ПАТУВАЊЕТО ЗА УМРЕТУЛ-КАЗА
Помина една година од Худејбискиот мир. Еден месец пред Курбан-бајрам, на почетокот на месецот зулкаде, Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) им нареди на Есхаб-и кирам да се подготват за умра. На умрата требаше да дојдат сите што одеа во Худејбија и учествуваа во Бејат-и Ридван, освен оние што се преселија на ахиретот. По таа наредба две илјади асхаби ги завршија подготовките. За курбан беа земени седумдесет камили. Задачата да ги доведат до Мека, напасувајќи ги по патот, им беше доверена на Наџија ибн Џундуб и на неговите четворица другари. Освен тоа, на хазрети Мухаммед ибн Меслема му беа дадени под команда сто коњаници и беше испратен напред за да го понесе оружјето што се користи во војна, како оклопи, копја и мечеви. На мушриците не можеше да им се верува. Во случај на каков било напад, ќе се послужеа со тоа оружје. Некои од Есхаб-и кирам рекоа: „Ја Ресулаллах! Според Худејбискиот мир, на умра не требаше да дојдеме со никакво друго оружје освен мечевите во ножниците!“ Предводникот на световите рече: „Ова оружје нема да го внесеме во Харемот, меѓу Курејшиите. Но тоа ќе биде во наша близина, при рака, во случај Курејшиите да нѐ нападнат.“
Како заменик во Медина-и муневвере беше оставен Ебу Зер Гифари.1 Се пренесува и дека бил оставен Ебу Рухм Гифари. Две илјади асхаби тргнаа на пат кон Мека заедно со нашиот сакан Пејгамбер. Есхаб-и кирам беа многу возбудени. Ќе ги видат своите домови, огништа и родниот крај, што пред толку години ги напуштија на патот на Аллах теала, заради нашиот сакан Пејгамбер… Ќе ја посетат Кааба-и муаззама, кон која се свртуваа во петте дневни намази… Ќе ги видат своите роднини, кои станаа муслимани, но поради договорот не можеа да дојдат во Медина. На курејшиските мушрици, кои со години ги тераа наместо солзи да лијат крв, кои ги угнетуваа така што лелекаа и стенкаа и кои многу нивни браќа ги направија шехиди за да ги натераат да им се поклонуваат на нивните идоли, ќе им ги покажат достоинството и честа на исламот. Можеби во срцата на мушриците што ќе го видат тоа ќе влезе љубов кон исламот, па ќе станат муслимани!..
Оние што останаа во Медина го испратија Предводникот на световите со текбири до ридот Веда, се збогуваа и се вратија… Кога дојде во Зул-Хулејфа, која е оддалечена околу десет километри од Медина, нашиот сакан Пејгамбер влезе во ихрам. Славните асхаби го следеа. Сите беа облечени во бело. Почна патувањето кон Мека-и мукерреме заради умра. Сега и земјата и небото одекнуваа од извиците „Лебејк, Аллахумме лебејк! Лебејк, ла шерике леке лебејк! Инел-хамде вен-нимете леке вел-мулк, ла шерике лек!“ (Еве ме, Аллаху мој, еве ме! На Твојот повик се одѕвав со зборот и со суштината, одново и одново, на Твојата наредба ѝ се покорив. Ти немаш ортак, со сето мое битие кон Тебе се свртев. Фалбата и благодатта Тебе Ти припаѓаат. И власта е Твоја. Ти немаш ортак.)
Патувањето минуваше во големо задоволство, во изрекување фалба на Аллах теала, во преколнување кон Него и во спомнување на Неговото благословено име.
Кога одредот што одеше напред под командата на Мухаммед ибн Меслема се приближи до Мека, го забележаа курејшиските мушрици. Со страв им пристапија и, како да велат „Зар така се договоривме пред една година?“, прашаа: „Што е ова?“ Мухаммед ибн Меслема им даде одговор од кој крвта им замрзна во жилите: „Ова се коњаниците на Ресулот на Аллах теала… Ако Аллах теала дозволи, утре и тој ќе го почести ова место со своето доаѓање!…“ Мушриците во страв се вратија и ја пренесоа веста во Мека. Меканските мушрици велеа: „Се колнеме, ние се држевме до договорот. Зошто Мухаммед би се борел со нас?…“ Веднаш од своите редови испратија една делегација да разговара со Пејгамберот.
