ЕХЛИ БЕЈТ НА ПЕЈГАМБЕРОТ
Сите членови на семејството на нашиот сакан Пејгамбер се викаат „Ехли бејт“. Неговите благословени сопруги, неговата ќерка хазрети Фатима и хазрети Алија, нивните благословени деца хазрети Хасан и хазрети Хусејн, како и сите нивни деца и внуци, а исто така и синовите на Хашим, со кои е поврзана чистата лоза на нашиот Пејгамбер – сите тие се Ехли бејт. Ехли бејт на Ресулуллах е од три вида: првите се оние што му се роднини по лоза, по потекло; такви се неговите тетки (сестрите на таткото). Вторите се неговите чисти сопруги. Третите се слугинките што постојано беа во куќите на неговите сопруги за да им ја чешлаат косата, да им готват јадења, да ги метат собите, да ја перат облеката и да ги вршат куќните работи. И Билал, Селман и Сухејб, кои ги вршеа надворешните работи и го учеа езанот во месџидот, јадеа и пиеја од Хане-и сеадет. Еден ден Ресулуллах отиде во куќата на својот чичко Абас, го седна него и неговите деца покрај себе, ги покри со својот ихрам и рече: „Господаре мој! Ова е мојот чичко, братот на мојот татко. А ова е мојот Ехли бејт. Како што ги покрив со оваа моја покривка, така и Ти покриј ги и заштити ги од огнот на џехенемот!“
Причините за браковите на Пејгамберот
Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) за прв пат се ожени на дваесет и пет години, со хазрети Хатиџа (радијаллаху анха). Хазрети Хатиџа имаше четириесет години и беше вдовица. Но нејзиниот имот, убавина, разум, знаење, углед, потекло, чедност и учтивост беа многу големи. Живееја заедно дваесет и пет години. Додека хазрети Хатиџа беше жива, Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) не се ожени со ниедна друга.
Откако нашата мајка хазрети Хатиџа (радијаллаху анха) се пресели на ахиретот, Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) се ожени по втор пат, на педесет и пет години, со ќерката на хазрети Ебу Бекр, нашата мајка хазрети Аиша (радијаллаху анха). Никахот го склопи по наредба на Аллах теала. До своето преселување на ахиретот живееше со неа осум години. Таа беше многу умна, остроумна, учена, вешта во книжевноста, чедна и побожна. Бидејќи имаше многу силно помнење, Есхаб-и кирам ја прашуваа и од неа учеа многу работи.
Сите други свои бракови ги склопи од верски или политички причини, или од милосрдие и добрина. Сите тие жени беа вдовици, а повеќето беа во години. На пример, кога маките и штетите што кафирите во Мека им ги нанесуваа на муслиманите достигнаа неподнослива мера, дел од Есхаб-и кирам направија хиџра во Абисинија. Абисинскиот владетел Неџаши беше христијанин. Им постави на муслиманите разни прашања и, восхитен од зрелите одговори што ги доби, поверува. На муслиманите им направи многу добрини. А Убејдуллах ибн Џахш, кој изгледаше дека поверувал, измамен од свештениците, за да се спаси од сиромаштијата, стана муртед (отпадник од исламот) и ја замени својата вера за овој свет.1 Тој проклетник, синот на тетката на Ресулуллах, со сила и наговарање ја тераше и својата жена Уму Хабиба да ја напушти верата и да се збогати, но кога жената му рече дека ќе се согласи и на сиромаштија и на смрт, а дека нема да ја напушти верата на Мухаммед алејхиселам, се разведе од неа. Очекуваше таа да умре во беда, тркалајќи се во мизерија. Но набрзо умре