела на земјата, всади љубов кон исламот во срцата на некои од курејшиските коњаници. Кога Есхаб-и кирам предадоа селам и го завршија намазот, командантот на курејшиските коњаници со жал рече: „Да ја искористевме оваа нивна состојба и да нападневме, ќе убиевме повеќето од нив!… Зошто не ги нападнавме додека беа на намаз?“, а потоа им соопшти на своите другари дека овој пат нема да ја пропуштат приликата: „Не грижете се. Онака или онака ќе застанат на уште еден намаз, кој им е помил и од животите и од децата!…“ Овие нивни зборови Аллах теала му ги објави на Пејгамберот испраќајќи вахј преку Џибрил алејхиселам. Во ајет-и керимот што дојде беше речено: „(О Мој Хабибе!) Кога ќе бидеш меѓу нив и ќе ги предводиш (своите асхаби) на намаз (спроти непријателот), (подели ги на два дела,) еден дел нека стои со тебе (на намаз, а другиот спроти непријателот). Нека го земат своето оружје со себе. Оние што се со тебе на намаз и ќе клањаат еден рекат нека отидат (чувајќи се од делата што го расипуваат намазот) спроти непријателот. Потоа нека дојде другиот дел, кој уште не го клањал својот намаз, и нека го клања вториот рекат со тебе, а и тие нека ги земат со себе своите оклопи, заштитната опрема и оружјето. (Нека го прочитаат тешехудот со тебе. Кога ти ќе предадеш селам, тие, без да предадат селам, нека отидат спроти непријателот; оние што претходно клањале еден рекат нека се вратат, сами нека клањаат уште еден рекат и нека предадат селам. И оние што вториот рекат го клањале со имамот нека дојдат повторно, нека клањаат уште еден рекат, нека го довршат намазот и нека предадат селам.) Кафирите сакаат да бидете невнимателни кон вашето оружје и кон вашите работи, за да ве нападнат ненадејно… Ако ви биде тешко од дожд или ако сте болни, не е грев за вас да го оставите оружјето. Но сепак преземете ги сите мерки на претпазливост. Нема сомнение дека Аллах теала им подготви на кафирите понижувачка казна.“2 Кога во времето на икиндијата хазрети Билал го проучи езанот, курејшиските коњаници повторно застанаа меѓу Мека и Есхаб-и кирам, подготвени за напад. Пејгамберот ги предводеше своите асхаби на намаз така како што е наведено во ајет-и керимот. Мушриците се зачудија колку претпазливо муслиманите клањаат намаз. Аллах теала им фрли страв во срцата. Не се осмелија да преземат ништо. Заминаа оттаму за да однесат вест во Мека. И Пејгамберот и неговите асхаби тргнаа оттаму кон Мека. Кога стигнаа до границата на светата Мека, камилата на Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем), Касва, ненадејно клекна, без никаква видлива причина. Многу се трудеа да ја кренат, но не стана. На тоа Султанот на вселената рече: „Таа нема навика вака да клекнува. Но Аллах теала, кој некогаш го задржа слонот (на Ебреха) да не влезе во Мека, сега ја задржа и Касва. Се колнам во Аллах теала, во чија власт е моето битие: што и да побара Курејш од мене од она што Аллах теала забранил да се прави во подрачјето на Харемот (како оставање на борбата и на пролевањето крв), сигурно ќе им ја исполнам таа желба!“

Потоа сакаа да ја кренат Касва. Камилата скокна и стана. Не влезе внатре во границите на Харемот, туку застана токму на границата, на местото наречено Худејбија. Пејгамберот и Есхаб-и кирам се улогорија на тоа место, каде што имаше малку вода.

