Мојот сакан Пејгамбер

ФАЗИЛЕТИТЕ НА ПЕЈГАМБЕРОТ

Има стотици книги што ги опишуваат фазилетите на Мухаммед алејхиселам. Фазилет значи „предност“. Некои од неговите предности се наведени подолу: 1. Меѓу созданијата, најнапред беа создадени нурот и душата на Мухаммед алејхиселам. 2. Аллах теала го напиша неговото име на Аршот, на џенетите и на седумте ката небеса. 3. На ливчињата на една роза што расте во Индија е напишано „Ла илахе иллаллах Мухаммедун ресулуллах“. 4. На десната страна на една риба, уловена во една река близу до градот Басра, било видено напишано „Аллах“, а на левата „Мухаммед“. Слични настани има многу. Во книгата A History of Fishes, отпечатена во 1975 година во Лондон, на двестотата страница има слика од риба на чија опашка со буквите на Чесниот Кур’ан е напишано „Шануллах“. Во дадениот опис е соопштено дека и на другата страна од опашката е напишано „Ла илахе иллаллах“. Примери за тоа има многу. 5. Има мелеки што немаат друга должност освен да го изговараат името на Мухаммед алејхиселам. 6. Мелеките добија наредба да паднат на сеџде кон хазрети Адем затоа што на неговото чело се наоѓаше нурот на Мухаммед алејхиселам. 7. Аллах теала на сите пејгамбери им објави дека ќе дојде Мухаммед алејхиселам, а исто така и тоа да им наредат на своите умети да поверуваат во него ако го доживеат неговото време. 8. Кога требаше да дојде на светот, беа видени многу големи знаци. Тие се запишани во книгите на историјата и на мевлудот. 9. Кога дојде на светот, беше видено дека папокот веќе му е отсечен и дека е обрезан. 10. Откако дојде на светот, шејтаните веќе не можеа да се качуваат на небото и да крадат вести од мелеките. 11. Кога дојде на светот, сите идоли на земјата и киповите на кои им се поклонуваа паднаа ничкум. 12. Неговата лулка ја нишаа мелеките. 13. Додека беше во лулката, разговараше со месечината на небото. Таа се навалуваше на страната кон која ќе покажеше со својот благословен прст. 14. Уште во лулката почна да зборува. 15. Кога како дете одеше по отворени предели, над неговата глава заедно со него се движеше облак и му правеше сенка. Тоа траеше сѐ до почетокот на неговото пејгамберство. 16. Секој пејгамбер имаше печат на пејгамберството на десната рака. А печатот на Мухаммед алејхиселам се наоѓаше на средината на неговиот благословен грб, близу до левата лопатка, над срцето. Кога Џибрил алејхиселам му го изми срцето и му ги затвори градите, му го запечати грбот со печатот што го донесе од џенетот.

17. Гледаше зад себе исто како што гледаше пред себе.