самиот тој. Уму Хабиба беше ќерка на Ебу Суфјан, тогашниот врховен командант на Курејшиите во Мека. Ресулуллах во тоа време водеше многу тешки битки со курејшиските војски, а Ебу Суфјан со последни сили се бореше да го уништи исламот. Ресулуллах слушна за силата на верата на нашата мајка Уму Хабиба (радијаллаху анха) и за многу тешката состојба што ја снајде. Му напиша писмо на Неџаши и побара: „Ќе се оженам со Уму Хабиба, која е таму. Склопи го мојот никах! Потоа испрати ја овде.“ Неџаши уште порано беше станал муслиман. Укажа голема почит кон писмото, ги покани тамошните муслимани во својот дворец и им приреди гозба. Во седмата година по хиџрата беше склопен никахот, а тој им даде подароци и им укажа добрини. Така Уму Хабиба ја доби наградата за својот иман и таму живееше во богатство и спокојство. Благодарение на неа и другите муслимани најдоа спокојство. Бидејќи во џенетот жените ќе бидат покрај своите сопрузи, таа доби радосна вест за највисокиот степен на џенетот, а во споредба со таа радосна вест сите задоволства и благодати на овој свет се многу мали. Овој никах беше една од причините што го подготвија Ебу Суфјан подоцна да се почести со исламот. Како што се гледа, овој никах го покажува и степенот на разумот, остроумноста, генијалноста, добрината и милосрдието на Ресулуллах.2
Втор пример: нашата мајка хазрети Хафса (радијаллаху анха), ќерката на хазрети Омер, беше останала вдовица. Во третата година по хиџрата хазрети Омер ги праша хазрети Ебу Бекр и хазрети Осман: „Ќе ја земеш ли мојата ќерка?“, а тие рекоа: „Да размислам.“ Еден ден, додека сите тројца и други беа кај Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем), тој праша: „О Омере! Те гледам нажален, која е причината?“ Како што лесно се гледа бојата на мастилото во шишенцето, така и Ресулуллах со еден поглед ги сфаќаше мислите на секого. Ако сметаше дека е потребно, прашуваше. Бидејќи нам ни е фарз да му зборуваме вистина нему, па и на секого, хазрети Омер одговори: „Ја Ресулаллах! Ја понудив својата ќерка на Ебу Бекр и на Осман, не ја зедоа.“ Бидејќи воопшто не сакаше да се нажалат овие тројца асхаби што најмногу ги сакаше, Ресулуллах, за да ги израдува, веднаш рече: „О Омере! Сакаш ли твојата ќерка да ја дадам на некој што е подобар и од Ебу Бекр и од Осман?“ Хазрети Омер се зачуди, зашто знаеше дека нема никој подобар од хазрети Ебу Бекр и хазрети Осман. Рече: „Сакам, ја Ресулаллах!“ Тој рече: „О Омере, дај ми ја мене својата ќерка!“ Така хазрети Хафса стана мајка на хазрети Ебу Бекр, на хазрети Осман и на сите верници, а тие ѝ станаа служители, и хазрети Ебу Бекр, хазрети Омер и хазрети Осман си станаа едни на други уште поблиски и помили.3
Трет пример: во петтата или шестата година по хиџрата, меѓу стотиците заробеници земени од племето Бени Мусталик беше и Џувејрија, ќерката на Харис, поглаварот на племето. Ресулуллах ја откупи, ја ослободи и се ожени со неа. Тогаш сите Есхаб-и кирам (алејхимур-ридван) рекоа: „Се срамиме роднините на семејството на Ресулуллах, роднините на нашата мајка, да ги држиме како робинки и слугинки.“ Сите ги ослободија своите заробеници. Овој никах беше причина да бидат ослободени стотици заробеници. Нашата мајка хазрети Џувејрија (радијаллаху анха) секогаш раскажуваше за тоа и се гордееше со тоа. Хазрети Аиша велеше: „Не сум видела жена што донела повеќе добро и берекет од Џувејрија.“4 Во еден хадис-и шериф е речено: „Сите мои бракови со моите сопруги и мажењето на моите ќерки – сето тоа беше со дозволата што Џибрил (алејхиселам) ја донесе од Аллах теала.“
