ВОЗВИШЕНИОТ АХЛАК НА ПЕЈГАМБЕРОТ1
Аллах теала, набројувајќи ги добрините и даровите што му ги даде на Својот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем) и милувајќи го неговото благословено срце, вели: „Ти си создаден со убава нарав.“2
Во ајет-и керимот е речено, по значење: „Ти, навистина, поседуваш хулук-и азим (ти имаш голем ахлак)“. Хулук-и азим значи да имаш со Аллах теала тајни, скриени работи, а меѓу луѓето да бидеш со убава нарав. Хазрети Икрима рече: „Слушнав од Абдуллах ибн Абас: ‚хулук-и азим‘ во овој ајет-и керим, односно убавите нарави, е ахлакот што го објави Чесниот Кур’ан.“
Убавиот ахлак на Ресулуллах беше причина многу луѓе да ја примат исламската вера.
Неговите зборови беа многу слатки, ги освојуваа срцата и ги привлекуваа душите. Неговиот разум беше толку голем што, кога дојде меѓу грубите и тврдоглави луѓе на Арапскиот Полуостров, многу убаво управуваше со нив, трпеливо ги поднесуваше нивните малтретирања и ги доведе до благост и послушност. Повеќето од нив ја оставија својата вера и станаа муслимани и на патот на исламската вера војуваа дури и против своите татковци и синови.
На неговиот пат ги жртвуваа својот имот и својата татковина и ја пролеваа својата крв. А не беа навикнати на такви работи. Неговата убава нарав, благоста, проштевањето, трпението, добрината и дарежливоста беа толку големи што секого го оставаа восхитен. Оние што го видоа и го слушнаа со радост стануваа муслимани. Ни во едно негово движење, ни во едно дело, ни во еден збор никогаш не е видена ни грдост ни недостаток. Иако заради себе не се лутеше на никого, кон непријателите на верата и кон оние што со јазикот и со раката ја напаѓаа верата беше строг и остар.
Мухаммед алејхиселам покажа илјадници муџизи; тоа го кажуваа сите, и пријатели и непријатели. Највредна од тие муџизи беше тоа што беше пристоен и со убава нарав. Хазрети Ебу Саид Худри рече: „Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) им даваше трева на животните. Ја врзуваше камилата. Ја метеше својата куќа. Ја молзеше овцата. Ги шиеше распараните обувки и ја крпеше својата облека.3 Јадеше заедно со својот слуга. Кога слугата ќе се изморуваше вртејќи ја рачната воденица, му помагаше. Од пазарот купуваше ова-она и во торба го носеше дома. Кога ќе сретнеше сиромав и богат, постар и помлад, прв даваше селам. За да се ракува со нив, прв ја подаваше својата благословена рака. Робот и сопственикот, бегот, црниот и белиот ги сметаше за еднакви. Кој и да беше, одеше таму каде што ќе го повикаа. Она што ќе го ставеа пред него, макар и малку, не го сметаше за безвредно.