18. Гледаше во темнина исто како што гледаше на светло. 19. Неговата плунка ги правеше горчливите води слатки, на болните им даваше лек, а на доенчињата им беше храна како млеко. 20. Додека очите му спиеја, срцето му беше будно. (Такви беа и сите пејгамбери.) 21. Никогаш во животот не проѕевна. 22. Неговата благословена пот мирисаше убаво како роза. Еден сиромав човек, кога ја мажеше својата ќерка, побара помош од него. Во тој миг Пејгамберот немаше што да му даде. Му стави малку од својата пот во едно мало шишенце и му го даде. Кога таа девојка ќе си ги намачкаше лицето и главата со неа, куќата ѝ мирисаше на мошус. Нејзината куќа стана позната со името (куќата со убав мирис). 23. Иако беше со среден раст, кога беше покрај високи луѓе, изгледаше повисок од нив. 24. Кога одеше на сончева или месечева светлина, неговата сенка не паѓаше на земјата. 25. На неговото тело и на неговата облека не слетуваа ни муви, ни комарци, ни други инсекти. 26. Неговата долна облека, колку и да ја носеше, никогаш не се валкаше. 27. Секогаш кога одеше, зад него одеа мелеки. Затоа ги пушташе своите асхаби да одат напред и велеше: „Оставете го просторот зад мене за мелеките.“1 28. Кога ќе стапнеше на камен, на каменот му остануваше трагата од стапалото. А кога одеше по песок, не оставаше никаква трага. Кога ќе вршеше нужда, земјата се отвораше и урината и сличното остануваа во земјата. (Такви беа и сите пејгамбери.) 29. Меѓу луѓето и мелеките нему му беше дадено најмногу знаење. Иако беше умми, односно иако од никого ништо не беше учел, Аллах теала му објави сѐ. Како што на Адем алејхиселам му беа објавени имињата на сите нешта, така и нему му беа објавени имињата и знаењето за сите нешта. 30. Му беа објавени имињата на припадниците на неговиот умет, нивните ликови и сѐ што ќе се случи меѓу нив. 31. Неговиот разум е поголем од разумот на сите луѓе. 32. Сите добри нарави што можат да се најдат кај луѓето му беа дарувани нему. Кога големиот поет Омер ибнул-Фарид го прашаа: „Зошто не го пофали Ресулуллах?“, тој рече: „Сфатив дека немам сила да го пофалам. Не најдов зборови со кои би го пофалил.“

„Нема да бидам задоволен ако и еден од мојот умет остане во џехенемот“ Хадис-и шериф

33. Во зборовите на шехадетот, во езанот, во икаметот, во тешехудот во намазот, во многу дови, во некои ибадети и хутби, при давањето совет, во тешки времиња, во гробот, на махшерот, во џенетот и на јазикот на секое создание Аллах теала го стави неговото име покрај Своето име. 34. Најголемата од неговите предности е тоа што е Хабибуллах. Аллах теала го направи Свој миленик и пријател. Тој него го сакаше повеќе од секого и повеќе од секој мелек. Рече: „Ако Ибрахим го направив Халил, тебе те направив Свој Хабиб.“

35. Ајет-и керимот, чие значење е: „Ќе ти давам сѐ што ќе посакаш додека не бидеш задоволен (додека не речеш: ‚Доста е!‘)“2, ветува дека Аллах теала на Својот Пејгамбер ќе му ги дарува сите знаења, сите предности, исламските прописи, помош и победа над непријателите, на неговиот умет освојувања и победи, а на Судниот ден секаков шефаат и теџелии. Кога беше спуштен овој ајет-и керим, тој погледна во Џибрил алејхиселам и рече: „Нема да бидам задоволен ако и еден од мојот умет остане во џехенемот.“ 36. Аллах теала во Чесниот Кур’ан на секој пејгамбер му се обрати со неговото име, а на Мухаммед алејхиселам со зборовите: „О Мој Ресуле! О Мој Пејгамбере!“ 37. Зборуваше на секое наречје од арапскиот јазик, многу јасно и лесно разбирливо. На оние што доаѓаа од разни краишта и го прашуваа им одговараше на нивното наречје. Оние што го слушаа остануваа восхитени. Велеше: „Аллах теала многу убаво ме воспита.“3

38. Со малку зборови објаснуваше многу работи. Повеќе од сто илјади негови хадис-и шерифи покажуваат дека тој беше „Џевамиул-келим“.

Некои учени рекоа: „Мухаммед алејхиселам ги објави четирите темели на верата ислам со четири хадиси:

- ‚Делата се вреднуваат според нијетот.‘4 и

- ‚Халалот е очигледен и харамот е очигледен.‘5 и

- ‚Тужителот треба да доведе сведок, а обвинетиот треба да се заколне.‘6 и

- ‚Иманот на човекот нема да биде совршен додека не му го посака на својот брат во верата она што го сака за себе.‘7 Првиот од овие четири хадиси е темелот на знаењето за ибадетот, вториот – за меѓусебните односи (муамелат), третиот – за хусумат, односно за судството и управувањето, а четвртиот – за добрите обичаи (адаб) и ахлакот.“8