„Лебејк, Аллахумме лебејк! Лебејк, ла шерике леке лебејк! Инел-хамде вен-нимете леке вел-мулк, ла шерике лек!“ Телбија
Во тоа време Предводникот на световите (саллаллаху алејхи ве селлем) стигна до местото наречено Батн-и Јеџеџ, од каде што можеше да се види Мека. Таму го оставија сето оружје освен мечевите што ги носеа на себе. Поставија двесте асхаби како стража да го чуваат оружјето. Кога тие подготовки завршија, курејшиската делегација побара дозвола да разговара со Пејгамберот и да биде примена во неговото присуство. Кога им беше дозволено, рекоа: „О Мухаммеде! Од Худејбискиот договор не сме ве изневериле во ништо. И покрај тоа, зар во Мека, меѓу својот народ, ќе влезеш со ова оружје? А според нашиот договор кај вас не требаше да има ништо друго освен мечевите во ножниците!…“ На тоа Предводникот на световите одговори: „Јас од детството до денешниот ден сум познат по тоа што го држам дадениот збор и по својата верност. Во Харемот нема да влеземе со никакво друго оружје освен мечевите во ножниците. Но сакам оружјето да биде на место недалеку од мене.“ Сфаќајќи дека работите стојат поинаку од она што им било јавено, членовите на делегацијата се смирија и рекоа: „О Мухаммеде! Вистината е дека од тебе секогаш сме виделе само верност и добрина. Тоа и ти доликува тебе.“ Потоа се вратија. Дојдоа во Мека и ги известија Курејшиите за сѐ. И тие се смирија.
Курејшиските првенци, од омраза и завист, ја напуштија Мека и се искачија на планините за да не ги гледаат тие среќни мигови на Пејгамберот и на неговите асхаби. Нашиот сакан Пејгамбер ги испрати напред, во местото наречено Зи Тува, обележаните курбански камили. Потоа, откако ги заврши подготовките со своите асхаби, тргна да влезе во светиот град Мека. Есхаб-и кирам го зедоа Предводникот на световите во својата средина. Султанот на вселената, на својата камила Касва, ширеше нур околу себе како сонце што го засенува постоењето на илјадници ѕвезди. Господаре мој! Каква убавина! Каква величенствена глетка!…
На јазиците беа извиците „Лебејк, Аллахумме лебејк! Лебејк, ла шерике леке лебејк!…“, а во срцата љубовта кон Аллах теала и Неговиот Ресул.
Чекор по чекор се приближуваа до величенствената Кааба. Колку повеќе се приближуваа, толку повеќе им растеше возбудата, речиси се бранува. Извиците на телбијата, што сите ги изговараа во еден глас, ја исполнуваа Мека, а мушриците, секој пат кога ќе ја видеа таа величенствена глетка, чувствуваа како им се топи срцето и како во душата благо им тече шербет на љубовта. Во срцата на многумина од нив веќе беше влегла љубовта кон исламот… На крајот победи Султанот на вселената, предводникот на двата света, нашиот сакан и чесен Пејгамбер Мухаммед (саллаллаху алејхи ве селлем)…
Ете, нашиот сакан Пејгамбер и неговите славни асхаби, со мечевите на појасот, влегуваа во Кааба-и муаззама. Хазрети Абдуллах ибн Реваха одеше напред држејќи го оглавот на Касва, камилата на Пејгамберот. Некои мекански мушрици, со своите жени и деца, стоеја наредени во Дарун-Недва и ги гледаа нашиот сакан Пејгамбер и неговите јуначки асхаби. Абдуллах ибн Реваха, како што одеше напред, почна да рецитира стихови, а неговите бејтови им паѓаа на главите на мушриците како чекан и им стигнуваа до срцата:
О кафири, тргнете се од патот на Пејгамберот,
зашто Аллах теала нему му го испрати Кур’анот.
Секое добро и секоја убавина се во неговата вера,
а смртта за оваа вера е најдобрата смрт.
Тој е вистинскиот Ресулуллах, од срце го прифатив,
во секој негов збор поверував, сега го прифатив.
О кафири! Кога негиравте дека Кур’анот
е спуштен од Аллах теала,
како што ненадејно ги спуштавме ударите
и како што ви ги одделувавме главите од телата,
така, ако не поверувате ни во неговото значење,
истите удари ќе ви паднат на главите.