„Мислат ли курејшиските мушрици дека имаат некаква сила? Се колнам во Аллах, никогаш нема да престанам да се борам со нив, сѐ додека оваа вера, за чие ширење ме испрати Аллах теала, не надвладее и не се издигне над сѐ, сѐ додека главата не ми се одвои од телото!“ Хадис-и шериф

Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) нареди неговиот шатор да се подигне надвор од границата на благословената Мека. Со своите асхаби почна да чека тука. Кога ќе настапеше времето, намазите ги клањаа во границите на Мека-и мукерреме. Во бунарите не остана вода ни за пиење ни за користење. Вода имаше само во ибрикот на Пејгамберот. Асхабите, кои се најдоа во тешка положба, рекоа: „Нашите животи нека ти се жртва, ја Ресулаллах! Кај нас има вода само во вашиот ибрик. Пропаднавме.“

Предводникот на световите рече: „Додека сум јас меѓу вас, нема да пропаднете.“ Потоа изговори „Бисмиллах“ и ја стави својата благословена рака врз ибрикот. Кога ја крена и рече: „Земајте!…“, меѓу неговите благословени прсти потече вода како од чешма. Есхаб-и кирам се напија до волја, зедоа абдест, ги наполнија сите свои мешини и ги напоија коњите и камилите. Нашиот сакан Пејгамбер, морето на милоста, кој со насмевка ги гледаше своите асхаби, Му оддаде фалба на Аллах теала. Хазрети Џабир ибн Абдуллах, кој тој ден беше таму, рече: „Бевме илјада и четиристотини души. Да бевме дури и сто илјади, таа вода ќе ни беше доволна на сите.“

Бејат-и Ридван

Додека Ресул-и екрем беше во Худејбија, Будејл, поглаварот на племето Хузаа, кое одамна беше пријател на муслиманите, дојде во неговото присуство и јави дека курејшиската војска, заедно со придружените околни племиња, се улогорила во Худејбија и дека се заколнале да се борат додека не им се растури војската. На тоа Пејгамберот рече: „Ние не дојдовме тука за да се бориме со никого. Дојдовме само за да направиме умра, да ја посетиме Кааба-и муаззама и да ја обиколиме со таваф. И покрај тоа, кој ќе се обиде да нѐ спречи да го посетиме Бејтуллах, со него ќе се бориме. Нема сомнение дека војните многу го исцрпија Курејш, го ослабеа и му нанесоа многу штети. Ако сакаат, ќе им определам рок на примирје. Во тој рок нека бидат безбедни од моја страна. Нека не се мешаат меѓу мене и другите племиња; нека ме остават сам со нив. Ако јас ги победам тие племиња, а Џенаб-и Хак им подари упатство (хидајет) и станат муслимани, и курејшиските мушрици, ако сакаат, можат да станат муслимани како нив. А ако јас, како што мислат тие, не ги победам другите заедници, тогаш и тие самите ќе се смират и ќе зајакнат. Ако курејшиските мушрици не го прифатат ова и почнат да се борат со мене, се колнам во Аллах теала, во чија власт е моето битие, дека ќе се борам со нив заради оваа вера што се трудам да ја раширам, сѐ додека главата не ми се одвои од телото. Тогаш и Аллах теала несомнено ќе го исполни Своето ветување дека ќе ми помогне!“

Будејл, поглаварот на племето Хузаа, тргна за да ги пренесе зборовите на Пејгамберот во курејшискиот логор. Откако ги слушнаа од Будејл зборовите на Ресулуллах, мушриците го испратија кај Пејгамберот еден од своите првенци, Урва ибн Месуд, да преговара. Кога Урва јави дека Курејшиите се цврсто решени да не пуштат никого во Мека, Хабиб-и екрем рече: „О Урва! Кажи заради Аллах! Може ли да се спречи овие курбански камили да бидат принесени како курбан и оваа Кааба-и муаззама да биде посетена и обиколена со таваф?“ Потоа и на Урва му го раскажа она што му го рече на поглаварот на племето Хузаа.

Урва, од една страна, го слушаше Пејгамберот, а од друга внимаваше на држењето и однесувањето на Есхаб-и кирам, на тоа како се однесуваат едни кон други и кон Предводникот на световите, на нивното уважување и почит. Откако го сослуша предлогот на нашиот сакан Пејгамбер, стана и тргна за да им го раскаже тоа на Курејшиите. Кога дојде кај нив, рече: „О заедницо Курејшии! Знаете дека како пратеник одев во присуство на многу владетели, како византискиот цар (кајсер), Неџаши и иранскиот цар (кисра). Се колнам дека досега не сум видел на некој владетел да му се укажува почит и уважување какви што муслиманите му укажуваат на Мухаммед. Никој од неговите асхаби не зборува ако не добие дозвола од него. Ако му падне едно влакно од главата, го грабнуваат и го чуваат во пазувите заради берекет. Кога зборуваат во негово присуство, го стишуваат гласот толку што едвај се слуша. Од почит кон него не можат да го погледнат в лице, туку го спуштаат погледот. Ако им даде на своите асхаби некаков знак или ако нареди нешто, се трудат да го извршат макар и по цена на својот живот.

