МУЏИЗИТЕ НА ПЕЈГАМБЕРОТ
Сведоците што покажуваат дека нашиот сакан Пејгамбер Мухаммед алејхиселам е пејгамбер на Аллах теала се толку многу што е невозможно да се избројат. Аллах теала рече: „Да не беше ти, немаше да го создадам светот!“1 Како што сите суштества го покажуваат постоењето и единственоста на Аллах теала, така покажуваат и дека Мухаммед алејхиселам е пејгамбер и дека е повозвишен од сите. Кераметите што се појавуваат кај евлиите од неговиот умет се сите негови муџизи (чуда). Зашто кераметите се појавуваат кај оние што го следат и одат по неговите стапки. Дури, бидејќи сите пејгамбери сакаа да бидат од неговиот умет, или поточно, бидејќи сите се создадени од неговиот нур, и нивните муџизи се сметаат за муџизи на Мухаммед алејхиселам. Муџизите на нашиот сакан Пејгамбер Мухаммед алејхиселам според времето се делат на три вида:
Првите се оние што се случија од создавањето на неговата благословена душа до бисетот, времето кога му беше објавено пејгамберството. Вторите се оние од времето од бисетот до неговото преселување на ахиретот.
Третите се оние што се случиле и што ќе се случуваат од неговото преселување на ахиретот до Судниот ден. Првите се викаат ирхас. Секој од овие видови понатаму се дели на два: на муџизи што се видени со очи и на оние што не се видени, туку се сфаќаат со разумот. Муџизите се толку многу што не било можно ни да се ограничат ни да се избројат. Соопштено е дека муџизите од вториот вид се околу три илјади. Неколку од најпознатите се наведени подолу. 1. Најголемата муџиза на Мухаммед алејхиселам е Чесниот Кур’ан. Сите поети и книжевници до денешен ден останаа немоќни и восхитени пред составот (назм) и значењето на Чесниот Кур’ан. Не можеа да кажат нешто слично ни на еден ајет-и керим. Неговата неподражливост (иџаз) и речитост (белагат) не личат на човечки говор. Односно, ако би му се одзел еден збор или би му се додал еден збор, би се нарушила убавината на неговиот израз и на неговото значење. Оние што бараа друг збор за да го стават на местото на некој негов збор не можеа да го најдат. Неговиот состав не личи на песните на арапските поети. Тој известува за многу скриени работи што се случиле во минатото и што ќе се случат во иднината. Оние што го слушаат и го читаат не можат да му се наситат. Иако ќе се изморат, не им здодева. Со безброј искуства е утврдено дека неговото учење и слушање ги отстранува тегобите. Виделе и такви на чие срце, кога ќе го чуеја, им паѓал ужас и страв, па дури и такви што умреле од тоа. Мнозина огорчени непријатели на исламот, слушајќи го Чесниот Кур’ан, омекнале во срцата и поверувале. Меѓу непријателите на исламот и меѓу зиндиците што носат муслиманско име, а се викаат муатала, мелахиде и карамита, имало такви што се обиделе да го изменат Чесниот Кур’ан, да го расипат и да кажат нешто слично на него, но ниту еден од нив не ја остварил својата желба. А Теврат и Инџил луѓето секогаш ги менувале и сѐ уште ги менуваат. Сите убави нешта до кои не може да се дојде ни со какво знаење и искуство, убавиот ахлак и доблестите што им даваат на луѓето предност, добрините што водат до среќата на овој свет и на ахиретот, знаењата за почетокот и крајот на суштествата и сите нешта што им се корисни и штетни на луѓето – сето тоа е соопштено во Чесниот Кур’ан, јасно или прикриено. Прикриеното можат да го сфатат неговите познавачи. Сите знаења и тајни што се наоѓаат во сите небесни книги – во Теврат, во Зебур и во Инџил – се соопштени во Чесниот Кур’ан. Сите знаења што се наоѓаат во Чесниот Кур’ан ги знае само Аллах теала. Најголемиот дел од нив му ги соопшти на Својот сакан Пејгамбер (саллаллаху теала алејхи ве селлем). Алија и Хусејн (радијаллаху теала анхума) известија дека го знаат најголемиот дел од тие знаења. Учењето на Чесниот Кур’ан е многу голема благодат. Аллах теала му ја подари оваа благодат на уметот на Својот Хабиб. Мелеките се лишени од оваа благодат. Затоа се собираат на местото каде што се учи Чесниот Кур’ан и го слушаат. Сите тефсири соопштуваат само многу мал дел од знаењата што се наоѓаат во Чесниот Кур’ан. На Судниот ден, кога Мухаммед алејхиселам ќе се качи на минберот и ќе го проучи Чесниот Кур’ан, оние што ќе го слушаат ќе ги сфатат сите негови знаења. 2. Една од најголемите меѓу познатите муџизи на Мухаммед алејхиселам е и тоа што ја расцепи месечината на две половини. Оваа муџиза не му беше дарувана на ниту еден друг пејгамбер. Кога Мухаммед алејхиселам имаше педесет и две години, во Мека дојдоа кај него првенците на курејшиските кафири и рекоа: „Ако си пејгамбер, расцепи ја месечината на две половини!“ Мухаммед алејхиселам многу сакаше сите, а особено неговите познаници и роднини, да поверуваат. Ги крена рацете и упати дова. Аллах теала ја прими неговата дова и ја расцепи месечината на две половини. Едната половина се гледаше над една планина, а другата над друга. Кафирите рекоа: „Мухаммед нѐ омаѓија“, и не поверуваа.
„Се покажаа илјада муџизи на Мухаммед алејхиселам, и пријател и непријател – секој го рече тоа. Од толкуте муџизи највредни беа неговиот едеп и неговите убави нарави“ Ријадун-насихин
Песна:
Кучето лае кога ќе ја погледне месечината,
а каква вина има месечината тука?