Храна не оставаше од вечерта до утрото ниту од утрото до вечерта. Беше со убава нарав. Сакаше да прави добро и со сите живееше во слога. Беше со насмеано лице и со благ збор, а кога зборуваше, не се смееше. Изгледаше загрижен, но не беше намуртен. Беше скромен, но не беше со ниска природа. Беше величествен и будеше почит и страхопочит, но не беше груб. Беше нежен и дарежлив, но не расфрлаше, не даваше ништо залудно и секого го жалеше. Благословената глава секогаш му беше наведната напред. Од никого ништо не очекуваше. Кој сака среќа и мир, треба да биде како него.“ Енес ибн Малик рече: „Му служев на Ресулуллах десет години. Ниту еднаш не ми рече ‚уф‘. Никогаш не рече: ‚Зошто го направи ова вака?‘, ниту: ‚Зошто тоа не го направи?‘“4 Ебу Хурејре рече: „Во една газа (воен поход) го замоливме да упати дова кафирите да исчезнат. Рече: ‚Не сум испратен за да проколнувам, ниту за луѓето да трпат казна. Испратен сум за да им правам добро на сите и луѓето да најдат мир.‘“5 Аллах теала во 107-миот ајет-и керим од сурата Енбија вели, по значење: „Ние те испративме како милост и добрина за световите.“
Ебу Саид Худри рече: „Срамежливоста (хаја) на Ресулуллах беше поголема од срамежливоста на невините муслимански девојки.“6
Енес ибн Малик вели: „Кога Ресулуллах ќе се ракуваше со некого, не ја повлекуваше својата благословена рака од него додека тој човек не ја повлечеше својата.7 Не го вртеше своето благословено лице од него додека тој човек не го свртеше своето. Кога седеше покрај некого, седеше на колена и, од почит кон него, не седеше со подигната благословена нога.“
Џабир ибн Семура вели: „Ресулуллах зборуваше малку. Зборуваше кога беше потребно или кога ќе го прашаа нешто.“ Од ова се разбира дека секој муслиман треба да молчи, а не да зборува празни и бескорисни зборови. Во неговите благословени зборови имаше тертил и терсил, односно зборуваше многу јасно и уредно и лесно се разбираше. Енес ибн Малик рече: „Ресул алејхиселам ги посетуваше болните, одеше по џеназата и одеше таму каде што ќе го повикаа. Јаваше и на магаре. Го видов Ресул алејхиселам во газата Хајбер. Седеше на магаре чиј оглавник беше од јаже. Кога Ресул алејхиселам ќе излезеше од сабах-намазот, децата и работниците од Медина ги носеа пред него своите садови полни со вода и го молеа да го натопи во нив својот благословен прст. Иако беше зима и водата студена, не ја одбиваше нивната молба и им ги радуваше срцата.“8
Енес ибн Малик исто така вели: „Ако некое девојче ќе го фатеше Ресул алејхиселам за рака и ќе го поведеше заради некоја работа, одеше со него и ја решаваше неговата мака.“
„Ти, навистина, поседуваш хулук-и азим (ти имаш голем ахлак)“ Калем: 4
Џабир рече: „Никој никогаш не слушнал Ресул алејхиселам да рече ‚нема‘ кога некој ќе побараше нешто од него.“
Пејгамберот и по срамежливоста ги надминуваше сите созданија. Пред несоодветните работи очите му беа како затворени. Никому не му се обраќаше со нешто што не би му било пријатно.
Нашата мајка хазрети Аиша раскажа: „Кога ќе му јавеа на Ресулуллах дека некој направил нешто што не е убаво, без да го спомне неговото име, велеше општо: ‚Зошто прават така?‘ Така, без да го каже неговото име, го одвраќаше тој човек од лошото дело што го направил или го рекол.“9
Енес ибн Малик раскажа: „Еден ден во присуството на Пејгамберот влезе човек на чие лице беше размачкано нешто со жолта боја. Пејгамберот не му рече ништо. Не рече ништо што би го натажило. Кога тој човек излезе, рече: ‚Да му бевте кажале, па да го измиеше тоа од лицето!‘“10
Ресулуллах ги обединуваше народите. Не ги заваѓаше. Им укажуваше почит на првенците на секој народ и ги поставуваше на почесното место.
Никого не го лишуваше од своето благословено лице (џемал). Ги бараше Есхаб-и кирам и се распрашуваше за оние што не доаѓаа. На оние што седеа покрај него им даваше совети и секому му го даваше неговиот удел.
Во ничие срце не доаѓаше помислата дека тој, според своето однесување, сака еден повеќе од другиот. Кон оној што ќе дојдеше кај него со поплака беше трплив и го сослушуваше.