О заедницо Курејшии! Колку и да посегнувате по мечовите и да прибегнувате кон сите средства, тие нема да ви предадат ни едно влакно од својот Пејгамбер. Дури нема да дозволат да му се нанесе каква било штета, ниту некој да го допре. Таква е состојбата. Добро размислете што понатаму! А кога е така, Мухаммед ни нуди добро примирје, искористете го тоа!“

Курејшиските мушрици не ги прифатија овие зборови, се однесоа грубо кон Урва и го навредија. Кога од курејшискиот логор не дојде никаква вест, Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) го испрати како пратеник Хираш ибн Умеја за да ги повтори своите предлози. Мушриците се однесоа многу грубо кон пратеникот на исламот. Му ја заклаа камилата и ја изедоа, а него самиот го нападнаа за да го убијат. Хираш ибн Умеја, кој едвај им се оттргна од рацете, дојде во присуство на Пејгамберот и раскажа што се случи, а Пејгамберот многу се нажали поради навредата нанесена на неговиот пратеник. Во тоа време од мушричкиот логор се појави Хулејс, поглаварот на племето Ахабиш. Доаѓаше кон Пејгамберот. Мушриците му ја беа довериле должноста на пратеник. Кога виде дека доаѓа Хулејс, нашиот сакан Пејгамбер рече: „Овој што доаѓа е од народ што го почитува курбанот и што се труди да ги извршува наредбите на Аллах теала и да прави ибадет. (О мои асхаби!) Потерајте ги курбанските камили кон него, нека ги види!“ Есхаб-и кирам ги пуштија курбанските камили кон него и изговорија телбија: „Лебејк, Аллахумме лебејк!“ Кога ги виде курбаните со врзани вратови и обележани уши, Хулејс долго ги гледаше. Очите му се наполнија со солзи и не можеше да се воздржи, а да не рече со тажен глас што доаѓаше од длабочините на неговата душа: „Муслиманите немаат никаква друга намера освен да ја обиколат и да ја посетат Кааба. Колку е грдо да се спречуваат во тоа! Се колнам во Господарот на Кааба, Курејшиите ќе пропаднат поради оваа погрешна постапка!“ Слушајќи ги овие зборови, Предводникот на световите рече: „Да, така е, о брате од синовите на Кинана.“ Хулејс од срам не можеше да дојде во присуство на Ресулуллах, па дури ни да го погледне неговото благословено лице. Се врати во курејшискиот логор. Раскажа што видел и отворено го кажа своето мислење: „Не сметам за исправно тоа што го спречувате да ја посети Кааба.“ Курејшиските мушрици многу се налутија и го обвинија Хулејс за незнаење.

„О Урва! Кажи заради Аллах! Може ли да се спречи овие курбански камили да бидат принесени како курбан и оваа Кааба-и муаззама да биде посетена и обиколена со таваф?“ Хадис-и шериф

Овој пат мушриците го испратија како пратеник Микрез ибн Хафс, познат по својата суровост. И тој го доби својот одговор и се врати. По пратеништвото на Микрез мушриците ги обзеде страв дека муслиманите би можеле ненадејно да ги нападнат.

Пејгамберот не сакаше да ја остави работата на половина и сакаше да испрати некого од своите асхаби што беше угледен кај Курејшиите. Најпосле беше одлучено да биде испратен хазрети Осман. Нашиот сакан Пејгамбер му рече на Осман ибн Афан: „Кажи им: ‚Ние не дојдовме тука за да се бориме со никого. Дојдовме само за да ја обиколиме со таваф и да ја посетиме Кааба-и муаззама. Ќе ги заколеме курбанските камили што ги имаме со себе и ќе се вратиме‘, и повикај ги во исламот!“ Освен тоа, му наложи на муслиманите во Мека да им ја донесе радосната вест дека Мека наскоро ќе биде освоена.3