39. Мухаммед алејхиселам беше масун (заштитен) и масум (безгрешен). Ни свесно ни несвесно, ни голем ни мал, ни пред четириесеттата година ни по неа, не направи ниту еден грев. Не беше видена ниту една негова грда постапка. 40. На муслиманите им беше наредено, седејќи во намазот, да му дадат селам на Мухаммед алејхиселам учејќи: „Еселаму алејке ејухен-неби ве рахметуллахи“. Во намазот не е џаиз (не е дозволено) да им се даде селам на некој друг пејгамбер или на мелеките. 41. Во хадис-и кудси е речено: „Да не беше ти, ништо немаше да создадам!“9

42. Другите пејгамбери сами одговараа на клеветите на кафирите. А на клеветите изречени против Мухаммед алејхиселам одговори Аллах теала и го одбрани. 43. Бројот на уметот на Мухаммед алејхиселам е поголем од збирот на бројот на уметите на другите пејгамбери. Тие се повозвишени и почесни од нив. Во хадис-и шерифите е објавено дека две третини од оние што ќе влезат во џенетот ќе бидат од овој умет. 44. Севапите што ќе му бидат дадени на Ресулуллах се многукратно поголеми од севапите што ќе им бидат дадени на другите пејгамбери.

Колку севап ќе му биде даден на оној што ќе направи примен ибадет или добро дело, толку ќе му биде даден и на неговиот учител. На учителот на неговиот учител – четирикратно, на неговиот учител – осумкратно, а на неговиот учител – шеснаесеткратно, и така, сѐ до Ресулуллах, на секој учител ќе му се дава двојно повеќе севап отколку на неговиот ученик. На пример, на дваесеттиот учител ќе му бидат дадени 524.288 севапи. На Мухаммед алејхиселам ќе му се дава севап за секое дело на секој од неговиот умет.

Ако според оваа сметка се размисли за бројот на севапите што ќе му бидат дадени на Мухаммед алејхиселам за секое дело, нивното вкупно количество не го знае никој освен Аллах теала. Објавено е дека селеф-и салихин се подобри и повозвишени од оние што дојдоа подоцна. Според бројот на севапите оваа предност е очигледна. 45. Харам (строго забрането) е направено да се повикува по име, да се зборува гласно покрај него, да му се довикува оддалеку и да се претекнува на патот. Уметите на другите пејгамбери ги повикуваа своите пејгамбери по име. 46. Тој го виде Џибрил алејхиселам во ликот на мелек двапати. Ниту еден друг пејгамбер не го виде во неговиот изворен лик. 47. Џибрил алејхиселам му дојде дваесет и четири илјади пати. Од другите пејгамбери најмногу дојде кај Муса алејхиселам. Тоа доаѓање се случи четиристотини пати.

„Кој непријателува со мојот Ехли бејт, тој е мунафик (дволичник)“ Хадис-и шериф

48. И Исрафил алејхиселам многупати дојде кај Мухаммед алејхиселам. Кај другите пејгамбери (алејхимусалавату ветеслимат) доаѓаше само Џибрил алејхиселам. 49. Џаиз е Аллах теала да се преколнува со Мухаммед алејхиселам, а со другите пејгамбери и со мелеките не е џаиз. 50. По Мухаммед алејхиселам на другите им беше направено харам да ги земат за жени со никах неговите сопруги, и во таа смисла е објавено дека тие се мајки на верниците.

