ДЕТСТВОТО
Предавањето на доилка
Кога нашата мајка Амина го зеде в прегратка своето чедо полно со нур, како да ја заборави болката поради смртта на својот сопруг, хазрети Абдуллах. Откако мајка му го дојеше девет дена, неколку дена како доилка му служеше Сувејба-хатун, робинката на Ебу Лехеб. Сувејба-хатун пред тоа го беше доела хазрети Хамза, а подоцна и Ебу Селема. Хафиз Ибн Џезри вели: „Кога Ебу Лехеб го виделе во сон и го прашале во каква состојба е, рекол: ‚Трпам казна во гробот. Но секоја година, во ноќите на дванаесеттиот ден од месецот ребиул-евел, казната ми се олеснува. Цицам свежа вода што ми излегува меѓу два прста и се освежувам. Во ноќта кога Ресулуллах дојде на светот, мојата робинка по име Сувејба ми ја донесе таа радосна вест. Јас од радост ја ослободив и ѝ наредив да му биде доилка. Затоа во тие ноќи казната ми се олеснува.‘“ Во тоа време Меканците имаа обичај своите деца да ги даваат на доилка. Децата ги праќаа на блиските висорамнини со чист воздух и слатка вода, и тие извесно време живееја кај своите доилки. Причина за тоа беше жешката клима на Мека. Секоја година со таа намера во Мека доаѓаа многу жени. Секоја земаше по едно дете да го дои и го одведуваше. Кога ќе ги одгледаа децата и ќе ги вратеа, добиваа голема награда и подароци. И во годината кога се роди Пејгамберот, како и секоја година, во Мека дојдоа многу жени од племето Бени Са’д, кое живееше на висорамнините, со намера да бидат доилки. Секоја од нив веќе беше зела по едно дете да го дои. Меѓу племињата околу Мека племето Бени Са’д беше надалеку познато по честа, дарежливоста, јунаштвото, скромноста и по правилниот говор на арапскиот јазик. Курејшиските првенци најмногу сакаа своите деца да ги даваат на ова племе. Таа година во крајот на племето Бени Са’д владееше тешка суша и глад. Халима-хатун од ова племе вака ја опишува таа состојба: „Таа година собирав трева скитајќи по полињата и Му благодарев на Аллах теала што ја најдов. Понекогаш поминуваа и три дена, а јас ништо да не ставам в уста. Во таква состојба ми се роди дете. Од една страна гладот, од друга маките од породувањето. Имаше мигови кога од глад не можев да ја разликувам земјата од небото ни ноќта од денот. Една ноќ заспав во пустината. Во сонот некој ме нурна во вода побела од млеко и рече: ‚Пиј од оваа вода.‘ Пиев до волја. Потоа пак ме натера да пијам. Пиев и пиев, водата беше послатка од мед. ‚Нека ти биде обилно млекото, о Халима! Ме препозна ли?‘ ме праша. Кога реков дека не го препознав, рече: ‚Јас сум фалбата и благодарноста што ги упатуваше во својата тешка состојба. О Халима! Оди во Мека. Таму ќе ти биде другар еден „Нур“ и ќе се исполниш со берекет. Овој сон никому не го раскажувај!‘ Кога се разбудив, видов дека градите ми се полни со млеко, а неволјата и гладот ме напуштиле.“ Таа година, поради гладот, во Мека дојдоа повеќе доилки отколку другите години, за да дојат деца за плата и така да го пребродат тешкото време.
„Ние не сме создадени за игра“ Хадис-и шериф
Пустината на синовите на Са’д
Сите брзаа да земат деца од богати семејства. Секоја од тие жени зеде по едно дете. Бидејќи Пејгамберот беше сирак, мислеа дека нема да добијат голема плата, па не сакаа да го земат. Меѓу тие жени беше и Халима-хатун, позната по чесноста, чистотата, благоста, срамежливоста и убавиот ахлак. Бидејќи животното што го јаваа беше слабо, во Мека стигнаа доцна. Но тоа доцнење стана причина да постигнат повеќе од она што го бараа. Халима и нејзиниот сопруг ги обиколија улиците на Мека и видоа дека децата од богатите семејства се веќе земени. Сепак, не сакаа да се вратат со празни раце. Единствената желба им беше да се вратат со дете.