Хазрети Осман отиде кај мушриците и им ги пренесе зборовите на Пејгамберот токму онака како што ги рече. Тие го одбија и предлогот што го донесе хазрети Осман. Рекоа дека, ако сака, само тој може да направи таваф околу Бејтуллах. А хазрети Осман рече: „Додека Ресулот алејхиселам не направи таваф околу Бејтуллах, нема да направам ни јас!“ Мушриците, кои многу се налутија на ова, го задржаа. До асхабите стигна веста: „Осман е убиен како шехид.“ Кога му го јавија тоа на Пејгамберот, многу се нажали и рече: „Ако оваа вест е вистинита, нема да заминеме оттука додека не се судриме со овој народ.“ Потоа седна под дрвото наречено Семура и ги повика своите асхаби на бејат со зборовите: „Аллах теала ми нареди да ми дадете бејат.“ Јуначките асхаби ги ставија рацете врз благословената рака на Пејгамберот и дадоа збор: „Дадовме бејат дека ќе се бориме пред тебе и ќе го оствариме освојувањето додека Аллах теала не ти подари победа, или дека на тој пат ќе станеме шехиди!“ Пејгамберот ја стави едната своја рака врз другата и сам на себе си даде бејат во име на хазрети Осман, кој не беше присутен. Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) беше многу задоволен од овој бејат на своите асхаби и рече: „Ниту еден од оние што под дрвото искрено дадоа бејат нема да влезе во џехенемот.“ Овој бејат беше наречен „Бејат-и Ридван“.4 Есхаб-и кирам (радијаллаху анхум), со извадени мечеви, сега веќе не можеа да мируваат на своите места и го чекаа само знакот на Ресулот алејхиселам. Во тоа време курејшиските шпиуни, кои го набљудуваа исламскиот логор, видоа дека муџахидите му дадоа бејат на нашиот сакан Пејгамбер дека ќе се борат на тој пат сѐ додека не го испијат шербетот на шехидството и дека се подготвуваат. Веднаш отидоа во курејшискиот логор и раскажаа што се случи. Пејгамберот, за секој случај, ноќе поставуваше стражари да ги чуваат асхабите. Една ноќ, во деновите кога хазрети Осман беше задржан, група од педесет мушрици под водство на Микрез нападна за да ги изненади исламските војници во сон. Таа ноќ на стража беа Мухаммед ибн Меслема и неговите другари. По кратка борба цврсто ги фатија кафирите што дојдоа. Само Микрез успеа да побегне. Заробениците ги доведоа во присуство на Ресулуллах. Еден дел беше затворен, а еден дел помилуван. Мушриците и следната ноќ сакаа да изведат напад, но пак беа фатени. Пејгамберот и нив ги помилува и ги пушти.

Договорот за мир во Худејбија

Војската на кафирите ја обзеде страв кога сфати дека исламската војска дење и ноќе чека подготвена за борба и дека може да нападне во секој миг. Гледајќи дека нема друг излез освен договор, набрзина избраа делегација на пратеници. На оваа делегација, избрана под водство на Сухејл ибн Амр, ѝ беше речено: „Склопете договор под услов оваа година да не влезат во Мека.“

Нашиот сакан Пејгамбер ги прими курејшиските пратеници. Првото барање на пратениците беше да бидат пуштени нивните затворени луѓе. Предводникот на световите рече: „Додека не ги пуштите моите асхаби што ги задржавте во Мека, нема да ги пуштам овие ваши луѓе!“ Сухејл рече: „Право да кажам, постапивте со нас многу праведно и чесно“, и се погрижи да бидат пуштени хазрети Осман, задржан во Мека, и десетина асхаби што претходно ги беа затвориле. Потоа беа пуштени и мушриците што беа фатени и затворени при нападот.

По долги разговори се постигна договор. Дојде редот да се напише. За писар беше избран хазрети Алија. За пишување на договорот за мир беа подготвени хартија и мастилница. Хабибуллах, испратен како милост на световите, му рече на хазрети Алија: „Пиши!“