Сопругите на другите пејгамбери (алејхимусалавату ветеслимат) или им беа штетни или не им беа од корист. А благословените сопруги на Мухаммед алејхиселам (радијаллаху теала анхунне) му беа помошнички во работите на овој свет и на ахиретот, беа трпеливи во сиромаштијата, благодареа и многу служеа во ширењето на исламот. 51. Роднинството по лоза и по причина, односно по крв и по никах, на Судниот ден нема да биде од корист. Роднините на Ресулуллах се исклучок од тоа. 52. Да се носи името на Ресулуллах е корисно и на овој свет и на ахиретот. Вистинските верници што го носат неговото име нема да влезат во џехенемот. 53. Секој негов збор и секоја негова работа се исправни. Секој негов иџтихад го потврдува Аллах теала. 54. Да се сака тој е фарз (строга наредба од Аллах) за секого. Тој рече: „Кој Го сака Аллах теала, ме сака и мене.“ Знакот на љубовта кон него е да се следат неговата вера, неговиот пат, неговиот сунет и неговиот ахлак. Во Чесниот Кур’ан му беше наредено да каже: „Ако ме следите мене, Аллах теала ќе ве сака.“

55. Ваџиб (неопходна верска должност) е да се сака неговиот Ехли бејт. Тој рече: „Кој непријателува со мојот Ехли бејт, тој е мунафик (дволичник)“. Ехли бејт се неговите роднини на кои им е харам да земаат зекат. Тоа се неговите сопруги и верниците од лозата на неговиот прадедо Хашим, односно оние што потекнуваат од Алија, Укајл, Џафер Тајар и Абас.

56. Ваџиб е да се сакаат сите негови асхаби. Тој рече: „По мене не непријателувајте со моите асхаби! Да се сакаат тие значи да се сакам јас. Да им се биде непријател ним значи да ми се биде непријател мене. Кој ги вознемирува нив, ме вознемирил мене. А кој ме вознемирува мене, Го вознемирува Аллах теала. Аллах теала го казнува оној што Го вознемирува Него.“

57. Аллах теала создаде за Мухаммед алејхиселам двајца помошници на небото и двајца на земјата. Тоа се Џибрил, Микаил, Ебу Бекр и Омер (радијаллаху теала анхум еџмаин).10 58. На секого, маж или жена, што ќе почине во зрела возраст, во гробот ќе му биде поставено прашање за Мухаммед алејхиселам. Како што ќе биде прашан: „Кој е твојот Господар?“, ќе биде прашан и: „Кој е твојот пејгамбер?“ 59. Читањето на хадис-и шерифите на Мухаммед алејхиселам е ибадет. На оној што ги чита му се дава севап.

За читањето хадис-и шериф е мустехаб (пофално, препорачано дело) да се земе абдест, да се облече чиста облека, да се намириса со убав мирис, книгата со хадис-и шерифи да се стави на високо место, оној што чита да не станува на нозе пред оние што доаѓаат однадвор и слушателите да не разговараат меѓу себе. Лицата на оние што постојано читаат хадис-и шерифи стануваат нурни, сјајни и убави. И кога се учи Чесниот Кур’ан, треба да се почитуваат овие правила на едеп. 60. За да ја земе неговата благословена душа, Азраил алејхиселам дојде во лик на човек. Побара дозвола да влезе внатре. 61. Во својот гроб тој е жив со живот што ние не го знаеме. Во гробот го учи Чесниот Кур’ан и клања намаз. (Такви се и сите пејгамбери.) 62. Мелеките што ги слушаат муслиманите како насекаде во светот донесуваат салават за Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) доаѓаат до неговиот гроб и му соопштуваат. Неговиот гроб секој ден го посетуваат илјадници мелеки. 63. Земјата во неговиот гроб е повозвишена од секое место и од Кааба, „и од џенетите“. 64. Делата и ибадетите на неговиот умет му се покажуваат секое утро и секоја вечер. Ги гледа и оние што ги прават и упатува дова да им се прости на оние што прават гревови. 65. Посетувањето на неговиот гроб е мустехаб и за жените. А другите гробови им е џаиз да ги посетуваат само кога е пусто и во облека што ѝ прилега на муслиманка. 66. Како што беше додека беше жив, така и по неговото преселување на ахиретот, Аллах теала насекаде во светот и во секое време ја прима довата на оние што прават тевесул со него, односно на оние што бараат заради неговиот углед и неговата почит.