Почнувам со благословеното име на Оној Аллах,
освен чија вера друга вистинска вера нема.
И пак почнувам со името на Оној Аллах:
Мухаммед е и Негов роб и Негов ресул.
Хазрети Омер не можеше да издржи и сакаше да го опомене: „О Ибн Реваха! Како можеш да рецитираш поезија пред Ресулуллах и во Харем-и шериф?“ Но Пејгамберот рече: „О Омере! Немој да го спречуваш! Се колнам во Аллах теала, неговите зборови делуваат на овие курејшиски мушрици побрзо и посилно отколку да ги обасипуваме со стрели. Продолжи, о Ибн Реваха!“
Малку потоа Пејгамберот му рече на хазрети Абдуллах ибн Реваха: „Кажи: ‚Нема друго божество освен Аллах теала! Тој е Единствениот! Тој е Оној што го исполнува Своето ветување! Тој е Оној што му помага на овој Свој роб! Тој е Оној што ја зајакнува Својата војска! И единствено Тој е Оној што ги разби собраните племиња!‘“
На тоа Абдуллах ибн Реваха почна да рецитира:
Нема друго божество освен Аллах теала!
Тој нема ортак, ла илахе иллаллах!
Тој е Оној што ѝ дава сила на муслиманската војска!
И Тој е Оној што ги растерува и ги совладува кафирите!
И муслиманите ги повторуваа тие зборови. Кога влезе во Бејтуллах, нашиот сакан Пејгамбер го откри своето благословено десно рамо. Убавината на неговото благословено тело ги заслепуваше очите, ги привлекуваше срцата и ширеше нур како сонце. Потоа рече: „Аллах теала нека им прости со Својата милост на јунаците што денес ќе им се покажат силни и крепки на овие луѓе на ширкот!“ На тоа Есхаб-и кирам ги открија десните рамења и, чекорејќи брзо и достоинствено, три пати ја обиколија Кааба во таваф. Само меѓу Рукн-и Јемани и аголот на Хаџер-и есвед одеа полека. Пејгамберот и неговите асхаби му пристапуваа на Хаџер-и есвед и го бакнуваа или, оддалеку, ги кренуваа рацете свртени кон Хаџер-и есвед.
„Се колнам во Аллах теала, неговите (на Ибн Реваха) зборови делуваат на овие курејшиски мушрици побрзо и посилно отколку да ги обасипуваме со стрели“ Хадис-и шериф
Мушриците ги следеа асхабите оддалеку и се чудеа на нивниот достоинствен и горд чекор. Зашто ним им беше раскажувано дека муслиманите, откако отишле во Медина, ослабеле и се разболеле, и се ширеа слични вести. А сега беа сведоци на сосема спротивното, и нивното чудење растеше.
Преостанатите четири круга таваф беа завршени со полека, одмерени чекори. По тавафот клањаа два рекати намаз на Макам-и Ибрахим. Потоа седум пати направија сај меѓу ридчињата Сафа и Мерва. Откако беа заклани курбаните, Пејгамберот ја избричи својата благословена глава. Неговите благословени влакна ги грабаа уште во воздухот. И Есхаб-и кирам се избричија. Така се оствари сонот што Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) го сонуваше точно една година порано. Умрата беше извршена и настапи пладневното време. Кога Предводникот на световите му нареди на хазрети Билал да проучи езан на Кааба, Билал Хабеши веднаш ја изврши наредбата. Додека тој на Кааба го учеше езан-и Мухаммеди, цела Мека се разбранува. Есхаб-и кирам го слушаа езанот со голема скрушеност и тивко го повторуваа. Кога езанот заврши, Хабибуллах беше имам. Пладне-намазот, што сите заедно го клањаа, делуваше сосема поинаку на срцата на мушриците.
На нашиот сакан Пејгамбер му беше подигнат шатор од кожа во Ебтах. И асхабите престојуваа три дена во шаторите околу него. Во времињата за намаз се собираа во Бејтуллах и клањаа намаз во џемат. Во другото време ги посетуваа роднините и со својот убав ахлак, што им го подари исламот, им беа пример. А тие речиси се топеа пред таквото убаво однесување на асхабите и не можеа да го скријат восхитот. За тие три дена Мека како да беше освоена одвнатре.