Кучињата секогаш лаат,
а што разбира глупакот од тоа?
Бејт:
Кога устата ќе го изгуби вкусот, тоа е знак на болест:
и најслатките шербети на болниот му се горчливи.
3. Кога во некои гази ќе останеа без вода, Мухаммед алејхиселам ја ставаше својата благословена рака во водата во некој сад; меѓу неговите прсти течеше вода, а садот во кој беше водата непрестајно се прелеваше. Од таа вода пиеја и се служеа понекогаш осумдесет, понекогаш триста, понекогаш илјада и петстотини луѓе, а во газата Тебук сите седумдесет илјади луѓе заедно со своите животни. Кога ќе ја извадеше благословената рака од водата, водата престануваше да тече. 4. Еден ден отиде во куќата на својот чичко Абас и го седна него и неговите деца покрај себе. Ги покри со својот ихрам и рече: „Господаре мој! Како што ги покрив овој мој чичко и мојот Ехли бејт, така и Ти заштити ги од огнот на џехенемот!“ Од ѕидовите три пати се чу глас: „Амин.“2 5. Еден ден, како одговор на оние што бараа од него муџиза, повика едно оддалечено дрво. Дрвото дојде влечејќи ги своите корења, даде селам и рече: „Ешхеду ен ла илахе иллаллах ве ешхеду енне Мухаммеден абдуху ве ресулуху.“ Потоа се врати и повторно се исправи на своето место. 6. Во газата Хајбер, кога пред него ставија отровно печено овчо месо, се чу глас: „Ја Ресулаллах! Не јади ме, отровно сум!“
7. Еден ден му рече на човекот што во раката држеше идол: „Ако идолот ми прозбори, ќе поверуваш ли?“ Човекот рече: „Јас веќе педесет години му се поклонувам. Мене никогаш ништо не ми рекол. Како ќе ти рече тебе?“ Кога Мухаммед алејхиселам рече: „О идолу! Кој сум јас?“, се чу глас: „Ти си пејгамберот на Аллах.“ Сопственикот на идолот веднаш поверува.
8. Во Медина, во Месџидун Небеви, стоеше исправен еден пен од урмена палма. Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем), додека ја држеше хутбата, се потпираше на тој столб. Го нарекуваа Ханана. Кога беше направен минберот, повеќе не одеше до Ханана. Тогаш целиот џемат чу од неа звуци на плачење. Тој слезе од минберот и ја прегрна Ханана. Гласот замолкна. Ресулуллах рече: „Да не ја прегрнев, ќе плачеше поради разделбата со мене до Судниот ден.“
Вакви муџизи многупати се видени и многу се пренесени. 9. Многупати е видено дека каменчињата што ќе ги земеше во раката и залаците храна што ќе ги држеше изговараа тесбих на Аллах теала со звук сличен на зуењето на пчелите.
10. Еден кафир дојде и рече: „Од каде да знам дека ти си пејгамбер?“ Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) рече: „Ако ја повикам онаа гроздина на онаа урмена палма и таа дојде, ќе поверуваш ли?“ Кафирот рече: „Да, ќе поверувам.“ Ресулуллах ја повика гроздината урми и таа дојде потскокнувајќи. Ресулуллах рече: „Врати се на своето место!“ Гроздината се качи на своето место на дрвото и се закачи. Кафирот што го виде тоа поверува. 11. Во Мека неколку волци грабнаа овца од едно стадо и ја однесоа. Кога овчарот се нафрли и ја зеде овцата од волците, еден од волците рече: „Зар не се плашеше од Аллах теала додека ни ја земаше од рацете нафаката што ни ја испрати Аллах теала?“ Овчарот рече: „Многу сум зачуден; зар и волкот зборува?“, а волкот му рече: „Да ти кажам ли за нешто уште почудно? Во Медина пејгамберот на Аллах теала, Мухаммед (саллаллаху теала алејхи ве селлем), покажува муџизи.“ Овчарот дојде, му го раскажа тоа на Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) и стана муслиман.
12. Додека Мухаммед (саллаллаху алејхи ве селлем) минуваше низ една ливада, три пати чу глас: „Ја Ресулаллах!“ Погледна на таа страна и виде врзана срна. Покрај неа спиеше еден човек. Кога ја праша што сака, срната рече: „Овој ловец ме улови. На ридот спроти имам две младенчиња. Пушти ме! Ќе одам да ги нахранам, па ќе се вратам.“ Ресул алејхиселам рече: „Ќе го одржиш ли зборот и ќе се вратиш ли?“ Срната рече: „Ти давам збор заради Аллах; ако не се вратам, нека казната на Аллах падне врз мене!“ Ресулуллах ја пушти срната. Малку подоцна таа се врати. Човекот се разбуди и рече: „Ја Ресулаллах! Имате ли некоја наредба?“ Пејгамберот рече: „Ослободи ја оваа срна!“ Човекот го одврза јажето на срната и ја пушти. Срната рече: „Ешхеду ен ла илахе иллаллах ве еннеке Ресулуллах“ и си отиде.
13. Еден ден повика еден селанец кон иманот. Тој рече: „Ако ја оживееш починатата ќерка на еден мој сосед муслиман, ќе поверувам.“ Отидоа до нејзиниот гроб. Ресулуллах ја повика девојката изговарајќи го нејзиното име. Најпрво од гробот се чу глас, а потоа девојката излезе надвор. „Сакаш ли да дојдеш на овој свет?“ праша Ресулуллах. Девојката рече: „Ја Ресулаллах! Не сакам да дојдам на овој свет. Овде ми е поудобно отколку во куќата на татко ми. Ахиретот на муслиманот е подобар од неговиот овој свет.“ Кога го виде тоа, селанецот веднаш поверува. 14. Џабир ибн Абдуллах (радијаллаху теала анху) свари една овца. Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) и неговите асхаби ја изедоа. „Не кршете ѝ ги коските!“ рече тој. Потоа ги собра коските, ги стави врз нив своите благословени раце и упати дова. Аллах теала ја оживе овцата. 15. На Ресулуллах му донесоа едно дете што, иако пораснало, никогаш не проговорило. „Кој сум јас?“ го праша. Детето одговори: „Ти си Ресулуллах.“ Потоа зборуваше сѐ до својата смрт.