Додека човекот што дошол кај него не си заминеше сам, не го оставаше. На сите луѓе им ја покажуваше својата убава нарав и својот ахлак на најдобар начин. Пред него сите беа еднакви по право и правда. Никој немаше предност пред другиот, ниту каква било разлика. Нашата мајка хазрети Аиша рече: „Никогаш не видов никого со поубав ахлак од Ресулуллах. Секогаш кога некој од неговите асхаби или од неговиот Ехли бејт ќе го повикаше, тој задолжително одговараше: ‚Повели!‘“11
Ресулуллах ги повикуваше своите асхаби со најубавите имиња. Никому не му го прекинуваше зборот. Не го прекинуваше соговорникот додека не го завршеше својот збор или додека не станеше да си оди. За неговото убаво однесување, сочувство и милосрдие Аллах теала во 128-миот ајет-и керим од сурата Тевбе рече, по значење: „Тоа што вие трпите маки го повредува и го натажува. Многу е приврзан кон вас; кон верниците е многу милосрден, многу добро им посакува.“
И во 107-миот ајет-и керим од сурата Енбија рече, по значење: „(О Мој Хабибе!) Ние те испративме само како милост на световите.“
Пејгамберот, грижејќи се на неговиот умет да не му биде тешко, некои работи ги олеснуваше. Рече: „Да не беше тешко за мојот умет, ќе им наредев при секој абдест да користат мисвак.“12 Ни во држењето на зборот меѓу луѓето немаше никој над Пејгамберот. Абдуллах ибн Ебул-Хамса раскажа: „Пред да му биде објавено пејгамберството, направив една купопродажба со нашиот Пејгамбер. Останав должен еден дел. Му ветив дека ќе се најдеме во тоа и тоа време на тоа и тоа место, а заборавив. Кога по три дена се сетив на даденото ветување, веднаш истрчав на тоа место. Кога видов дека тој таму ме чека веќе три дена, се вкочанив од чудење. Ми рече: ‚Момче, ме измори! Те чекам тука цели три дена.‘“ Скромноста на Пејгамберот беше толку голема и без пример што ја немаше кај никого, дури ни кај ниеден пејгамбер (алејхимуселам).
Гордоста никогаш не се појави кај него. Кога на нашиот Пејгамбер му беше даден избор да биде пејгамбер-владетел или пејгамбер-роб, тој избра да биде пејгамбер-роб.13 Тогаш Исрафил алејхиселам му рече на Пејгамберот: „Навистина, Аллах теала ти го даде и она од што ти се сврте од скромност. Зашто на кијаметот ти си најголемиот меѓу синовите Адемови. Ти си првиот човек што ќе стане од гробот. И првиот што ќе направи шефаат си ти.“
Пејгамберот ѝ рече на нашата мајка хазрети Аиша:
„Ми беше понудено камењата и земјата на Мека да ми станат злато. Реков: ‚Не, Господаре мој! Нека еден ден бидам гладен, а еден ден сит. Денот кога ќе бидам гладен, ќе Те преколнувам и ќе Ти упатувам дова. Денот кога ќе бидам сит, ќе Ти оддавам фалба и сена.‘“14
Еднаш Џибрил алејхиселам дојде кај Пејгамберот и рече:
„Аллах теала ти праќа селам. Ако тој сака, ќе му ги претворам овие планини во злато. Каде и да оди, тие златни планини ќе бидат со него.“
Нашиот сакан Пејгамбер одговори: „О Џибриле! Овој свет е куќа на оној што нема куќа. И тој е имот на оној што нема имот. Го собира оној што нема разум.“15 Тогаш Џибрил алејхиселам рече: „О Мухаммеде! Аллах теала те зацврсти со цврст збор (кавл-и сабит).“
Нашата мајка хазрети Аиша рече: „Се случуваше да помине цел месец, а во куќата да не запалиме оган (за да зготвиме јадење). Имаше само урми и вода.“
Ибн Абас рече: „Ресулуллах и неговиот Ехли бејт многу ноќи легнуваа без да вечераат. Навечер не наоѓаа ништо за јадење.“ Нашата мајка Аиша рече: „Благословениот стомак на Ресулуллах никогаш не се насити со храна. За тоа никому не се пожали. Оскудицата за него беше подобра од богатството. Иако цела ноќ ќе се превиткуваше од глад, тоа не го одвраќаше од дневната ораза.16