Една од важните причини поради кои Ресулуллах склопи многу бракови беше и објавувањето на верата ислам. Пред да биде спуштен ајетот за хиџабот, односно пред на жените да им биде наредено да се покриваат, и жените доаѓаа кај Ресулуллах, прашуваа за она што не го знаеја и учеа. Кога Ресулуллах ќе отидеше во нечија куќа, доаѓаа и жените, седеа, слушаа и имаа корист. Кога беше спуштен ајетот за хиџабот и на жените им беше забрането да седат и да разговараат со мажи што не им се махрем, тој веќе не примаше жени што не му беа махрем. Им нареди она што не го знаат да го прашуваат и да го учат од неговата благословена сопруга хазрети Аиша. Бидејќи многумина доаѓаа да прашаат, хазрети Аиша не стигнуваше да им одговори на сите. За да ја олесни оваа важна служба и да го намали товарот на нашата мајка Аиша, склопи никах со онолку жени колку што беше потребно. Стотици чувствителни знаења што се однесуваат на жените им ги соопшти на муслиманките преку своите благословени сопруги. Да имаше една сопруга, на сите жени ќе им беше тешко, па дури и невозможно, да ја прашуваат неа. За целосно да ја објави верата на Аллах теала, го зеде на своите плеќи и товарот на многуте бракови.
Благословените сопруги на Пејгамберот
Хатиџетул-Кубра (радијаллаху анха): Потекнува од благородно и угледно курејшиско семејство. Ќерка е на Хувејлид ибн Есед ибн Абдул-Узза ибн Кусај. Таа е првата сопруга на Ресулуллах. Татко ѝ е Хувејлид, а мајка ѝ Фатима. Се омажи за Ресулуллах кога имаше четириесет години и беше вдовица. Ресулуллах тогаш имаше дваесет и пет години. Со неа имаше четири ќерки и два сина. Додека беше вдовица, се занимаваше со трговија. Имаше службеници, писари и робови. Беше многу богата, учена и мудра. Таа е првата слободна жена што поверува. Кога Џибрил алејхиселам за прв пат му се појави на Ресулуллах, тој се беше исплашил. Тоа ѝ го раскажа на Хатиџа. Прва поверува Хатиџа (радијаллаху анха). Кафирите им се поклонуваа на кипови, не веруваа во Ресулуллах и го исмеваа. Многу го мачеа. Хатиџа (радијаллаху анха) го тешеше и му даваше храброст. Целиот свој имот и сиот свој посед го жртвуваше на неговиот пат. Дваесет и пет години верно му служеше на Ресулуллах. Ниту еднаш не го повреди.
Се пресели на ахиретот во Мека-и мукерреме, три години пред хиџрата, три дена по смртта на Ебу Талиб, на шеесет и пет години.
Ресулуллах до своето преселување на ахиретот секогаш ја фалеше. Дури, еден ден, додека ја фалеше дома, нашата мајка Аиша не издржа и рече: (Џенаб-и Хак ви даде подобра од неа.) Тогаш тој рече: „Не! Не ми е дадена подобра од неа. Во деновите кога сите ме нарекуваа лажго, таа ми веруваше. Додека сите ме мачеа, таа ми беше потпора. Ги отстрануваше моите таги.“
Хазрети Хатиџа и нејзината ќерка Фатиматуз-Зехра се две од четирите жени за кои во хадис-и шериф е соопштено дека се највозвишени од сите жени на светот. Третата е сопругата на фараонот, хазрети Асија, а четвртата хазрети Мерјем (радијаллаху теала анхунне).