Еден селанец дојде покрај неговото турбе и рече: „Господаре мој! Наредил си да се ослободуваат робови. Ова е Твојот Пејгамбер, а јас сум еден од Твоите робови. Заради Твојот Пејгамбер ослободи ме од огнот на џехенемот!“ Се чу глас: „О робу Мој! Зошто побара да бидеш ослободен само ти? Зошто не побара да бидат ослободени сите Мои робови? Ајде, оди! Те ослободив од џехенемот.“

Еден од познатите евлии (Аллахови пријатели), Хатим-и Есам, застана покрај турбето на Ресулуллах и рече: „Господаре мој! Го посетив гробот на Твојот Пејгамбер. Не ме враќај со празни раце!“ Се чу глас: „О робу Мој! Ја примив твојата посета на гробот на Мојот Хабиб. Ти простив тебе и на оние што го посетија заедно со тебе.“

Имам Ахмед Касталани (рахметуллахи алејх) раскажува: „Неколку години страдав од една болест. Лекарите не можеа да ѝ најдат лек. Една ноќ во Мека многу му се обраќав со молба на Ресулуллах. Таа ноќ во сонот видов еден човек. На хартијата во неговата рака прочитав: ‚Овде, со дозвола на Ресулуллах, е запишан лекот за болеста на Ахмед Касталани.‘ Кога се разбудив, од болеста немаше ни трага.“ Касталани исто така раскажува: „Едно кутро девојче се беше разболело од падавица. Многу му се обраќав со молба на Ресулуллах за да оздрави. Во сонот еден човек ми го донесе џинот што го беше разболел девојчето и рече: ‚Овој ти го испрати Ресулуллах.‘ Се налутив на џинот и му викнав. Ми се заколна дека нема да го вознемирува девојчето, и се разбудив. Набрзо дознав дека девојчето оздравело од падавицата.“

67. На Судниот ден најпрво од гробот ќе стане Ресулуллах. На него ќе има џенетска облека. Со Бурак ќе отиде на местото на махшерот, а во раката ќе му биде знамето што се вика „Лива-и хамд“. Пејгамберите и сите луѓе ќе стојат под тоа знаме. Сите ќе бидат многу измачени од чекањето илјада години. Луѓето по ред ќе одат кај пејгамберите Адем, Нух, Ибрахим, Муса и Иса (алејхимуселам) и ќе ги молат да направат шефаат за да почне пресметката. Секој од нив ќе го каже своето оправдање, ќе рече дека се срами и се плаши од Аллах теала и ќе се воздржи од шефаат. Потоа, кога ќе отидат кај Ресулуллах и ќе го замолат, тој ќе падне на сеџде, ќе упати дова и неговиот шефаат ќе биде примен. Најнапред ќе биде пресметан неговиот умет; тие први ќе го поминат Сиратот и први ќе влезат во џенетот. Каде и да поминат, сѐ ќе осветлат со нур.

Кога хазрети Фатима ќе го поминува Сиратот, ќе биде речено: „Секој нека ги затвори очите! Доаѓа ќерката на Мухаммед алејхиселам.“

68. Местото на кое ќе биде Ресулуллах во џенетот се вика Весиле. Тоа е највисокиот степен на џенетот. Таму се наоѓа коренот на дрвото Сидретул-мунтеха, чија по една гранка се протега до секој што е во џенетот. Благодатите ќе им доаѓаат на жителите на џенетот од тие гранки.

69. Во езанот што се учеше за намаз во времето на Адем алејхиселам се изговараше и името на Мухаммед алејхиселам.