„Ми беше понудено камењата и земјата на Мека да ми станат злато. Реков: ‚Не, Господаре мој! Нека еден ден бидам гладен, а еден ден сит. Денот кога ќе бидам гладен, ќе Те преколнувам и ќе Ти упатувам дова. Денот кога ќе бидам сит, ќе Ти оддавам фалба и сена‘“ Хадис-и шериф
Да сакаше, можеше од својот Господар да ги побара сите богатства на земјата, храната и раскошниот живот. Се колнам, кога ќе го видев во таква состојба, го жалев и плачев. Со раката го галев неговиот благословен стомак и велев:
‚Мојата душа нека ти е жртва! Зар не би можел да земеш малку корист од овој свет за да ти даде сила?‘
А тој одговараше: ‚О Аиша! Што ќе ми е овој свет? Моите браќа пејгамбери, кои се од улул-азм, поднесуваа и потешки работи од ова. Но во таква состојба продолжија да живеат. Се сретнаа со својот Господар. Затоа нивниот Господар нивното враќање кон Себе го направи многу убаво и им ги зголеми севапите. Јас се срамам да живеам раскошен живот, зашто таков живот би ме оставил зад нив. За мене најубаво и најмило е да стигнам до своите браќа и пријатели и да им се придружам.‘“
Нашата мајка хазрети Аиша рече: „Ресулуллах се пресели на ахиретот околу еден месец по овие зборови.“ И дарежливоста на Пејгамберот беше надалеку позната. Ни во таа убава особина никој не можеше да го достигне нашиот Пејгамбер.
Ибн Абас рече: „Ресулуллах во правењето добро беше најдарежливиот меѓу луѓето. Во благородниот месец рамазан и во времето кога се среќаваше со Џибрил алејхиселам беше подарежлив од утринскиот ветер.“ Енес ибн Малик вели: „Одев заедно со Ресул алејхиселам. На себе имаше бурд-и неџрани, односно наметка сошиена од јеменско платно. Еден селанец дојде одзади и толку силно го повлече за јаката што јаката на наметката му го изгреба благословениот врат и остана трага. Ресул алејхиселам само се насмеа на таквата постапка на тој човек и нареди да му се даде нешто.“ Ресул алејхиселам имаше соседка, една старица. Таа ја испрати својата ќерка кај Ресул алејхиселам и го замоли: „Немам облека со која би се покрила за да клањам намаз. Испрати ми некаква облека да се покријам во намазот.“ Ресул алејхиселам во тој миг немаше друга облека. Ја соблече кошулата од својот благословен грб и ѝ ја испрати на таа жена. Кога дојде времето за намаз, не можеше да оди во месџидот без облека. Кога Есхаб-и кирам го слушнаа тоа, рекоа: „Ресул алејхиселам е толку дарежлив што остана без кошула и не може да дојде во месџидот на џемат. Ајде и ние сѐ што имаме да им го поделиме на сиромасите.“ Аллах теала веднаш го испрати 29-тиот ајет-и керим од сурата Исра. Најпрвин на Својот Хабиб му рече, по значење:
„Не врзувај ги рацете за вратот, а не отворај ги ни сосема (не биди скржав и не ускратувај давање)“, а потоа: „Не дели го својот имот така што да не ти остане ништо (толку што ќе западнеш во маки, ќе го пропуштиш намазот и ќе се натажиш)! (Во садаката биди умерен.)“
Тој ден, по намазот, хазрети Алија дојде кај Ресулуллах и рече: „Ја Ресулаллах! Денес позајмив осум сребрени дирхеми за да го издржувам семејството. Да ви дадам половина. Купете си кошула.“ Ресул алејхиселам излезе на пазарот и купи кошула за два дирхема. Додека одеше со преостанатите два дирхема да купи храна, виде еден слепец како седи и вели: „Кој ќе ми даде кошула заради Аллах и за да стекне џенетска облека?“ Му ја даде кошулата што ја купи. Кога слепецот ја зеде кошулата в раце, почувствува убав мирис како мирис на мошус. Сфати дека тој мирис доаѓа од благословената рака на Ресул алејхиселам, зашто секоја работа што Ресул алејхиселам ќе ја облечеше еднаш, па макар и да се изабеше и да се распаднеше, со секој свој дел убаво миришаше како мошус.