„Господаре мој! Како што ги покрив овој мој чичко (Абас) и мојот Ехли бејт, така и Ти заштити ги од огнот на џехенемот!“ Хадис-и шериф
16. Еден човек стапна на змиско јајце и ослепе на двете очи. Го донесоа кај Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем). Кога тој му ги намачка очите со својата благословена плунка, човекот прогледа. Дури и на осумдесет години провлекуваше конец низ игла.
17. Мухаммед ибн Хатиб раскажува: „Бев мал. Врз мене се истури врела вода и ми го изгоре телото. Татко ми ме однесе кај Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем). Тој со своите благословени раце ја намачка својата плунка на изгорените места и упати дова. Изгорениците веднаш зараснаа.“
18. Една жена го донесе својот ќелав син. Ресулуллах со своите благословени раце ја помилува неговата глава. Момчето оздраве и косата почна да му расте.
19. Во книгите „Сунен“ на Тирмизи и Несаи се вели: Еден човек, слеп на двете очи, дојде и рече: „Ја Ресулаллах! Упати дова да ми се отворат очите!“ Пејгамберот се смилува и му рече да земе беспрекорен абдест, а потоа да ја проучи оваа дова: „Господаре мој! Тебе Те преколнувам. Ставајќи го како посредник Твојот сакан Пејгамбер Мухаммед алејхиселам, од Тебе барам. О мој многу сакан Пејгамбере, хазрети Мухаммед! Земајќи те тебе за весиле, го преколнувам мојот Господар. Барам заради тебе да ја прими. Господаре мој! Направи го овој возвишен Пејгамбер оној што ќе прави шефаат за мене! Заради неговата чест прими ја мојата дова!“ Човекот зеде абдест и ја проучи довата, и очите му се отворија. Муслиманите оваа дова секогаш ја учеле и ги постигнувале своите желби. 20. Ресулуллах одеше со Ебу Талиб низ една пустина. Ебу Талиб рече дека е многу жеден. Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) слезе од животното на земја, рече: „Ожедне ли?“ и удри со петицата на својата благословена нога по земјата. Бликна вода. „Чичко мој, пиј од оваа вода!“ рече. 21. На патувањето за Худејбија се улогорија покрај еден бунар со малку вода. Војниците се пожалија на жед. Ресулуллах побара кофа вода. Од неа зеде абдест, плукна во неа и нареди таа вода да се истури во бунарот. Потоа зеде една стрела и ја фрли во бунарот. Набрзо видоа дека бунарот се наполнил со вода до самиот врв.
22. Во една газа војската се пожали на жед. Ресул алејхиселам испрати двајца војници да бараат вода. Видоа една жена на камила со два мева полни со вода и ја доведоа. Ресул алејхиселам побара од жената малку вода. Нареди да се истури во еден сад. Целата војска доаѓаше по ред и ги полнеше своите садови и мевови. На жената ѝ дадоа малку урми, а ѝ ги наполнија и мевовите со вода.
Ресулуллах ѝ рече: „Не ти ја намаливме водата. Водата ни ја даде Аллах теала.“
23. Додека Ресулуллах во Медина на минберот ја држеше хутбата, еден човек рече: „Ја Ресулаллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем)! Од сушата ни пропаѓаат децата, животните и нивите. Притечи ни на помош!“ Тој ги крена рацете и упати дова. На небото немаше ни облаче, а уште пред да ги помине своите благословени раце преку лицето, облаците се собраа. Веднаш почна дожд. Траеше неколку дена. Кога повторно ја држеше хутбата на минберот, истиот човек рече: „Ја Ресулаллах! Ќе пропаднеме од дождот!“, а Ресул алејхиселам се насмевна и рече: „Господаре мој! Дарувај ја Твојата милост и на Твоите други робови!“ Облаците се разотидоа и се појави сонцето. 24. Џабир ибн Абдуллах (радијаллаху теала анху) раскажува: Имав многу долгови. Го известив за тоа Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем). Дојде во мојата градина и три пати го обиколи купот урми. Потоа рече: „Повикај ги своите доверители, нека дојдат!“ На секој од нив му беше дадено неговото право, а од купот не се намали ништо. 25. Една жена испрати мед како подарок. Тој го прими медот, а празниот сад го врати. Со моќта на Аллах теала садот се врати полн со мед. Жената дојде и рече: „Ја Ресулаллах! Кој е мојот грев? Зошто не го примивте мојот подарок?“ Тој рече: „Го примивме твојот подарок. Медот што го гледаш е берекетот што Аллах теала му го даде на твојот подарок.“ Жената се израдува и го однесе медот дома. Со своето семејство го јадеше со месеци, а воопшто не се намали. Еден ден по грешка го ставија медот во друг сад. Јадејќи оттаму, го потрошија. Кога му го соопштија тоа на Ресулуллах, рече: „Да останеше во садот што го испратив, ќе јаделе од него додека постои светот и никогаш немаше да се намали.“
26. Ебу Хурејре раскажува: Му донесов на Ресулуллах неколку урми и го замолив да упати дова да им се даде берекет. Упати дова да бидат берекетни и ми рече: „Земи ги и стави ги во својот сад. Кога сакаш да земеш од нив, земи со раката одвнатре, немој да го празниш па да земаш од земјата!“ Торбата во која беа урмите не ја одвојував од себе ни дење ни ноќе и јадев од неа сѐ до времето на Осман (радијаллаху анху). Им давав да јадат и на оние што беа со мене, а полни прегрштини делев како садака. На денот кога Осман (радијаллаху анху) стана шехид, торбата ми се загуби. 27. Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем), како Сулејман алејхиселам, го разбираше јазикот на сите животни. Многупати беа видени животни како доаѓаат и му се жалат на своите сопственици или на други. Ресулуллах тоа им го соопштуваше на Есхаб-и кирам. Во газата Хунејн ѝ рече на белата мазга по име „Дулдул“, што ја јаваше: „Клекни на земја!“ Кога Дулдул веднаш клекна, тој зеде од земјата прегршт песок и го фрли врз кафирите.