Најпосле сретнаа еден човек што будеше почит и имаше многу мило лице. Тоа беше Абдулмуталиб, поглаварот на Мека. Кога дозна што сакаат, ги посоветува да го земат неговиот внук и им рече дека така ќе стигнат до голема благосостојба и среќа. Љубовта и блискоста на Абдулмуталиб ги привлекуваа кон него. Веднаш го прифатија неговиот предлог. Потоа стариот дедо ја одведе Халима-хатун во куќата на хазрети Амина.
Халима-хатун раскажува: „Кога пристапив до детето, спиеше мирно, повиено во пелени, на покривка од зелена свила, а наоколу се ширеше мирис на мошус. Се восхитив и во миг толку го засакав што немав срце да го разбудам. Кога ја ставив раката на неговите гради, се разбуди, ме погледна и се насмевна. А јас, занесена од таа насмевка, сосема заборавив на себе. Потоа, од страв дека мајка му нема да ми го даде толку убавото и благословено дете, му го покрив лицето и веднаш го зедов в прегратка. Му ја дадов десната дојка – почна да цица. Му ја дадов левата – не сакаше да цица. Абдулмуталиб се сврте кон мене и рече: ‚Радувај се! Меѓу жените немаше ниедна што стигнала до благодат како тебе!‘1
Кога ми го даде своето сакано чедо, Амина-хатун рече: ‚О Халима, пред три дена слушнав глас што рече дека жената што ќе го дои мојот син ќе биде од племето Бени Са’д, од родот на Ебу Зувејб.‘ На тоа ѝ одговорив: ‚Јас сум од племето Бени Са’д, а кунјата на мојот татко е Ебу Зувејб.‘“
Халима-хатун понатаму раскажува: „Амина-хатун ми раскажа уште многу настани и ми остави свои поуки. А јас ѝ го раскажав сонот што го сонував пред да дојдам во Мека и како на патот од десно и од лево ми доаѓаа гласови: ‚Радувај се, о Халима! Тебе ќе ти биде судено да го доиш тој нур што ги заслепува очите и ги осветлува световите.‘“
Халима-хатун раскажува: „Го зедов Мухаммед алејхиселам и излегов од куќата на хазрети Амина. Дојдов кај мојот сопруг. И тој, кога го погледна лицето на детето во мојата прегратка, заборави на себе и рече: ‚О Халима! Никогаш досега не сум видел вакво убаво лице!‘ А кога го виде берекетот што нѐ снајде штом го зедовме, рече: ‚О Халима! Знај дека си зела многу благословено дете со висок степен.‘ Јас му одговорив: ‚Аллах ми е сведок, токму тоа го посакував; желбата ми се исполни.‘“
Од мигот кога Халима-хатун и нејзиниот сопруг тргнаа од Мека со Мухаммед алејхиселам, почнаа да го чувствуваат неговиот берекет. Нивното слабо магаре, што порано не можеше брзо да оди, сега јурна како расен арапски коњ. Иако караванот со кој беа дошле тргна многу пред нив и далеку одмина, тие го стигнаа и го оставија зад себе. Кога стигнаа во крајот на Бени Са’д, ги снајде изобилство и берекет какви што не биле видени. Вимињата на нивните животни, што порано даваа малку млеко, беа преполни со млеко. Соседите што го видоа тоа се зачудија и јасно сфатија дека тоа е заради детето што го зеле на доење. Пејгамберот ја цицаше само десната дојка на својата доилка Халима-хатун.
„Ниеден од моите предци не направил блуд. Аллах теала ме донесе на светот од чисти, добри татковци и чисти мајки“ Хадис-и шериф
А левата ја оставаше за својот брат по млеко. На два месеци почна да лази. На три месеци стоеше на нозе, а на четири почна да оди држејќи се за ѕидот. На пет месеци прооде, а на шест месеци почна брзо да оди. На седум месеци одеше на сите страни. На осум месеци зборуваше разбирливо, а на девет месеци почна да зборува сосема јасно. На десет месеци веќе почна да гаѓа со стрела.