Слепецот упати дова: „Господаре мој! Заради оваа кошула отвори ми ги очите!“ Двете очи веднаш му се отворија. Ресул алејхиселам замина оттаму. Купи кошула за еден дирхем. Додека одеше со преостанатиот дирхем да купи храна, виде една слугинка како плаче и праша: „Ќерко моја, зошто плачеш така?“ Девојката рече: „Јас сум слугинка на еден Евреин. Ми даде еден дирхем и ми нареди за половина дирхем да купам шишенце, а за другата половина масло. Ги купив и се враќав. Ми паднаа од рацете. Пропаднаа и шишенцето и маслото, и сега не знам што да правам.“ Ресул алејхиселам ѝ го даде на девојката својот последен дирхем. Рече: „Со ова купи шишенце и масло и однеси ги дома.“ Но кутрата девојка рече: „Се плашам дека Евреинот ќе ме тепа затоа што задоцнив дома.“ Рече: „Не плаши се! Ќе дојдам со тебе и ќе му кажам да не ти направи ништо.“ Дојдоа до куќата и тропнаа на вратата. Кога Евреинот ја отвори вратата и го здогледа Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем), остана зачуден. Ресулуллах му раскажа на Евреинот што се случило и се заземе со шефаат девојката да не ја казни. Евреинот му падна пред нозете на Ресулуллах и рече: „О голем Пејгамбере, круно над главите на илјадници луѓе, чија наредба ја чекаат илјадници лавови за да ја извршат! Заради една слугинка ја почести куќата на еден беден како мене. Ја Ресулаллах! Ја ослободувам оваа девојка во твоја чест. Научи ме на иманот и на исламот. Да станам муслиман пред тебе.“ Ресул алејхиселам го научи на исламот. Стана муслиман. Влезе во куќата и му раскажа на своето семејство што се случило. Сите станаа муслимани. Сето тоа се случи со берекетот на убавите нарави на Ресулуллах.
Секој муслиман треба да ги земе за пример овие состојби на Ресулуллах. На секој муслиман му е потребно да се украси со ахлакот на Аллах теала. Зашто Ресулуллах рече: „Украсете се со ахлакот на Аллах теала!“ На пример, едно од својствата на Аллах теала е „Сетар“, односно Оној што ги покрива гревовите.
И муслиманот треба да ги покрива маните и недостатоците на својот брат во верата. Аллах теала им ги простува гревовите на Своите робови. Затоа и муслиманите треба еден на друг да си ги простуваат пропустите и маните. Аллах теала е Керим и Рахим, односно Неговата добрина и дарежливост се изобилни и Неговото милосрдие е големо. Муслиманот треба да биде дарежлив и милосрден. Таков е и сиот убав ахлак.
„Да! Знам дека вие сѐ би направиле. Но не сакам да седам одделен од оние што работат. Аллах теала не го сака оној што седи одделен од своите другари“ Хадис-и шериф
Убавите нарави (ахлак) на Ресул алејхиселам се многубројни. Секој муслиман треба да ги научи и да се украси со таков ахлак. Така ќе му биде дарувано и на овој свет и на ахиретот да се спаси од несреќите и неволјите и да го достигне шефаатот на тој предводник на двата света.