28. Еден ден ѝ рече на својата сопруга Хафса (радијаллаху анха): „Ебу Бекр и татко ти ќе го преземат управувањето со мојот умет.“ Со овие зборови донесе радосна вест дека Ебу Бекр и таткото на Хафса, Омер (радијаллаху анхума), ќе станат халифи.
„О Хафса! Ебу Бекр и татко ти ќе го преземат управувањето со мојот умет“ Хадис-и шериф
29. Ресулуллах го беше задолжил Ебу Хурејре (радијаллаху теала анху) да ги чува урмите што беа стигнале во Медина како зекат. Тој фати еден човек како краде урми и му рече: „Ќе те однесам кај Ресулуллах.“ Кога крадецот почна да преколнува велејќи: „Сиромав сум, имам многу деца“, го пушти. Наутро Ресулуллах го повика Ебу Хурејре и праша: „Што направил човекот што го пушти синоќа?“ Кога Ебу Хурејре раскажа, тој рече: „Те измамил. Пак ќе дојде.“ Следната ноќ навистина пак дојде и беше фатен. Повторно преколнуваше: „Заради Аллах, пушти ме!“ и пак се извлече. Кога третата ноќ пак дојде и беше фатен, неговото преколнување не помогна. Тогаш рече: „Ако ме пуштиш, ќе те научам неколку работи што ќе ти бидат многу корисни.“ Ебу Хурејре се согласи. Човекот рече: „Ако ноќе, кога ќе легнуваш, го проучиш Ајетул-курси, Аллах теала ќе те чува и шејтанот нема да ти се приближи“, и си отиде. Наутро, кога Ресулуллах повторно го праша Ебу Хурејре и доби одговор, рече: „Сега рекол вистина. А самиот тој е голем лажго. Знаеш ли со кого разговараше три ноќи?“ Кога тој рече: „Не, не знам“, Ресулуллах рече: „Тоа беше шејтанот.“
30. Кога испрати војска на местото што се вика Мута за да се бори против војските на византискиот цар, тој, иако во тоа време беше во Медина на минберот, со покажувањето од Аллах теала виде како тројцата заповедници од асхабите (Зејд ибн Хариса, Џафер ибн Ебу Талиб и Абдуллах ибн Реваха) еден по друг станаа шехиди, и ги извести за тоа оние што беа со него. 31. Кога Муаз ибн Џебел (радијаллаху теала анху) го испраќаше во Јемен како валија, го испрати до надвор од Медина, му даде многу совети и рече: „Со тебе веќе нема да се сретнеме до Судниот ден.“ Додека Муаз беше во Јемен, Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) се пресели на ахиретот во Медина.
32. Пред преселувањето на ахиретот ѝ рече на својата ќерка Фатима: „Меѓу моите роднини ти прва ќе ми се придружиш.“ Шест месеци подоцна Фатима (радијаллаху анха) се пресели на ахиретот. Од неговите роднини никој не се пресели пред неа.
33. На Кајс ибн Шемас (радијаллаху анху) му рече: „Ќе живееш убаво и ќе умреш како шехид.“ Додека Ебу Бекр (радијаллаху теала анху) беше халифа, Кајс стана шехид во битката против Мусејлеметул-Кезаб кај Јемама. Тој извести и дека хазрети Омерул-Фарук, хазрети Осман и хазрети Алија (радијаллаху теала анхум еџмаин) ќе станат шехиди. 34. Донесе радосна вест дека земјите на персискиот цар Кисра и на византискиот цар Кајсер ќе преминат во рацете на муслиманите и дека нивните ризници ќе бидат поделени на Аллаховиот пат. 35. Извести дека многумина од неговиот умет ќе одат во газа по море и дека во таа газа ќе биде и жената од асхабите по име Уму Харам. Додека хазрети Осман беше халифа, муслиманите со бродови отидоа на островот Кипар и се бореа таму. И таа жена беше со нив. Таму стана шехид.3
36. Еден ден Ресул алејхиселам седеше на едно високо место. Се сврте кон оние што беа со него и рече: „Го гледате ли и вие она што јас го гледам? Се колнам дека ги гледам смутите што ќе настанат меѓу вашите куќи и на улиците.“ Во деновите кога Осман (радијаллаху анху) беше убиен како шехид, а потоа во времето на Језид, во Медина настанаа големи смути. На улиците беше пролеана крвта на многу луѓе.
37. Еден ден извести дека една од неговите сопруги ќе се крене против халифата. Кога Аиша (радијаллаху теала анха) се насмеа на овие зборови, рече: „О Хумејра4! Не ги заборавај овие мои зборови! Таа жена да не бидеш ти!“ Потоа се сврте кон Алија (радијаллаху анху) и рече: „Ако нејзината работа падне во твоите раце, однесувај се благо кон неа!“ Триесет години подоцна Аиша (радијаллаху анха) војуваше против Алија (радијаллаху анху) и падна во негово заробеништво. Алија (радијаллаху анху) ја испрати со почести и почит од Басра во Медина.