Халима-хатун раскажа: „Кога почна да зборува, првите зборови му беа: ‚Ла илахе иллаллаху валлаху екбер. Велхамдулиллахи рабил-алемин.‘ Од тој ден не подаде рака кон ништо без да го спомене името на Аллах теала. Со левата рака ништо не јадеше. Кога прооде, се држеше подалеку од местата каде што си играа децата и им велеше: ‚Ние не сме создадени за ова.‘ Секој ден го обвиваше нур како сончева светлина, а потоа повторно се повлекуваше. Зборуваше со месечината, и секогаш кога ќе покажеше кон неа, месечината се движеше.“
Поради сушата западнаа во голема неволја и еднаш излегоа да упатат дова за дожд. Кога тргнаа на дова, го поведоа со себе Мухаммед алејхиселам и заради него добија обилен дожд и берекет. Халима-хатун раскажува: „Кога Мухаммед алејхиселам наполни две години, го одбив од дојка. Потоа со сопругот отидовме во Мека да му го вратиме на мајка му. Но толку берекет стекнавме поради него што многу тешко ни беше да се разделиме од него и повеќе да не го гледаме неговото благословено лице. Ѝ раскажав на неговата мајка за неговите состојби. Амина-хатун рече: ‚Мојот син има голем углед.‘ Јас реков: ‚Аллах ми е сведок, не сум видела никого поблагословен од него.‘ Потоа, наоѓајќи разни изговори, ја замолив Амина-хатун да остане уште малку кај нас. Не нѐ одби и дозволи да остане кај нас. Со него повторно се вративме во нашето племе. Така куќата ни се исполни со берекет, ни се зголемија имотот, богатството и угледот. Стигнавме до безброј благодати.“2
Облакот над неговата благословена глава
Халима-хатун раскажа: „Еден ден Сервер-и алем (саллаллаху алејхи ве селлем) праша: ‚Дење не ги гледам моите браќа. Која е причината за тоа?‘ Реков: ‚Тие одат да ги пасат овците. Дома се враќаат дури навечер.‘ Тогаш рече: ‚Испрати ме и мене со нив. И јас ќе пасам овци.‘ Наоѓав разни изговори и се обидував да не го пуштам. Најпосле, за да му биде срцето задоволно, реков: ‚Добро.‘
Утредента му ја исчешлав благословената коса, го облеков и го испратив со неговите браќа по млеко.
Неколку дена одеше и се враќаше со нив. Еден ден, кога неговата сестра по млеко Шејма дојде од полето, ја прашав: ‚Каде е мојот син Мухаммед, светлината на моите очи?‘ ‚Во пустината‘, рече. Кога прашав: ‚Како ја поднесува оваа жега чедото на моето срце?‘, Шејма одговори: ‚Мајчице! Нему никогаш нема да му се случи ништо лошо. Зашто над неговата благословена глава постојано оди еден облак со него; така е заштитен од сончевата жега.‘ Кога реков: ‚Што зборуваш? Дали навистина е вистина тоа што го велиш?‘, се заколна. Дури тогаш се смирив.