„Сите мои бракови со моите сопруги и мажењето на моите ќерки – сето тоа беше со дозволата што Џибрил (алејхиселам) ја донесе од Аллах теала“ Хадис-и шериф
Аиша (радијаллаху анха): Таа е втората чиста сопруга на Ресулуллах. Ќерка е на Ебу Бекр Сидик. Мајка ѝ е Уму Руман. Се роди осум години пред хиџрата. Немаше деца. Никахот со неа беше склопен една година по преселувањето на Хатиџетул-Кубра и две години пред хиџрата. Три години подоцна, во Медина, беше почестена со тоа што беше доведена во Хуџре-и сеадет. Нејзиниот разум, нејзината остроумност, чедност и таква (богобојазливост) беа толку големи што будат восхит. Ресулуллах многу ја сакаше и многу ја фалеше. Нејзиниот никах беше склопен по наредба на Аллах теала. Пофалена е со ајет-и керим. Есхаб-и кирам ѝ се обраќаа за да ги решат своите тешкотии. Кога Ресулуллах (саллаллаху теала алејхи ве селлем) се пресели на ахиретот, таа имаше осумнаесет години. Бидејќи нејзиниот иџтихад не се совпаѓаше со иџтихадот на хазрети Алија, во настанот со Камилата беше со Есхаб-и кирам што војуваа против хазрети Алија. Кога хазрети Алија беше убиен како шехид, многу се нажали. Хуруфиите многу ја клеветат. Велат дека не го сакала хазрети Алија. А токму хазрети Аиша го пренесе хадис-и шерифот: „Да се сака Алија е од иманот.“ Со тоа покажа дека го сака и дека сите треба да го сакаат. Се пресели на ахиретот во педесет и седмата година по хиџрата, во Медина, на шеесет и пет години. Нејзиниот гроб е во Баки.
Севда бинт Зема (радијаллаху анха): Таа е третата сопруга на Ресулуллах. Заедно со својот сопруг поверува и направи хиџра во Абисинија. Кога се вратија во Мека, сопругот ѝ почина. Ресулуллах најпрвин склопи никах со хазрети Аиша, а потоа со Севда. Севда ја донесе во својата куќа во Мека, а хазрети Аиша во Медина. Беше многу милосрдна и чедна госпоѓа. Се пресели на ахиретот во времето на хазрети Омер.5
Хафса (радијаллаху анха): Ќерка е на хазрети Омер (радијаллаху анху). Нејзиниот прв сопруг беше Хунејс. Заедно направија хиџра во Абисинија и во Медина. Кога остана вдовица млада, татко ѝ ја понуди на хазрети Ебу Бекр, а потоа на Осман. Двајцата се извинија. Хазрети Омер се нажали. Во третата година по хиџрата беше почестена со никахот со Ресулуллах. По извесно време Ресулуллах се разведе од Хафса. Потоа, на знак од Џибрил алејхиселам, повторно склопи никах со неа. Многу постеше и многу клањаше намаз. Се пресели на ахиретот во 41-вата година по хиџрата, на шеесет години.
Зејнеб бинт Хузејма (радијаллаху анха): Многу правеше ибадет и многу делеше садака. Пред тоа беше сопруга на Абдуллах ибн Џахш. Абдуллах беше син на тетката на Ресулуллах, Умејма. Стана шехид во газата Ухуд. Иако беше почестена со никахот со Ресулуллах, осум месеци подоцна се пресели на ахиретот.6
Уму Селема (радијаллаху анха): Се викаше Хинд. Со својот сопруг Ебу Селема меѓу првите направи хиџра во Абисинија. Ебу Селема, братот на Убејдуллах ибн Џахш, синот на тетката на Ресулуллах, Бера, се пресели на ахиретот во Медина, во четвртата година по хиџрата, од раната што ја доби во газата Ухуд. Таа не ги прифати барањата за никах на Ебу Бекр и Омер. Беше почестена со никахот со Ресулуллах. Се пресели на ахиретот во педесет и деветтата година, во Медина, на осумдесет и четири години. Таа е последната од неговите сопруги што се пресели на ахиретот.7
„Не! Не ми е дадена подобра од неа (од Хатиџа). Во деновите кога сите ме нарекуваа лажго, таа ми веруваше. Додека сите ме мачеа, таа ми беше потпора. Ги отстрануваше моите таги“ Хадис-и шериф
Џувејрија (радијаллаху анха): Беше ќерка на Харис, поглаварот на племето Бени Мусталик. Беше заробена во газата Мурејси, во петтата година по хиџрата. Нејзиниот сопруг, кој ѝ беше братучед, беше убиен во битката. Имаше дваесет години и беше многу убава. Според едно предание, кога Џувејрија беше изнесена на продажба, татко ѝ донесе во Медина стадо камили за да ја откупи. Не му даде срцето да ги даде двете најдобри камили, па ги скри надвор од градот. Ресул алејхиселам му рече: „Донеси ги и оние две камили што ги скри на тоа и тоа место.“ Харис се зачуди и поверува заедно со двајца свои синови и многу други луѓе. Ресул алејхиселам ги зеде камилите и му ја врати ќерката. И ќерката поверува. Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) ја побара Џувејрија од нејзиниот татко и склопи никах со неа. Се пресели на ахиретот во педесет и шестата година по хиџрата.