38. На хазрети Муавија му рече: „Ако еден ден завладееш со мојот умет, наградувај ги оние што прават добро, а на оние што прават зло прости им!“ Хазрети Муавија во времето на хазрети Омер и хазрети Осман дваесет години беше валија во Дамаск, а потоа дваесет години халифа. 39. Еден ден рече: „Муавија никогаш нема да биде поразен.“ Кога Алија (радијаллаху теала анху) во битката кај Сифин го чу овој хадис, рече: „Да го бев чул ова порано, немаше да војувам против Муавија (радијаллаху теала анху).“ 40. На Амар ибн Јасир (радијаллаху теала анху) му рече: „Ќе те убијат луѓе што се бунтовници и непокорни.“ Амар стана шехид војувајќи заедно со Алија (радијаллаху анху) против Муавија (радијаллаху анху). 41. За Хасан (радијаллаху теала анхума), синот на својата ќерка Фатима, рече: „Овој мој син е голем извор на добро. Аллах теала ќе го направи причина за помирувањето на две големи војски на муслиманите.“ Кога требаше со голема војска да војува против Муавија (радијаллаху анху), Хасан, за да ја спречи смутата и да не се пролева крвта на муслиманите, му го предаде на Муавија (радијаллаху анху) халифатот, што беше негово право. 42. Абдуллах ибн Зубејр (радијаллаху теала анхума) ја испи крвта на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) што излезе кога му беше правен хаџамет. Кога го виде тоа, тој рече: „Знаеш ли што сѐ ќе те снајде од луѓето? И од тебе многу нешта ќе ги снајдат луѓето. Огнот на џехенемот нема да те изгори.“ Кога Абдуллах ибн Зубејр во Мека се прогласи за халифа, Абдулмелик ибн Мерван го испрати од Дамаск кон Мека Хаџаџ со голема војска. Го фатија Абдуллах и го убија. 43. Гледајќи ја мајката на Абдуллах ибн Абас, рече: „Ќе имаш син. Кога ќе се роди, донеси ми го!“ Кога му го донесоа детето, му проучи езан и икамет во увото и му ја намачка устата со водата од својата благословена уста. Му го даде името Абдуллах, ѝ го предаде во скутот на мајката и рече: „Земи го таткото на халифите и однеси го!“ Кога го чу тоа, таткото на детето, хазрети Абас, дојде и праша, а тој рече: „Да, така реков. Ова дете е таткото на халифите. Меѓу нив ќе бидат Сефах, Мехди и оној што ќе клања намаз со Иса алејхиселам.“ На чело на Абасиската држава дојдоа многу халифи. Сите тие беа од лозата на Абдуллах ибн Абас.
„О Муавија! Ако еден ден завладееш со мојот умет, наградувај ги оние што прават добро, а на оние што прават зло прости им!“ Хадис-и шериф
44. Еден ден рече: „Во мојот умет ќе се појават многу луѓе што се викаат рафизии. Тие ќе се оделат од верата ислам.“
45. Упати добри дови за многумина од своите асхаби; сите беа примени и тие ја видоа нивната корист. Алија (радијаллаху теала анху) раскажува: Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) сакаше да ме испрати во Јемен како кадија (судија). Реков: „Ја Ресулаллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем)! Не знам да судам.“ Ја стави својата благословена рака на моите гради и рече: „Господаре мој! Објави му на неговото срце што е исправно. Дарувај му секогаш да ја зборува вистината!“ По тоа веднаш сфаќав кој е во право меѓу оние што ми доаѓаа со тужби и пресудував според правото.
46. На десетте луѓе на кои Ресулуллах им донесе радосна вест дека ќе влезат во џенетот им се вели Ашере-и мубешере. Во газата Ухуд за еден од нив, Са’д ибн Ебу Векас (радијаллаху анху), рече: „Господаре мој! Нека неговите стрели ја погодуваат целта и прими ги неговите дови!“ По тоа секоја дова на Са’д беше примена и секоја стрела што ќе ја исфрлеше го погодуваше непријателот.
47. Ја стави својата благословена рака на челото на синот на својот чичко, Абдуллах ибн Абас, и рече: „Господаре мој! Направи го длабок учен во верата и сопственик на хикмет! Дарувај му ги знаењата на Чесниот Кур’ан!“ По тоа Абдуллах ибн Абас стана единствен во своето време во сите науки, а особено во тефсирот, хадисот и фикхот. Асхабите и табиините сѐ учеа од него. Стана познат со имињата „Терџуманул-Кур’ан“, „Бахрул-илм“ и „Реисул-муфесирин“, а исламските земји се исполнија со неговите ученици.5
48. За својот слуга Енес ибн Малик упати дова: „Господаре мој! Умножи му го имотот и децата, продолжи му го животот и прости му ги гревовите!“ Како што минуваше времето, неговиот имот и неговите поседи се умножуваа. Неговите дрвја и лозја секоја година даваа плод. Имаше многу деца. Живееше сто и десет години. На крајот од животот, кога рече: „Господаре мој! Од довите што Твојот Хабиб ги упати за мене, три ги прими и ми ги дарува! А како ли ќе биде со четвртата, со простувањето на моите гревови?“, чу глас: „Ја примив и четвртата. Биди спокоен!“
„Господаре мој! Направи го (Абдуллах ибн Абас) длабок учен во верата и сопственик на хикмет! Дарувај му ги знаењата на Чесниот Кур’ан!“ Хадис-и шериф
49. За Малик ибн Ребиа (радијаллаху теала анху) упати дова со зборовите: „Нека твоето потомство биде берекетно!“ Малик имаше осумдесет синови.