Отворањето на неговите благословени гради (Шакк-и садр)
Еден ден повторно, напладне, дојде кај мене неговиот брат по млеко Дамра и рече: ‚Мајчице! Брзо трчајте!.. Јас и мојот брат Курејшијата ги пасевме овците. Одеднаш дојдоа тројца луѓе облечени во зелено. Го зедоа мојот брат од нас и го однесоа на врвот на ридот. Го легнаа на грб и со нож му го расекоа стомакот. Кога тргнав да ви јавам, тие уште беа таму. Не знам дали брат ми останал жив.‘ Халима-хатун продолжи вака: Во тој миг крвта ми удри в глава. Брзо стигнавме на тоа место и го видовме. Веднаш му ги избакнував благословеното лице и главата и го прашав: ‚О светлино на моите очи! О сине мој, милост за световите! Каква е оваа состојба? Што ти се случи? Кој те вознемири?‘
Тој рече: ‚Кога излегов од куќата, видов двајца луѓе во зелена облека. Едниот в рака имаше сребрен ибрик, а другиот леген од зелен смарагд. Легенот беше полн со нешто побело од снег. Ме однесоа на врвот на ридот. Едниот ме легна на грб. Додека гледав, ми ги расече градите до папокот. Не почувствував никаква болка ни мака. Ги ставија рацете внатре и извадија сѐ што имаше. Го измија со таа бела материја и го вратија на место. Потоа едниот му рече на другиот: „Стани, сега јас да ја извршам својата служба“, ја стави раката внатре и ми го извади срцето. Го расече на два дела, извади од него нешто црно и го фрли. И рече: „Ова беше уделот на шејтанот во твоето тело. Го извадивме и го фрливме. О миленику на Аллах теала! Те заштитивме од весвесата3 и од итрината на шејтанот.“ Потоа срцето ми го исполнија со нешто нежно и меко што го имаа со себе. Го запечатија со печат од нур. Студенилото на тој печат и сега го чувствувам во сите удови. Кога едниот од нив ја стави раката на расеченото место, раната ми зарасна. Потоа ме мереа со десет луѓе од мојот умет – јас бев потежок. Ме мереа со илјада луѓе – пак јас бев потежок. Тогаш едниот од нив му рече на другиот: „Престани веќе да го мериш. Се колнам во Аллах, дури и кога би го мерел со целиот негов умет, тој би бил потежок.“ Потоа секој од нив ми ги бакна раката и лицето, ме оставија тука и си отидоа.‘ Расеченото место се гледаше на неговите благословени гради.“4
Овој настан од животот на нашиот сакан Пејгамбер, за кој се зборува во првиот ајет-и керим од сурата Инширах во Чесниот Кур’ан, се нарекува „Шакк-и садр“, односно отворање на градите.
Кога на Мухаммед алејхиселам му беше објавено пејгамберството, некои од Есхаб-и кирам рекоа: „Ја Ресулаллах! Ќе ни раскажете ли нешто за себе?“, а тој рече: „Јас сум довата на мојот предок Ибрахим. Јас сум радосната вест на мојот брат Иса!
А за мојата мајка, јас сум нејзиниот сон. Додека ме носеше, виде како од неа излегува нур што ги осветли палатите на Шам… Јас сум доен и одгледан меѓу синовите на Са’д ибн Бекр.“
Откако наполни четири години, Халима-хатун го донесе во Мека и му го предаде на мајка му. Дедо му Абдулмуталиб ѝ даде на Халима-хатун многу големи подароци и ја дарува со доброчинства. Кога го остави во Мека, Халима-хатун болката од разделбата ја искажа со зборовите: „Како душата и срцето да ми останаа со него.“
„Додека го доев Мухаммед (саллаллаху алејхи ве селлем), бев многу задоволна од него. Никогаш ништо не извалка. Мала нужда вршеше еднаш дење и еднаш ноќе и до истото време повеќе не ја вршеше“ Халима-хатун
Смртта на неговата почитувана мајка
Нашиот сакан Пејгамбер (саллаллаху алејхи ве селлем) до шестата година растеше кај својата мајка. Кога имаше шест години, отиде во Медина со мајка си и со робинката по име Уму Ејмен, за да ги посетат роднините и гробот на неговиот татко Абдуллах.
Таму останаа еден месец. Пејгамберот во Медина научи да плива во базенот што им припаѓаше на синовите на Неџар. Во тоа време еден еврејски учен ги виде кај него знаците на пејгамберството. Му пристапи и го праша за името. Кога тој рече: „Ахмед“, ученот извика: „Ова дете ќе биде Пејгамберот на последното време!“ Освен тоа, и некои други еврејски учени што беа таму ги видоа кај него знаците на пејгамберството и меѓу себе зборуваа дека тој ќе биде пејгамбер.