70. Во Теврат, во Инџил и во Зебур Мухаммед алејхиселам, неговите четворица халифи, неговите асхаби и некои од неговиот умет се опишани со убави својства и пофалени. Аллах теала од Своето име Махмуд го изведе зборот Мухаммед и му го даде како име на Својот Хабиб. Аллах теала од Своите имиња му ги даде на Својот Хабиб и имињата Рауф и Рахим. 71. Кога имаше три години, кога на четириесет години му беше објавено пејгамберството и кога на педесет и две години беше однесен на Мираџ, мелеките му ги отворија градите. Во легенот што го донесоа од џенетот му го измија срцето со џенетска вода. 72. Со своите очи ги виде седумте ѕвезди во ѕвезденото јато наречено „Сураја“, што се наоѓа покрај соѕвездието Севр (Вол, Бик), и го соопшти нивниот број. Тоа ѕвездено јато се вика и Первин и Улкер. 73. Имаше такви што пиеја од неговата крв од хаџамет (пуштање крв). Кога еден ја испи, тој рече: „Огнот на џехенемот нема да го гори.“ 74. Една од неговите големи муџизи е тоа што беше однесен на Мираџ. Со џенетското животно наречено Бурак беше однесен од Мека во Ерусалим (Кудс). Оттаму беше однесен на небесата и на Аршот. Му беа покажани чудесни нешта. Го виде Аллах теала со очите на главата, на начин што не може да се знае. (Но тоа гледање се случи надвор од материјалниот свет, односно во светот на ахиретот.) Во еден миг повторно беше донесен во својата куќа. Муџизата Мираџ не му беше дадена на ниту еден друг пејгамбер.

75. На неговиот умет му стана фарз еднаш во животот да донесе салават и селам за него. И Аллах теала и мелеките донесуваат салават и селам за него.

„Сакам пејгамберство како роб“ Хадис-и шериф

76. И ноќе, и буден и во сон, и сам и меѓу многумина, и на пат и дома, и во битка, и кога се смееше и кога плачеше, неговото благословено срце секогаш беше со Аллах теала. А во некои мигови беше само со Аллах теала.

За да може да ги извршува своите должности на овој свет и своето благословено срце да го сврти кон светот на луѓето, доаѓаше кај својата сопруга Аиша (радијаллаху анха) и велеше: „О Аиша! Зборувај малку со мене (за да дојдам на себе)“, а потоа одеше да ги советува и да ги упатува своите асхаби. Откако ќе го клањаше сунетот на сабах-намазот дома и ќе зборуваше малку со Аиша (радијаллаху анха), одеше во месџидот за да им го предводи фарзот на своите асхаби. Оваа состојба е од хасаис-и пејгамбери (посебностите што му припаѓаат само на Пејгамберот). Да излезеше без да зборува со Аиша (радијаллаху анха), поради божествените теџелии и нурови никој не би можел да го гледа в лице. 77. Не посака чин и власт, туку посака пејгамберство и сиромаштија. Едно утро, разговарајќи со Џибрил алејхиселам, рече дека таа ноќ дома немале ни залак храна. Во тој миг дојде Исрафил алејхиселам и рече: „Аллах теала го чу тоа што го рече и ме испрати. Ако сакаш, секој камен што ќе го допреш со раката нека стане злато, сребро или смарагд. Ако сакаш, биди пејгамбер како владетел.“ Ресулуллах три пати рече: „Сакам пејгамберство како роб.“

78. Другите пејгамбери (алејхимусалавату ветеслимат) беа пејгамбери во одредено време и во одредена земја. А Мухаммед алејхиселам е испратен како пејгамбер до сите луѓе и џинови на земјата до Судниот ден. Има и учени што објавија дека тој е пејгамбер и на мелеките, и на животните, и на растенијата, и на неживите нешта, накратко, на сите созданија.

79. Неговата милост и неговата корист се раширија врз сите суштества. Неговата корист за верниците е очигледна. Кафирите во времето на другите пејгамбери (алејхимусалавату ветеслимат) беа казнувани на овој свет и уништувани. А оние што не поверуваа во него не беа казнети на овој свет. Еден ден тој му рече на Џибрил алејхиселам: „Аллах теала објави дека јас сум милост на световите. Дали и тебе ти припадна дел од мојата милост?“ Џибрил рече: „Пред величината и страшноста на Аллах секогаш бев во страв каков ќе биде мојот крај. Кога ги донесов ајетите што објавуваат дека сум емин (доверлив) (20-тиот и 21-виот ајет од сурата Ет-Теквир), со таа пофалба се спасив од страшниот страв и станав спокоен. Може ли да има поголема милост од оваа?“ 80. Аллах теала посака Мухаммед алејхиселам да биде задоволен. (Како што објавивме во 35-тиот фазилет, Аллах теала ќе му дава сѐ што сака додека не биде задоволен. Тоа е објавено во сурата Ед-Духа.)