50. Кога познатиот поет по име Набига прочита неколку свои песни, тој ја изговори довата позната меѓу Арапите: „Аллах теала нека не дозволи да ти испаднат забите!“ Набига доживеа сто години, а забите му беа бели и сјајни, наредени како бисери. 51. За Урва ибн Џад (радијаллаху теала анху) рече: „Господаре мој! Дај берекет на неговата трговија!“ Урва раскажува: „По тоа сите мои трговски работи донесоа добивка. Никогаш немав загуба.“ 52. Еден ден кај него дојде неговата ќерка Фатима (радијаллаху теала анха). Од глад лицето ѝ беше пожолтено. Ја стави раката на нејзините гради и рече: „Господаре мој, кој ги храниш гладните! Не ја оставај гладна Фатима, ќерката на Мухаммед!“ Лицето на Фатима веднаш поруменето и оживе. До смртта никогаш повеќе не почувствува глад.
53. За Абдурахман ибн Авф, еден од Ашере-и мубешере, упати дова за берекет. Неговиот имот толку се умножи што се прочу надалеку.
54. Рече: „Довата на секој пејгамбер се прима. Секој пејгамбер упати дова за својот умет на овој свет. А јас упатувам дова на Судниот ден да ми се дозволи да правам шефаат за својот умет. Иншаллах, мојата дова ќе биде примена. Ќе направам шефаат за сите што не се мушрици.“
55. Отиде во некои села во Мека и многу се трудеше да поверуваат. Не прифатија. Тогаш упати дова да ги снајде неволја како гладот што беше во Египет во времето на пејгамберот Јусуф (алејхисалату веселам). Таа година во тие краишта настана таков глад што јадеа и мрши. 56. Утејба, синот на неговиот чичко Ебу Лехеб, иако беше зет на Ресулуллах (алејхисалату веселам), не поверува во Ресулуллах и многу го нажали тој Сервер (саллаллаху алејхи ве селлем). Се разведе од неговата благословена ќерка Уму Гулсум-хатун. Зборуваше грди зборови. Тој многу се нажали поради тоа и рече: „Господаре мој! Нафрли го врз него едно од Твоите кучиња!“ Додека Утејба патуваше во Шам (Сирија) заради трговија, една ноќ спиеше меѓу своите другари. Дојде лав, ги помириса неговите другари и ги остави. Кога дојде редот на Утејба, го грабна и го растргна. 57. Еден човек јадеше со левата рака. Тој му рече: „Јади со десната рака!“ Човекот излажа велејќи: „Десната рака не ми се движи.“ Тој рече: „Тогаш десната рака веќе да не ти се движи!“6 До смртта не можеше да ја принесе десната рака до устата.
58. На персискиот цар Хусрев Первиз му испрати писмо да поверува. Подлиот Хусрев го искина писмото, а пратеникот што го донесе го уби, па тој стана шехид. Кога Ресул алејхиселам го чу тоа, многу се нажали и рече: „Господаре мој! Како што тој го искина моето писмо, така Ти искини го неговото царство!“ Уште додека Ресулуллах беше жив, Хусрев го исече со кама неговиот син Ширевејх. Додека Омер (радијаллаху теала анху) беше халифа, муслиманите ја освоија цела Персија и од Хусрев не остана ни лоза ни царство.
59. Додека Ресул алејхиселам на чаршијата правеше емр-и маруф и нехј-и мункер и даваше совети, еден подлец по име Хакем ибн Ас, таткото на Мерван, одеше зад Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем), ги отвораше и ги затвораше очите и го кривеше лицето, и така го исмеваше. Кога Ресул алејхиселам се сврте и го виде тоа негово грдо однесување, рече: „Остани таков каков што се покажа!“ До смртта лицето и очите му потрепнуваа. 60. Аллах теала го чуваше Својот Хабиб од несреќи. Ебу Џехл беше најголемиот непријател на Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем). Кога крена голем камен за да го удри по благословената глава, виде на двете рамења на Ресулуллах по една змија; каменот му падна од раката и тој побегна.
61. Додека тој клањаше намаз покрај Кааба-и муаззама, подлиот Ебу Џехл пак, велејќи: „Сега е вистинското време“, сакаше да се нафрли врз него со нож, но одеднаш се сврте и побегна. Кога другарите го прашаа: „Зошто се уплаши?“, рече: „Меѓу Мухаммед (саллаллаху теала алејхи ве селлем) и мене видов ров полн со оган. Многумина ме чекаа. Да направев чекор, ќе ме фатеа и ќе ме фрлеа во огнот.“ Кога муслиманите го чуја тоа и го прашаа Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем), тој рече: „Мелеките на Аллах теала ќе го фатеа и ќе го растргнеа.“
62. Во четвртата година по хиџрата, кај Бени Надир, додека Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) разговараше со своите асхаби под ѕидините на еврејската тврдина, еден Евреин сакаше одозгора да фрли врз него голем воденички камен. Кога ја испружи раката кон каменот, двете раце му се одзедоа. 63. Во деветтата година по хиџрата луѓето доаѓаа од далечни краишта во бранови и поверуваа. Двајца кафири по име Амир и Ербед се приклучија кон оние што доаѓаа. Додека Амир му велеше на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) дека дошле да поверуваат, Ербед мина зад него и сакаше да ја извади сабјата од корицата. Раката не го послуша. Кога Амир од спротивната страна му даде знак како да вели: „Што чекаш?“, Ресул алејхиселам рече: „Аллах теала ме заштити од злото на вас двајцата.“ Кога заминаа оттаму, Амир го праша Ербед: „Зошто не го одржа зборот?“ Тој рече: „Што да правам? Колку пати сакав да ја извадам сабјата, секогаш те гледав тебе меѓу нас двајцата.“ Неколку дена подоцна, додека времето беше ведро, одненадеж облаци го покрија небото. Врз Ербед падна гром и загина заедно со својата камила.