Некои од неговите убави нарави:
1. Кај Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) знаењето, спознанието (ирфан), разбирањето (фехм), увереноста (јакин), цврстото уверување (икан), разумот, острината на умот, дарежливоста, скромноста, благоста (хилм), сочувството, трпението, ревноста, заштитничката ревност (хамијет), искреноста, доверливоста, храброста, величественоста (мехабет), јунаштвото, речитоста, јасноста на говорот (фесахат), проникливоста (фетанет), убавината (мелахат), воздржаноста од сомнителното, чедноста (ифет), благородноста (керем), праведноста, срамежливоста (хаја), откажувањето од овој свет (зухд) и богобојазливоста (таква) беа поголеми отколку кај сите пејгамбери.
2. Ги простуваше штетите и навредите што ги доживуваше и од пријателите и од непријателите. На ниту една не возвраќаше. Кога во газата Ухуд кафирите му го раскрвавија благословениот образ и му ги скршија забите, упати дова за оние што го направија тоа: „Господаре мој! Прости им! Прости им поради нивното незнаење!“
3. Сочувството му беше големо. На животните им даваше вода. Садот со вода го држеше со својата рака и чекаше додека не се напијат. На коњот што го јаваше му ги бришеше лицето и очите.
4. На секој што ќе го повикаше му одговараше со „Лебејк“ („Повели“). Пред никого не ги испружуваше нозете. Седеше клекнат на колена. 5. Не се сметаше себеси за повисок од никого. Еднаш, на едно патување, кога требаше да се пече една овца, еден рече: „Јас ќе ја заколам.“ Друг рече: „Јас ќе ја одерам.“ Трет рече: „Јас ќе ја испечам.“ Кога Ресулуллах рече: „А јас ќе соберам дрва“, тие рекоа: „Ја Ресулаллах! Ти одмори се! Ние ќе ги собереме.“ Тој рече: „Да! Знам дека вие сѐ би направиле. Но не сакам да седам одделен од оние што работат. Аллах теала не го сака оној што седи одделен од своите другари.“ И стана и отиде да собира дрва. 6. Кога ќе дојдеше на местото каде што седеа неговите асхаби (радијаллаху теала анхум еџмаин), не поминуваше на почесното место. Седнуваше на првото празно место што ќе го видеше. Еден ден, кога излезе на улица со стап во раката, оние што го видоа станаа на нозе. Тој рече: „Не станувајте за мене онака како што другите стануваат едни пред други во знак на почит! И јас сум човек како вас. Јадам како сите. Кога ќе се изморам, седнувам.“
7. Во јадењето, во облекувањето и во сѐ друго не ги одвојуваше своите слуги од себе. Им помагаше во нивната работа. Никогаш не беше видено да удрил некого или да навредил некого.
Енес ибн Малик, кој секогаш беше во негова служба, вели: „Десет години му служев на Ресулуллах. Услугата што тој ми ја правеше мене беше поголема од онаа што јас му ја правев нему. Никогаш не видов да се налути на мене или да ми рече груб збор.“17
8. Сам ги крпеше своите искинати и распарани алишта, сам ги молзеше своите овци и сам им даваше храна на своите животни. Она што ќе го купеше на чаршијата сам го носеше дома. На пат им даваше храна на своите животни, а понекогаш и ги тимареше. Тоа понекогаш го правеше сам, а понекогаш им помагаше на своите слуги. 9. Кога слугите на некои луѓе ќе дојдеа да го повикаат, според обичајот на Медина одеше со нив држејќи се за раце.