Кога Уму Ејмен ги слушна тие нивни зборови, ѝ го јави тоа на нашата мајка хазрети Амина. Неговата благословена мајка, плашејќи се да не му се случи некое зло, го зеде и тргна на пат да се врати во Мека. Кога стигнаа до местото наречено Ебва, нашата мајка хазрети Амина се разболе. Болеста ѝ се влоши и често губеше свест.
Гледајќи го својот сакан син Мухаммед алејхиселам, кој стоеше крај нејзиното узглавје, рече: „О сине на оној што, со добрината и помошта на Аллах теала, во замена за сто камили беше спасен од страшната стрела на смртта! Аллах теала нека те направи благословен. Ако се оствари она што го видов во сонот, ти ќе бидеш испратен од Аллах теала, кој поседува величие и обилна дарежливост, за да им објавиш на синовите Адемови што е халал, а што харам. Џенаб-и Хак ќе те зачува и ќе те заштити од идолите и од идолопоклонството, што од дамнина постојат меѓу народите.“ Потоа ги изговори овие стихови:
Старо станува што е ново, умира што живее,
Исчезнува што е многу – кој млад останал?
И јас ќе умрам, само по ова се разликувам:
Тебе јас те родив – тоа ми е честа.
Зад себе оставам добар пород,
Ги затворив очите, срцето ми е спокојно.
Моето име вечно ќе остане на јазиците,
А љубовта кон тебе ќе живее во срцата.
Потоа се пресели на ахиретот. Таму беше погребана. Кога нашата мајка Амина се пресели на ахиретот, имаше дваесет години. Уму Ејмен го поведе Предводникот на световите и, по патување што траеше неколку дена, го донесе во Мека и му го предаде на неговиот дедо Абдулмуталиб.5
Неговите мајка и татко беа верници
Таткото и мајката на Хабиб-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) беа во верата на Ибрахим алејхиселам.6 Односно, беа верници. Исламските учени објавија дека тие биле во верата на Ибрахим алејхиселам и дека, откако на Мухаммед алејхиселам му било објавено пејгамберството, биле оживеани за да бидат од неговиот умет, дека го слушнале и го изговориле келиме-и шехадетот и дека така станале и од овој умет.7
Кај неговиот благословен дедо
Мухаммед алејхиселам растеше кај својот дедо до осмата година. Неговиот дедо Абдулмуталиб беше човек што сите во Мека го сакаа и што управуваше со многу работи; беше достоинствен, трплив, со убав ахлак, чесен, храбар и дарежлив. Ги хранеше сиромасите, па дури им даваше храна и на гладните и жедните животни.
Веруваше во Аллах теала и во ахиретот. Се чуваше од злото и се држеше подалеку од сите грди обичаи на времето на џахилијетот (незнаењето). Во Мека не дозволуваше зулум и неправда, а гостите што ќе дојдеа ги пречекуваше со почит. Имаше обичај во месецот рамазан да се повлекува во осама на ридот Хира. Абдулмуталиб, кој ги сакаше децата и беше полн со сочувство, го гушкаше својот сакан внук и ни дење ни ноќе не го одделуваше од себе. Му покажуваше голема љубов и сочувство. Во сенката на Кааба седеше со него на својот посебен миндер, а на оние што сакаа да го спречат во тоа им велеше: „Оставете го мојот син, неговиот углед е возвишен.“8 На дадилката на Пејгамберот, Уму Ејмен, постојано ѝ напомнуваше добро да внимава на него: „Чувај го добро мојот син. Следбениците на Книгата велат за мојот син: ‚Тој ќе биде пејгамберот на овој умет.‘“ Уму Ејмен рече: „Никогаш не сум видела во детството да се пожали ни на глад ни на жед. Наутро ќе испиеше голтка вода од Земзем. Кога ќе сакавме да го нахраниме, велеше: ‚Не сакам, сит сум.‘“
Кога Абдулмуталиб спиеше или беше сам во својата соба, никому освен нему не му дозволуваше да влезе кај него. Нежно го гушкаше, го милуваше и бескрајно се радуваше на неговите зборови и постапки. На трпезата го земаше до себе, го ставаше на колена, му го даваше најдоброто и највкусното јадење и не седнуваше на трпеза додека тој не дојде. За него сонуваше многу сонови и беше сведок на многу настани.