81. Во книгата „Мевахиб-и ледунијје“ се вели дека е познат хадисот: „Го замолив мојот Господар мојот умет да не се обедини во заблуда (делалет). Тој го прифати тоа.“

Во еден друг хадис-и шериф рече: „Аллах теала ве заштити од три нешта. Првото: ве заштити од тоа да се обедините во заблуда. Второто: кој ќе умре од сари (заразна) болест, ќе го постигне севапот на шехид. Третото: ако двајца добри муслимани сведочат за еден муслиман велејќи: ‚Тој е добар (го знаеме како добар)‘, тој муслиман ќе влезе во џенетот.“

Во еден хадис-и шериф рече: „Ихтилафот (разидувањето) на моите асхаби е милост за вас“ и „Ихтилафот на мојот умет (неговото поделување на мезхеби во делата) е милост“. Неговиот умет, трудејќи се да ја најде вистината и она што е исправно, доаѓа до разидување. А тој труд станува причина за милост. Овој хадис-и шериф го негираа двајца: едниот е маџин, а другиот мулхид. Маџин е измамник што верата ја прави средство за стекнување на овој свет. А мулхид е заблуденик што, давајќи им на ајет-и керимите значење според интересите на овој свет, станува кафир. Јахја ибн Саид вели: исламските учени ги олеснуваат работите. За една работа едниот рекол „халал“, а другиот „харам“. Она што за добрите луѓе го нарекле халал, во времето на расипаноста го нарекле харам. Како што покажуваат горенаведените хадис-и шерифи, иџма-и умет, односно согласноста на учените што се викаат муџтехиди, е од едиле-и шерије (шеријатските докази). Тоа значи дека е еден од четирите извори на верското знаење и дека четирите мезхеби се хак (вистина). Мезхебите се милост на Аллах теала за муслиманите. 82. Благословените ќерки и сопруги на Ресулуллах (радијаллаху теала анхунне) се највозвишени меѓу жените на светот. И сите негови асхаби, освен пејгамберите, се највозвишени од сите луѓе. Неговите градови, Мека-и мукерреме, а потоа Медина-и муневвере, се највредните места на земјата. За еден рекат намаз клањан во неговиот Месџид-и шериф се запишува севап од илјада рекати. Така е и со другите ибадети.

Меѓу неговиот гроб и минберот е џенетска градина. Тој рече:

„Кој ќе ме посети по мојата смрт, како да ме посетил додека бев жив. Верникот што ќе умре во едниот од Харемејн на Судниот ден ќе биде оживеан во сигурност.“ Градовите Мека и Медина се викаат Харемејн. 83. Лозата на секого продолжува преку синот. А лозата на Мухаммед алејхиселам продолжува преку неговата ќерка Фатима. Тоа е објавено и со хадис-и шериф. 84. Секој човек има придружник од џиновите. Тој шејтан е кафир. Фрлајќи весвесе во срцето, се труди да му го земе иманот и да го наведе на грев. Ресул алејхиселам го доведе до иман својот придружник од џиновите.

85. Кога на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) му дојде времето да се пресели на ахиретот, дојде Џибрил алејхиселам, му донесе селам од Аллах теала и рече дека Аллах теала прашува како е. Му соопшти дека ќе се пресели на ахиретот. Нему и на неговиот умет им донесе многу радосни вести.

Целиот свет не го земам за правта од твоите нозе, ја Ресулаллах!
Седумте небеса не ги менувам за едно твое влакно, ја Ресулаллах!
Желбата на Сидик е само една твоја заборавност, ја Ресулаллах!
Копнежот на Ирфан е да биде прав под твоите нозе, ја Ресулаллах!