Зејнеб бинт Џахш (радијаллаху анха): Беше ќерка на тетката на Ресулуллах, Умејма, и сестра на Абдуллах ибн Џахш. Нејзиниот татко се викаше Бура. Бидејќи не поверува, го нарекоа Џахш. Зејнеб беше меѓу првите што поверуваа.
Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) најпрвин ја омажи за својот посинок Зејд ибн Хариса. Бидејќи Зејд не можеше да го почитува правото на Зејнеб, во третата година по хиџрата се разведоа. Ресул алејхиселам сакаше да склопи никах со неа. Кога Зејнеб го чу тоа, од радост клања два реката намаз и упати дова: „Господаре мој! Твојот Ресул ме бара за сопруга. Ако си ми одредил да се почестам со тоа да му бидам сопруга, Ти дај ме нему.“ Нејзината дова беше примена и беше спуштен триесет и седмиот ајет од сурата Ел-Ахзаб, чие значење е: „Откако Зејд го направи она што сакаше во врска со неа (односно, откако се разведе од Зејнеб), Ние ти ја дадовме тебе за сопруга.“ Бидејќи никахот на Зејнеб го склопи Аллах теала, Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) не склопи посебен никах. Зејнеб (радијаллаху анха) секој миг се гордееше со тоа и велеше: „Секоја жена ја мажи нејзиниот татко. А мене ме омажи Аллах теала.“ Тогаш имаше триесет и осум години. Се пресели на ахиретот во дваесеттата година по хиџрата, на педесет и три години.8 Имаше многу добрина и дарежливост и многу сакаше да дели садака. Беше вешта и во рачната работа. Она што ќе го изработеше и сѐ што ќе ѝ дојдеше в рака им го даваше на роднините и на сиромасите. Халифата Омер ѝ даваше на секоја од езваџ-и мутахерат (чистите сопруги) по дванаесет илјади дирхеми. Зејнеб бинт Џахш, штом ќе ги примеше, сите ги делеше како садака. Хазрети Аиша многу ја фалеше поради тоа. Хадис-и шерифот „Од моите сопруги прва ќе ми се придружи онаа што има отворена рака“9 известуваше дека таа прва ќе се пресели на ахиретот, зашто таа најмногу делеше садака.
Безобразниот и клеветнички француски поет Волтер напиша во стихови театарско дело за тоа како Ресулуллах ја примил хазрети Зејнеб за сопруга, полно со измислени и подли клевети што се сосема спротивни на историјата, на настаните и на преданијата. Тоа грдо и одвратно пишување, недостојно за човек на книжевноста и мислата, му се допадна на неговиот голем непријател, папата, кој беше го исфрлил од црквата, па папата му напиша ласкаво писмо. Халифата на муслиманите, султан Абдулхамид-хан II, кога чу дека тоа дело ќе се игра на сцена, им упати ултиматум на владите на Франција и на Англија и веднаш го спречи тоа, и така целото човештво го спаси од срамни подлости.