10. Ги посетуваше болните и присуствуваше на џеназите. За да ги придобие срцата, ги посетуваше и болните меѓу кафирите и мунафиците. 11. Откако ќе го предводеше сабах-намазот, седнуваше свртен кон џематот и велеше: „Има ли болен меѓу нашите браќа? Ајде да го посетиме!“ Ако немаше болен, велеше: „Има ли некој што има џеназа? Ајде да помогнеме!“ Ако имаше џеназа, помагаше при капењето и завиткувањето во ќефин, го предводеше џеназа-намазот и ја испраќаше до гробот. Ако немаше џеназа, велеше: „Ако некој сонувал сон, нека раскаже! Да чуеме и да го протолкуваме!“
12. Ако три дена не видеше некој од своите асхаби, прашуваше за него. Ако отпатувал, упатуваше добра дова за него, а ако беше во градот, одеше да го посети. 13. На муслиманот што ќе го сретнеше на патот прв му даваше селам. 14. Јаваше камила, коњ, мазга и магаре, а понекогаш качуваше и друг зад себе.
15. Им служеше на своите гости и на своите асхаби и велеше: „Предводникот на еден народ, највисокиот меѓу нив, е оној што им служи.“
16. Никогаш не беше видено да се смее гласно. Тивко се насмевнуваше. Понекогаш, додека се смееше, му се гледаа благословените предни заби.
17. Секогаш изгледаше замислен и загрижен и зборуваше малку. Разговорот го почнуваше со насмевка. 18. Не зборуваше ништо непотребно и некорисно. Кога беше потребно, зборуваше кратко, корисно и со јасно значење. За добро да се разбере, понекогаш повторуваше три пати.
19. Се шегуваше и кажуваше духовитости и со туѓи и со познати, со децата, со старите жени и со жените што му беа махрем. Но тоа никогаш не стануваше причина ниту за миг да го заборави Аллах теала.
20. Поради неговата величественост никој не можеше да го гледа в лице. Еден човек дојде, му погледна во благословеното лице и се стресе. Тој рече: „Не вознемирувај се! Јас не сум владетел, не сум тиранин. Јас сум син на една кутра жена што јадеше суво месо.“ Стравот на човекот исчезна и тој почна да ја кажува својата неволја.
21. Немаше ни стражари ни вратари. Секој лесно можеше да дојде кај него и да ја каже својата неволја. 22. Беше многу срамежлив. Се срамеше да го гледа в лице човекот со кого разговараше.
„Предводникот на еден народ, највисокиот меѓу нив, е оној што им служи“ Хадис-и шериф
23. На никого не му ги фрлаше маните в лице. Од никого не се жалеше и никого не оговараше. Кога не му се допаѓаше нечиј збор или нечија работа, велеше: „Зошто ли некои луѓе прават така?“
24. Иако беше миленик на Аллах теала, Негов ресул и Нему мил, велеше: „Меѓу вас јас најдобро Го познавам Аллах теала и најмногу се плашам од Него.“ Велеше: „Кога би го виделе она што јас го гледам, малку ќе се смеевте, а многу ќе плачевте.“18 Кога на небото ќе видеше облак, велеше: „Господаре мој! Не ни праќај казна со овој облак!“ Кога ќе дувнеше ветер, упатуваше дова: „Господаре мој! Прати ни ветер што носи добро!“ Кога ќе загрмеше, велеше: „Господаре мој! Не нѐ умртвувај со Твојот гнев, не нѐ уништувај со Твојата казна и пред тоа дарувај ни здравје!“
Кога ќе застанеше на намаз, од неговите гради се слушаше звук како кога воздивнува човек што плаче. Така беше и кога го учеше Чесниот Кур’ан. 25. Силата на неговото срце и неговата храброст беа толку големи што будеа восхит. Во газата Хунејн, кога муслиманите се раштркаа, тој остана со тројца-четворица луѓе. Неколку пати сам им се спротивстави на нападот на кафирите и воопшто не отстапи. Им застана наспроти и ги натера во бегство.
26. Беше многу дарежлив. Подаруваше стотици камили и овци, а за себе не оставаше ништо. Мнозина кафири со тврдо срце, гледајќи ги овие негови добрини, поверуваа.