„Бисмиллахир-рахманир-рахим!“ Сухејл веднаш се спротивстави на тоа: „Се колнам дека не знам што значи зборот ‚Рахман‘. Немој така да пишуваш; пиши ‚Бисмике Аллахумме‘! Инаку нема да пристанам на мир!“ Пејгамберот гледаше многу големи мудрости во склучувањето на мирот. Затоа рече: „И ‚Бисмике Аллахумме‘ е убаво“ и му нареди на хазрети Алија така да напише. Откако беше напишано, Пејгамберот рече: „Ова се точките за кои Мухаммед Ресулуллах се договори и се помири со Сухејл ибн Амр и кои ги потпиша за страните да ги исполнат нивните услови“, а тогаш се виде како Сухејл го фати хазрети Алија за раката. Тој се сврте кон Пејгамберот и рече: „Се колнеме, да признаевме дека ти си Ресулуллах, немаше да ти се спротивставиме и немаше да те спречиме да ја посетиш Кааба. Затоа, наместо ‚Ресулуллах‘, напиши ‚Мухаммед, синот на Абдуллах‘!“

Пејгамберот го прифати и тоа и рече: „Се колнам во Аллах, иако вие ме сметате за лажго, јас сепак, без никаков сомнеж, сум ресул на Аллах теала. Тоа што ќе дадам да се напише моето име и името на мојот татко нема да го отстрани моето пејгамберство. О Алија! Избриши го тоа и напиши ‚Мухаммед ибн Абдуллах‘.“

Ниту еден од Есхаб-и кирам не можеше во срцето да се помири со бришењето на зборот „Ресулуллах“. Заборавајќи сѐ во миг, рекоа: „О Алија! Напиши ‚Мухаммед Ресулуллах‘, инаку меѓу нас и овие мушрици ќе пресуди само мечот!…“ Пејгамберот беше задоволен од оваа ревност на своите асхаби, но со своите благословени раце им даде знак да замолчат. Кога му нареди на хазрети Алија да го избрише тоа, тој се извини: „Мојата душа нека ти е жртва, ја Ресулаллах! Не ми оди раката да го избришам ова твое благословено својство!…“ Нашиот сакан Пејгамбер побара да му го покаже тоа место. Кога му го покажа, го зеде записот од неговата рака, ги избриша тие зборови со својот благословен прст и даде да се напише „синот на Абдуллах“. Потоа почнаа да се пишуваат точките: 1) Договорот ќе важи десет години; за тоа време двете страни нема да војуваат една против друга.

„Ниту еден од оние што под дрвото искрено дадоа бејат нема да влезе во џехенемот“ Хадис-и шериф

2) Муслиманите оваа година нема да ја посетат Кааба, туку ќе можат да ја посетат по една година. 3) Муслиманите што ќе дојдат да ја посетат Кааба ќе останат три дена и со себе нема да имаат друго оружје освен патничкото. 4) Додека муслиманите ја обиколуваат Кааба со таваф, меканските мушрици ќе излезат надвор од Кааба и ќе им овозможат слободно да направат таваф.

5) Ако некој од Курејшиите стане муслиман и отиде во Медина без дозвола од својот старател, ќе биде вратен; ако некој од муслиманите премине на страната на Курејш и отиде во Мека, нема да биде вратен. Кога хазрети Омер за оваа точка праша: „Ја Ресулаллах! Зар ќе го прифатиш и овој услов?“, нашиот сакан Пејгамбер се насмевна и рече: „Да. Оние што од нас би отишле кај нив, Аллах теала нека ги оддалечи од нас!“

6) Ако некој од асхабите дојде во Мека со нијет да направи хаџ или умра, неговиот живот и имот ќе бидат безбедни.

7) Ако некој од мушриците, патувајќи во Шам, во Египет или на друго место, сврати во Медина, и неговиот живот и имот ќе бидат безбедни.

8) Другите арапски племиња ќе можат да стапат под заштита на страната што ќе ја сакаат и ќе бидат слободни да се обединат со муслиманите или со мушриците.5

Дојде редот договорот да се потпише. Во тој миг се виде еден човек што, влечејќи ги синџирите на нозете, доаѓаше кон исламската војска. Се приближуваше сѐ повеќе и викаше: „Спасете ме!…“ Слушајќи го тој глас, поглаварот на курејшиската делегација веднаш скокна од своето место. Зеде в рака една трнлива гранка и почна да го удира по главата и по лицето. А тој ја собра сета своја сила, се фрли пред благословените колена на Ресулуллах и преколнуваше: „Спаси ме, ја Ресулаллах!“ Тоа беше еден муслиман што татко му го оковал во синџири затоа што во Мека се почестил со исламот. Секој ден го подложуваа на тешки маки и го принудуваа да им се поклонува на идолите. Искористувајќи го тоа што мушриците отидоа во Худејбија, ги искина синџирите, излезе од Мека така што никој не го виде и се фрли меѓу муслиманите. Овој благословен човек, кој го доби упатството (хидајет), беше хазрети Ебу Џендел, синот на Сухејл, поглаварот на мушричката делегација. Сухејл покажа кон својот син Ебу Џендел и му рече на Пејгамберот: „Според договорот што малку пред тоа го напишавме, ова е првиот човек што мора да ми го вратиш!“