Хазрети Сафија (радијаллаху анха): Беше ќерка на Хујеј ибн Ахтаб, поглаварот на хајберските Евреи. Во Хајбер беше свршена за еден Евреин. Потоа се омажи за многу богатиот Кинана ибн Хакик. Во седмата година по хиџрата, кога беше освоен Хајбер, и Сафија беше заробена. Падна во делот на Ресулуллах, а тој ја ослободи; таа прими иман и беше почестена со никахот со Ресулуллах. Се пресели на ахиретот во педесеттата година по хиџрата, во Медина.10
Уму Хабиба (радијаллаху анха): Беше ќерка на Ебу Суфјан ибн Харб ибн Умеја и сестра на хазрети Муавија. Мајка ѝ се викаше Хинд. Заедно со својот сопруг Убејдуллах ибн Џахш стана муслиманка и направија хиџра во Абисинија. Бидејќи нејзината ќерка Хабиба се роди во Абисинија, и самата стана позната по кунјата Уму Хабиба (мајката на Хабиба). Нејзиниот сопруг таму се даде измамен од свештениците, стана муртед (отпадник од исламот) и умре. Таа остана сама, во туѓина и сиромашна. Рече дека нема да ја напушти верата на Ресулуллах. Ресулуллах (саллаллаху алејхи ве селлем) сакаше да склопи никах со неа за да ја израдува. Во седмата година по хиџрата му напиша писмо на Неџаши. По оваа пејгамберска наредба Неџаши ја венча со Ресул-и екрем и ја испрати во Медина. Се пресели на ахиретот во четириесет и четвртата година по хиџрата, во Медина.
Хазрети Мејмуна (радијаллаху анха): Се викаше Бера, а Ресулуллах ѝ го смени името во Мејмуна. Сопругот на Мејмуна беше починал. Кога по освојувањето на Хајбер се тргна кон Мека на умра, при враќањето во Медина беше почестена со никахот со Ресулуллах. Во педесет и третата година по хиџрата се разболе во Мека. Рече: „Изнесете ме од Мека! Зашто Ресулуллах ми соопшти дека ќе се преселам на ахиретот надвор од Мека.“ Кога ја изнесоа, се пресели на ахиретот на местото каде што беше склопен нејзиниот никах со Ресулуллах (местото наречено Сериф).11
Хазрети Марија (радијаллаху анха): Прими иман додека беше робиња на Пејгамберот и беше почестена со неговиот никах. Бидејќи Марија беше испратена како подарок од Мукавкис, владетелот на Египет и Александрија, нејзиното потекло (лоза) и датумот на нејзиното раѓање не се познати со сигурност. Ресул-и екрем имаше од нашата мајка хазрети Марија син по име Ибрахим. Хазрети Марија беше многу смирена, тивка и повлечена. Се пресели на ахиретот во последните години од халифатот на хазрети Омер, во 637 година (16-тата година по хиџрата). Погребана е на гробиштата Баки.12
Хазрети Рејхана (радијаллаху анха): Стана муслиманка додека беше робиња на Пејгамберот. Потекнуваше од Бени Курејза, едно од племињата на Евреите што живееја во Медина. Нејзината лоза е: Рејхана бинт Шемун ибн Језид или Рејхана бинт Зејд ибн Амр ибн Ханефе ибн Шемун ибн Језид. Датумот на нејзиното раѓање не е познат со сигурност. Се пресели на ахиретот пред Пејгамберот, во 631 година (10-тата година по хиџрата), во Медина. Погребана е на гробиштата Баки.13
„Љубовта кон сејидите и шерифите е причина човек да замине со иман при последниот здив“ Ебу Муџахид Енвер ибн Назиф (рахметуллахи алејх)