64. Еден ден Ресул алејхиселам зеде абдест и го обу едниот мест, а кога ја испружи раката кон другиот, една птица го грабна местот и го истресе во воздухот. Од него испадна змија. Потоа птицата го спушти местот на земја. Оттогаш стана сунет обувките пред обувањето најнапред да се истресат. 65. Ресул алејхиселам во газите и во пустините беше одредил некои од своите асхаби како стражари за да го чуваат. Кога беше спуштен 67-миот ајет-и керим од сурата Ел-Маида, чие значење е: „Аллах те чува од злото на луѓето“, се откажа од тоа. Одеше сам меѓу непријателите, спиеше сам и воопшто не се плашеше.
„О славен Пејгамбере! Аллах те чува од злото на луѓето“ Маида: 67
66. Хазрети Енес раскажува: Ресулуллах имаше едно марамче со кое го бришеше своето благословено лице. Со него го бришеше лицето, а кога ќе се извалкаше, го фрлаше во оган. Нечистотијата изгоруваше, а марамчето не изгоруваше, туку стануваше сосема чисто. 67. Пиеше вода од кофа од еден бунар, а остатокот го истурија во бунарот. Од тој бунар оттогаш секогаш мирисаше на мошус. 68. На телото на Утба ибн Фиркад (радијаллаху анху) се појави болест наречена копривка (уртикарија). Ресул алејхиселам го соблече, плукна во своите благословени раце и со рацете му го намачка телото. Болниот оздраве. Телото му мирисаше на мошус. Таа состојба траеше долго. 69. Додека Ресул алејхиселам клањаше намаз, дојде шејтанот сакајќи да му го расипе намазот. Тој го фати со своите благословени раце. Го пушти дури откако зеде од него збор дека повеќе нема да доаѓа и да го расипува намазот.
70. Поглаварот на мунафиците во Медина, Абдуллах ибн Убеј ибн Селул, пред смртта го повика Ресулуллах. Преколнуваше: „Кошулата што ја носите дајте ми ја за ќефин!“ Бидејќи му беше обичај да даде сѐ што ќе му побараат, му ја подари својата кошула. Дури му клања и џеназа-намаз. Илјада мунафици што беа во Медина, восхитени од оваа добрина на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем), сите поверуваа. 71. Меѓу курејшиските кафири Велид ибн Мугира, Ас ибн Ваил, Харис ибн Кајс, Есвед ибн Јагус и Есвед ибн Муталиб повеќе од другите претеруваа во мачењето и вознемирувањето на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем). Џибрил алејхиселам дојде, го донесе 95-тиот ајет од сурата Ел-Хиџр, чие значење е: „На оние што те исмеваат Ние ќе им ја дадеме нивната казна…“, и покажа на стапалото на Велид, на петицата на вториот, на носот на третиот, на главата на четвртиот и на очите на петтиот. Во стапалото на Велид се заби стрела. Бидејќи беше многу горделив, му беше тешко да се наведне, да ја извади и да ја фрли. Железниот врв му се заби во жилата на глуждот и се разболе од ишијас. На Ас во петицата му се заби трн и ногата му отече како мев. На Харис од носот непрестајно му течеше крв. Есвед, седејќи весело под едно дрво, удри со главата во дрвото, а другиот Есвед ослепе, и сите пропаднаа.
72. Во Медина, во племето Бени Неџар, живееше една многу убава жена. Еден џин се вљуби во неа и постојано ѝ доаѓаше. Откако Ресул алејхиселам дојде во Медина, еден ден, додека тој џин седеше на ѕидот пред вратата на жената, таа го препозна и рече: „Зошто веќе не ми доаѓаш?“ Џинот рече: „Пејгамберот на Аллах теала (саллаллаху теала алејхи ве селлем) го забрани блудот (зина) и сите харами.“
73. Во битката што се вика Бир-и Мауна кафирите го прекршија дадениот збор и, освен еден или двајца, ги убија сите седумдесет асхаби, кои така станаа шехиди. Меѓу нив беше и Амир ибн Фухејра (радијаллаху теала анху), кого Ебу Бекр (радијаллаху анху) го беше ослободил од ропството и кој беше меѓу првите што поверуваа. Кога го прободоа Амир ибн Фухејра со копје, мелеките пред очите на кафирите го кренаа на небото. Кога му го соопштија тоа на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем), тој рече: „Го погребаа мелеките на џенетот, а неговата душа беше издигната во џенетот.“
74. Са’д ибн Муаз (радијаллаху теала анху) беше ранет во газата Хендек и по извесно време се пресели на ахиретот. Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) извести дека на неговиот џеназа-намаз имало седумдесет илјади мелеки. Додека му го копаа гробот, насекаде се ширеше мирис на мошус. 75. Еден од асхабите по име Сефина, кого го беше ослободила Уму Селема (радијаллаху теала анха), една од сопругите на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем), никогаш не се одвојуваше од служењето на Ресулуллах. Во газата против Византијците се одвои од војската и падна во ропство кај кафирите. Додека бегаше и се враќаше, пред него излезе страшен лав. Рече: „Јас сум слуга на Ресулуллах“, и му раскажа на лавот што му се случило. Лавот се протри од него со лицето и со очите и одеше покрај него. Не се одвојуваше од него, за да не му нанесе непријателот некаква штета. Кога се појави исламската војска, се сврте и си отиде. 76. Некој по име Џахџах Гифари се крена против халифата Осман (радијаллаху теала анху). Стапот што Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) секогаш го носеше во раката го скрши од коленото. Една година подоцна на коленото му се појави болеста наречена шир-пенче (антракс) и стана причина за неговата смрт.