И Пејгамберот и асхабите беа многу потресени. Сите со напнатост чекаа каков одговор ќе даде Ресулуллах. Од едната страна договорот за мир, а од другата еден асхаб под маки… Предводникот на световите му рече на Сухејл: „Ние овој договор за мир сѐ уште не сме го потпишале!“ Сухејл упорно рече: „О Мухаммеде! Точките на договорот ги напишавме до крај уште пред мојот син да дојде тука. Ако не ми го вратиш синот, јас никогаш нема да го потпишам договорот за мир!“ Иако Пејгамберот рече: „Изземи го од договорот заради мене“, мушриците не го прифатија тоа. Додека Сухејл ибн Амр го влечеше својот син, Ебу Џендел викаше: „Ја Ресулаллах! О мои браќа муслимани!… Иако се почестив со исламот и побарав засолниште кај вас, зар ме предавате на мушриците? Зар сметате дека е во ред секој ден да ме мачат со неподносливи маки? Ја Ресулаллах! Зар ме враќате за да ме одвратат од мојата вера?!…“

Беше многу тешко да се поднесе тоа преколнување што го кинеше срцето. Асхабите, со ранети срца, почнаа да плачат. И благословените очи на нашиот сакан Пејгамбер, морето на милоста, се наполнија со солзи. Отиде кај Сухејл и замоли: „Ајде, немој! Подари ми го!“ Но Сухејл одговори: „Невозможно, не го подарувам!“ На тоа нашиот сакан Пејгамбер го утеши Ебу Џендел со зборовите: „О Ебу Џенделе! Трпи уште малку! Поднеси го она што ти го прават! Наградата за тоа барај ја од Аллах теала. Аллах теала сигурно ќе подари олеснување и излез за тебе и за немоќните муслимани без заштитник како тебе“, и додаде: „Не ни прилега да не го одржиме дадениот збор.“ Тој рече: „Добро, ја Ресулаллах“, и така даде до знаење дека ќе трпи.

Овој настан што го кинеше срцето не можеа да го поднесат ни мушриците во делегацијата, па рекоа: „О Мухаммеде! Заради тебе го земаме Ебу Џендел под наша заштита. Нема да му дозволиме на Сухејл да го мачи!“

По тоа Ресулуллах и Есхаб-и кирам малку се смирија. (Сухејл ибн Амр стана муслиман по освојувањето на Мека и стана еден од Есхаб-и кирам.) Договорот за мир беше напишан во два примерока и двете страни го потпишаа. Мушриците се вратија во својот логор.6 Курејшиската делегација беше многу радосна поради овие точки, кои изгледаа како да се на штета на муслиманите. Напротив, овој договор за мир беше голема победа за верниците и овие точки беа во корист на муслиманите. Пред сѐ, мушриците признаваа дека муслиманите се држава. Ако некој мушрик од Мека, патувајќи заради трговија или заради некоја друга работа во Шам или во Египет, свратеше во Медина, неговиот живот и имот ќе беа безбедни. Така мушриците ќе го видат одблиску животот на муслиманите, ќе се восхитат на правдата на исламот и на убавото однесување на асхабите едни кон други и ќе го засакаат исламот. На крајот ќе станат муслимани и ќе се придружат на редовите на асхабите. Со овој договор, што требаше да трае десет години, муслиманите ќе се намножат и ќе зајакнат. Исламот ќе се рашири на сите страни. Но точката: „Ако некој од Курејшиите стане муслиман и посака да побара засолниште во Медина, ќе биде вратен“ многу го нажали Пејгамберот и тој рече: „Аллах теала сигурно ќе создаде за нив олеснување и излез.“ Со мушриците веќе немаше работа. Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) им рече на Есхаб-и кирам: „Станете! Заколете ги своите курбани. Откако ќе ги избричите главите, излезете од ихрамот.“ Пејгамберот пред сите го закла својот курбан. Потоа го избричи неговиот бербер, хазрети Хираш ибн Умеја. Есхаб-и кирам ги грабаа во воздухот тие благословени влакна пред да паднат на земјата и ги чуваа заради берекет. И асхабите ги заклаа своите курбани; едни од нив си ја избричија косата, а други си ја скратија.7