Трите дена истекоа… Дојде времето на разделбата. Кон вечерта, кога Пејгамберот рече: „Никој од муслиманите (што дојдоа на умра) нема да ја помине вечерта во Мека, туку ќе тргне на пат!“, сите се подготвија и тргнаа кон Медина… Додека беше во Џухфа, Ресулуллах се сретна со хазрети Абас, а хазрети Абас му предложи: „Ја Ресулаллах! Мејмуна бинт Харис остана вдовица. Зар не би било добро да ја земеш за жена?“ На тоа Пејгамберот ги испрати Ебу Рафи и еден човек од енсарите во Мека да ја испросат. Кога хазрети Мејмуна, додека беше на камила, ја прими веста дека Ресулуллах сака да ја земе за жена, рече: „И камилата и она што е на неа му припаѓаат на Ресулуллах.“ Се подари себеси на Пејгамберот. Грижата тоа да се направи како што треба ѝ ја препушти на својата постара сестра Уму Фадл, а таа на својот маж хазрети Абас. Кога, враќајќи се од умрата во Медина, стигнаа до местото Шериф, хазрети Абас прими од нашиот Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем) четиристотини дирхеми мехр и ја венча хазрети Мејмуна со никах за Ресулуллах. Таму беше одржана и свадбата. Хазрети Мејмуна се удостои со никахот на Ресулуллах и стана негова последна сопруга. Нашиот Пејгамбер потоа повеќе не се ожени.
„Аллах теала нека им прости со Својата милост на јунаците што денес ќе им се покажат силни и крепки на овие луѓе на ширкот!“ Хадис-и шериф
Се осмелив свеќник да ти подарам, ја Ресулаллах!
Мојата желба е да му служам на твојот возвишен праг, ја Ресулаллах!
Мојот беден дар не е достоен за твојата Равда,
прими го, покажи добрина и наклонетост, ја Ресулаллах!
Кого го имам освен твојата возвишена личност, да му ја кажам својата состојба?
Од тебе се добрината и великодушноста, ја Ресулаллах!
Кај тебе барам засолниште, аман, сто пати аман, пред твојот праг паднав,
смилувај се, направи ми шефаат, ја Ресулаллах!
Во двата света земи го под своја заштита праведниот Махмуд-хан,
твоја е власта и на почетокот и на крајот, ја Ресулаллах!
II. Mahmud Hân
Халид ибн Велид станува муслиман
Кога отиде во Мека на умра, Хабиб-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем), испратен како милост на световите, му рече на хазрети Велид ибн Велид, еден од своите асхаби: „Каде е Халид? Не е можно некој како него да не го запознае и да не го знае исламот. Колку би било добро да ги покажеше сиот свој труд и јунаштво на страната на муслиманите, против мушриците! Ќе го сакавме и ќе го ценевме високо.“ Велид ибн Велид и порано од време на време му пишуваше писма на својот постар брат и го поттикнуваше да стане муслиман. Кога му ги пренесе и тие благословени зборови на Пејгамберот, Халид ибн Велид сѐ повеќе се приклонуваше кон исламот. Асхабите што ја извршија умрата се вратија во Медина. Поминаа денови и настапи осмата година по хиџрата. А Халид ибн Велид веќе не можеше да мирува: гореше од желба што побрзо да стигне во Медина, да клекне во присуството на Предводникот на световите и да се удостои со тоа што ќе стане муслиман. Тој самиот вака раскажал:
„Аллах теала ми ја подари љубовта кон Пејгамберот. Во срцето ми ја всади љубовта кон исламот. Ме направи таков што можам да ги разликувам доброто и злото. Си реков: ‚Бев во сите битки против Мухаммед алејхиселам. Но секој пат кога го напуштав бојното поле, знаев дека сум на расипан и погрешен пат и дека тој еден ден сигурно ќе нѐ победи, и си заминував со тие чувства.‘ И кога Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) дојде во Худејбија, јас бев заповедник на непријателската коњица. Кај Усфан им се приближив и им се покажав. Ресулуллах, сигурен од нас, ги предводеше своите асхаби во пладне-намазот. Сакавме ненадејно да ги нападнеме, но не беше можно. И добро беше што беше така. Ресулуллах мора да сфатил што ни минуваше низ срцата, зашто икиндија-намазот го клањаа претпазливо. Тоа многу влијаеше врз мене. Си реков: ‚Овој човек сигурно е заштитен од Аллах.