27. Никогаш не се чу да рекол „нема“ кога ќе му побараа нешто. Ако имаше, даваше, а ако немаше, молчеше.
28. Иако Аллах теала му рече: „Барај, ќе ти дадам“, тој не побара богатство од овој свет. Никогаш не јадеше леб од просеано пченично брашно. Секогаш јадеше леб од непросеано јачменово брашно. Не беше видено да јадел до ситост. Имало и времиња кога дома по два-три месеци не се готвело јадење ниту се месел леб, туку јадел само урми. Се случувало и два-три дена да не јаде ништо.
29. Кога се пресели на ахиретот, неговиот железен оклоп беше најден оставен во залог кај еден Евреин за триесет килограми јачмен. 30. Никогаш не се чу да покудил некое јадење. Она што му се допаѓаше го јадеше, а она што не му се допаѓаше не го јадеше и ништо не велеше. Јадеше еднаш на ден. Понекогаш наутро, понекогаш навечер. Кога ќе дојдеше дома, прашуваше: „Има ли нешто за јадење?“; ако му речеа дека нема, постеше. Јадењето не го ставаше на трпезна покривка, послужавник, маса или нешто слично, туку на земја, и јадеше клекнат, без да се потпира на ништо. Со јадењето почнуваше изговарајќи Бисмиллах. Јадеше со десната рака. 31. На своите сопруги и на неколку слуги понекогаш им одвојуваше јачмен и урми за една година, а од тоа им даваше садака и на сиромасите.
32. Како и другите пејгамбери, не примаше ни имот од зекат ни садака. Подарок примаше. Најчесто возвраќаше со повеќе.
33. Неговата постела беше од штавена кожа, полнета со влакна од урмена палма. Кога му донесоа постела полнета со волна, не ја прифати и рече: „О Аиша! Се колнам во Аллах теала дека, ако посакам, Аллах теала насекаде покрај мене би држел купишта злато и сребро.“ Понекогаш спиеше на рогозина, на штица, на душек, на плстено ќебе од волна или на сува земја.
34. По јацијата спиеше до полноќ, а потоа до сабах-намазот правеше ибадет. Легнуваше на десната страна, десната рака ја ставаше под образот и, откако ќе проучеше некои сури, заспиваше. 35. Правеше тефеул, односно она што ќе го видеше прво или одненадеж го толкуваше на добро. Ништо не сметаше за лош знак.
36. Во тажните мигови ја фаќаше својата брада и размислуваше.
37. Кога ќе се нажалеше, веднаш почнуваше да клања намаз. Со насладата и спокојството на намазот ја разгонуваше тагата. 38. Никогаш не ги слушаше зборовите на оној што прави гибет, односно на оној што оговара други.
39. Кога при одење требаше да погледне настрана или зад себе, се свртуваше со целото тело. Не гледаше вртејќи ја само главата. 40. Стравот на Пејгамберот од Аллах теала, неговата покорност Нему и неговиот ибадет беа толку големи што никој не би можел да ја издржи таа негова состојба. Клањаше намаз додека не му отечеа благословените стапала. Кога му рекоа: „Ја Ресулаллах! Иако ви се простени сите поранешни и подоцнежни грешки, зошто толку се мачите?“, тој одговори: „Зар да не бидам робот што најмногу Му благодари на Аллах теала?“
Славејот на душата една роза непрестајно ја посакува,
немој да мислиш дека кавга со туѓинците посакува.
Без да застане, околу неа кружи како шестар,
а одненадеж да полета во самотија посакува.
Сфатив: таа убава роза тајната на туѓинец не му ја открила,
како пупка, секогаш само славејот го посакува.
Од туѓинците го скрила таа убавица својот образ,
а тие залудно сува, празна страст посакуваат.
Зати! По патот на средбата оди како Меџнун,
топејќи се самиот себеси, Лејла ја посакува.
„Зар да не бидам робот што најмногу Му благодари на Аллах теала?“ Хадис-и шериф