„О Ебу Џенделе! Трпи уште малку! Поднеси го она што ти го прават! Наградата за тоа барај ја од Аллах теала. Аллах теала сигурно ќе подари олеснување и излез за тебе и за немоќните муслимани без заштитник како тебе“ Хадис-и шериф

Во Худејбија останаа околу дваесет дена. Пејгамберот со своите другари тргна да се врати во Медина. На патот Аллах теала со вахј му ја објави на Пејгамберот сурата Фетх и му ја донесе радосната вест дека ќе ги дополни Својата благодат и Својата помош. Во деновите кога Султанот на вселената (саллаллаху алејхи ве селлем) како победник ја почести светлата Медина со своето доаѓање, Ебу Басир од курејшиското племе Секиф се почести со исламот. Сфаќајќи дека не може да живее меѓу мушриците, Ебу Басир пешки дојде во Медина. Но, како што бараше договорот од Худејбија, си замина од Медина и се насели на местото наречено Ис, на брегот на Црвеното Море.8

Тоа место се наоѓаше на трговскиот пат по кој курејшиските мушрици одеа во Шам. Потоа оние од Курејш што стануваа муслимани ја напуштаа Мека и одеа не во Медина, туку во Ис, кај Ебу Басир. Првиот од нив беше хазрети Ебу Џендел. Оттогаш тоа не престана. Станаа педесет, сто, двесте, триста души. Курејшискиот караван, на патот кон Шам, мораше да минува оттаму. Хазрети Ебу Басир и муслиманите што беа со него ги фаќаа мушриците што минуваа оттаму и бараа од нив да станат муслимани. Со оние што не стануваа муслимани се бореа и ги доведуваа во тешка положба. Гледајќи дека им се пресечени трговските патишта кон Шам, меканските мушрици испратија делегација во Медина. Преколнуваа да биде отстранета точката од договорот за мир од Худејбија: „Ако некој од Курејшиите стане муслиман и отиде во Медина без дозвола од својот старател, ќе биде вратен!…“ Пејгамберот се смилува и го прифати ова нивно барање. Така на Курејшиите повторно им се отворија трговските патишта кон Шам. А муслиманите, како награда за своето трпение, дојдоа во Медина, кај Пејгамберот.

О НАЈУБАВ МЕЃУ УБАВИТЕ!

О најубав меѓу убавите, ме изгоре со својата љубов!
Окото ништо не гледа, умот секој миг по тебе сонува!
Ти си шахот на (Каба-кавсејн), а јас непокорен роб,
Како да рече овој збунет дека ќе ти биде гостин?
Се смилува и погледна, мртвите срца ги оживеа,
Барајќи засолниште во твојата бескрајна милост, тропнав на твојата врата!
Ти си извор на добрината, море на лековите!
Подари ми капка благост, останав без лек за болката!
Секој доаѓа во Мека, кај Кааба, Сафа и Мерва,
А јас заради тебе преминав планини и ридови!
Синоќа во еден сон главата ми ги допре небесата,
Помислив дека слугите од твојата врата ми стапнале на вратот!
О хазрети Џами, славеју на мојот сакан!
Меѓу твоите стихови го избрав овој бејт:
Со јазик испружен како шугави кучиња,
Надевајќи се на една капка, стигнав до морето на твојот дар.
Мевлана Халид Багдади (куддисе сиррух)

„Ние сигурно ти подаривме јасна победа“ Фетх: 1

Писмата со повик на Ресулуллах

Сонцето немаше да го огрее светот
да не дојдеше таа мила душа,
светлина немаше да му даде на светот
да не настапеше часот на мевлудот.
Со кристал и со радост
немаше да биде замесен розовиот лик,
да не добиеше облик на тело
со нурот што во срцата се одразува.
Eyyübî