77. Муавија (радијаллаху теала анху) дојде од Дамаск на хаџ и сакаше минбер-и шерифот на Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) во Медина да го однесе во Дамаск заради берекет. Кога го поместија минберот од местото, настана помрачување на сонцето. Насекаде се стемни и се појавија ѕвездите. Тој се откажа од таа своја желба. 78. Во газата Ухуд на Ебу Катаде му излезе едното око и му падна на образот. Го донесоа кај Ресулуллах. Тој со својата благословена рака му го врати окото на место и рече: „Господаре мој! Направи му го окото убаво!“ Тоа око стана поубаво од другото. Со него гледаше подобро отколку со другото. Еден од внуците на Ебу Катаде дојде кај халифата Омер ибн Абдулазиз. Халифата го праша: „Кој си ти?“ Тој, рецитирајќи еден бејт, соопшти дека е внук на човекот на кого Ресулуллах со својата благословена рака му го вратил окото на место. Кога ги чу тие бејтови, халифата му укажа голема почит и богато го дарува. 79. Ијас ибн Селема раскажува: Во газата Хајбер Ресулуллах ме испрати да го повикам Алија (радијаллаху анхума). Алија го болеа очите. Го фатив за рака и со мака го доведов. Ресулуллах плукна на своите благословени прсти и му ги намачка очите на Алија. Му го даде знамето в раце и го испрати да се бори пред портата на Хајбер. Алија (радијаллаху анху) ја ишчупа од темелите портата што долго време не можеше да се отвори, и Есхаб-и кирам влегоа во тврдината. 80. Еден ден Ресулуллах сврте во куќата на својата ќерка хазрети Фатима и праша како се. Хазрети Фатима одговори: „Тато мој! Веќе три дена јас и моите деца ништо не сме јаделе ни пиеле. Трпеливо го поднесуваме гладот. Моето не е важно. Но состојбата на Хасан и Хусејн многу ме нажалува.“ Тогаш Сервер-и алем рече: „О Фатима! Ќерко моја мила! Ти си гладна три дена. А јас сум гладен четири дена.“ Многу се нажали што неговите благословени внуци, хазрети Хасан и Хусејн, се гладни… 81. Хазрети Алија тргна на пат за да работи и да заработи, да им купи нешто на своите благословени деца и да ги нахрани. Кога излезе од Медина, кај еден бунар виде еден селанец што се обидуваше да ги напои своите камили. Му пристапи и рече: „О Арапине! Ти треба ли некој да ти ги напои камилите за плата?“ Селанецот рече: „Да. И јас барав таков човек. Ако сакаш, дојди и напои ми ги камилите! За секоја кофа што ќе ја извлечеш ќе ти дадам по три урми.“ Хазрети Алија се согласи и почна да вади вода. Беше извлекол девет кофи, кога јажето на кофата одеднаш се скина и кофата остана во бунарот. Гледајќи го тоа, селанецот налутено стана од своето место и, за своја несреќа, го удри хазрети Алија со раката по лицето. Потоа за осум кофи вода му даде дваесет и четири урми. Хазрети Алија, многу нажален поради тоа, ги испружи рацете во бунарот. Ја зеде кофата што беше внатре, ја стави на работ на бунарот и си отиде оттаму. Селанецот се вкочани од чудо! Како неговата рака стигна до дното на толку длабок бунар?!.. Да не е тој човек следбеник на верата за која е најавено дека ќе дојде? Обземен од тие мисли и восхитен, селанецот рече: „Неговиот пејгамбер е вистински пејгамбер. Поверував!“ Се покаја за дрскоста што малку претходно ја покажа и за големото злосторство што го направи. Велејќи: „Рацете што ќе се кренат на таков човек треба да се отсечат, а коските да им се скршат!“, ја зеде сабјата во едната рака и силно ја спушти врз зглобот на другата… Го направи она што сакаше. Почувствува многу голема болка, но срцето сега му беше мирно. Ја зеде отсечената рака во другата рака и дојде право во Месџидун Небеви. Ги праша Есхаб-и кирам каде е нивниот Пејгамбер. Му рекоа дека отишол кај својата ќерка. Ја распраша куќата на хазрети Фатима и отиде таму. Во тој миг Пејгамберот ги беше седнал своите внуци, хазрети Хасан и хазрети Хусејн, на своите благословени колена и ги хранеше со урмите што ги беше донел. Секогаш кога ќе помислеше колку голема грешка направил, селанецот беше блиску до лудило, а од очите му течеа солзи како од чешма. Во таква состојба дојде до куќата на хазрети Фатима и чукна на вратата. Однатре излезе Предводникот на световите, сјаејќи со нур како сонце. Штом го виде, селанецот почна да го преколнува: „Поверував, ти си Ресулот на Аллах! Се каам за тоа што го направив, прости ми, ја Ресулаллах!“ Кога нашиот сакан Пејгамбер го праша: „Зошто ја отсече раката?“, селанецот рече: „Затоа што се засрамив да ја носам оваа рака што го удри благословеното лице што поверувало во тебе!.. Нека ти биде жртва мојот живот, ја Ресулаллах!“ Морето на милоста, нашиот сакан Пејгамбер, ја зеде од селанецот отсечената рака и, велејќи „Бисмиллахир-рахманир-рахим“, ја прилепи до зглобот од кој течеше крв. Со дозвола на Аллах теала, како муџиза на Пејгамберот, раката стана каква што беше. Аллах теала има моќ над сѐ, Неговата моќ стига до сѐ.
„Господаре мој! Ова е мојот чичко, братот на мојот татко. А ова е мојот Ехли бејт. Како што ги покрив со оваа моја покривка, така и Ти покриј ги и заштити ги од огнот на џехенемот!“ Хадис-и шериф