‘ Се разделивме. Додека бев во разни мисли, Мухаммед алејхиселам дојде во Мека на умра, а јас не му се покажав. Дошле заедно со мојот брат Велид, но не ме нашле. Мојот брат ми остави ваково писмо: ‚Бисмиллахир-рахманир-рахим! По фалбата и славата на Аллах теала и по салаватот и селамот на Ресулуллах велам: навистина не знам ништо почудно од тоа што си му свртел грб на исламот и си заминал. А не си неспособен да сфатиш дека патот по кој одиш е погрешен. Зошто не го користиш својот разум? Колку е чудно што не можеш да ја запознаеш и да ја разбереш верата каква што е исламот! Пејгамберот ме праша за тебе. Тој сака да го запознаеш исламот и својот труд и јунаштво да ги употребиш меѓу муслиманите, против мушриците. О брате мој! Пропушти многу прилики; немој повеќе да доцниш!..‘
Кога ми стигна писмото на брат ми, желбата да станам муслиман многу се засили во мене. Брзав да тргнам. Зборовите на Ресулуллах многу ме израдуваа. Таа ноќ во сонот од тесни, стеснети и безводни места, слични на пустина, излегов на едно зелено, пространо и широко место. Решив, кога ќе стигнам во Медина, да му го раскажам тој сон на хазрети Ебу Бекр и да го прашам за неговото толкување. Додека се подготвував да одам кај Ресулуллах, размислував: ‚Кој би можел да ми биде другар на патот дотаму?‘ Тогаш го сретнав Сафван ибн Умеја. Му раскажав каква е работата. Го одби мојот предлог. Потоа го сретнав Икрима ибн Ебу Џехл. Кога и тој одби, отидов дома. Го јавнав своето животно и отидов кај Осман ибн Талха. И нему му реков дека ќе одам кај Ресулуллах за да станам муслиман и го замолив да ми биде другар на патот. Без двоумење прифати и наутро, во времето на сехурот, тргнавме заедно. Кога стигнавме до местото наречено Хире, го сретнавме Амр ибн Ас. Нѐ праша каде одиме. Кога му ја кажавме нашата намера, рече дека и тој доаѓа од абисинската земја, дека станал муслиман кај Неџаши Асхама и дека оди во Медина за да му даде бејат на Ресулуллах. Ние тројцата стигнавме во Медина. Кога Пејгамберот дознал дека сме дошле, рекол: ‚Мека ни ги фрли своите мили чеда.‘ Кога стигнав во Медина, ја соблеков патната облека. Ја облеков својата најубава облека и се подготвив да се сретнам со Ресулуллах. Тогаш дојде мојот брат Велид и рече: ‚Побрзај. Зашто на Пејгамберот му е јавено дека сте дошле и тој многу се израдувал. Сега ве чека.‘ Набрзина отидов во присуството на тој возвишен Пејгамбер. Се насмевнуваше. Му дадов селам и реков: ‚Сведочам дека нема друго божество освен Аллах теала и дека ти си пејгамберот на Аллах теала.‘ Тој рече: ‚Фалбата нека е на Аллах теала, кој те упати на вистинскиот пат и ти го покажа правиот пат.‘ Потоа го замолив да Му упати дова на Аллах теала да ми ги прости гревовите. Упати дова за мене и рече: ‚Исламот ги брише гревовите сторени пред него.‘ И моите други двајца другари станаа муслимани.“2 Така овие тројца јунаци, меѓу најхрабрите во Мека, кои не се плашеа од ништо и воопшто не се двоумеа да ги дадат животите за своите цели, со искреност што им се брануваше од срцата, во присуството на Ресул-и екрем се удостоија да бидат од Есхаб-и кирам. Сега со сета сила ќе работат за да го искоренат куфрот. Асхабите многу се израдуваа што тие станаа муслимани и својата радост ја покажаа со текбирите „Аллаху екбер!“.
Хазрети Мухаммед е гласот на Хак,
тој е предводникот на двата света.
И Арапите и Персијците му се слуги.
Времето не видело роза како таа Роза,
и ти наведни ја главата пред тој Убав.
Имам Бусири
„Исламот ги брише гревовите сторени пред него“ Хадис-и шериф