Еднаш во Мека настапи суша и глад. Абдулмуталиб, според сонот што го сонуваше, го фати Мухаммед алејхиселам за рака, се качи на ридот Ебу Кубејс и упати дова: „Аллаху мој, заради ова дете израдувај нѐ со дожд полн со берекет!“ Довата му беше примена и падна обилен дожд. Поетите од тоа време го опеаја тој настан во своите песни.
Монахот од Неџран
Еден ден, додека Абдулмуталиб седеше кај Кааба, дојде кај него еден монах од Неџран и почна да разговара со него. Во еден миг рече: „Читавме дека во книгите се запишани особините на пејгамберот што последен ќе дојде од синовите на Исмаил. Ова место, односно Мека, е неговото родно место. Неговите особини се такви и такви!“ и почна да ги набројува една по една. Во тој миг дојде кај нив нашиот сакан Пејгамбер. Монахот од Неџран почна внимателно да го набљудува; потоа му пристапи, му ги погледна очите, грбот и стапалата и возбудено рече:
„Џенаб-и Хак ќе те зачува и ќе те заштити од идолите и од идолопоклонството, што од дамнина постојат меѓу народите“ Амина-хатун
„Ете, тоа е тој. Дали ова дете е од твоето потомство?“ Кога Абдулмуталиб рече: „Ова е мојот син!“, монахот од Неџран рече: „Според она што го читавме во книгите, неговиот татко не би требало да е жив!“ Кога Абдулмуталиб рече: „Тој е син на мојот син. Татко му почина пред тој да се роди, додека мајка му уште го носеше“, монахот рече: „Е, сега ја кажа вистината.“ Тогаш Абдулмуталиб им рече на своите синови: „Слушнете што се вели за синот на вашиот брат, внимавајте на него и добро чувајте го.“
Смртта на неговиот благословен дедо
Кога се приближи смртта на Абдулмуталиб, ги собра своите синови и рече: „Дојде време да се преселам од овој свет на ахиретот. Единствената грижа ми е ова сираче. Да ми беше подолг животот, па оваа служба со љубов да ја продолжам! Но што може да се направи? Животот нема да потрае. Сега и срцето и јазикот ми горат во огнот на овој копнеж. Би сакал овој бисер да му го доверам како аманет на некого од вас. Кој од вас ќе ги чува неговите права како што приличи и нема да направи никаков пропуст во служењето кон него?“ Ебу Лехеб клекна и рече: „О предводнику на Арапите! Ако имате на ум некого на кого ќе му го предадете овој аманет, добро; ако немате, јас ќе ја преземам таа служба.“ Абдулмуталиб му рече: „Имаш многу имот. Но ти си со тврдо срце и имаш малку милосрдие. А срцето на сирачето е ранливо и нежно. Брзо се крши.“ И некои од другите синови ја повторија истата желба. Абдулмуталиб на секој од нив му ги наведе особините и ниеден не го прифати. Кога редот дојде до Ебу Талиб, тој рече: „Јас тоа го сакам повеќе од сите. Но додека постарите се тука, не би приличело да истрчувам напред. Имот имам малку, но мојата верност е поголема од верноста на моите браќа.“ Абдулмуталиб рече: „Вистина зборуваш. Ти си достоен за оваа служба. Но јас во секоја работа се советувам со него и постапувам според неговата желба. И секој пат стигнувам до вистинскиот исход. И за ова ќе се посоветувам со него. Кого од вас ќе избере тој, ќе го прифатам и јас.“
Потоа се сврте кон нашиот сакан Пејгамбер и праша: „О светлино на моите очи! Со копнеж по тебе се свртувам кон ахиретот. Кого од овие свои чичковци го избираш?“
Пејгамберот во тој миг стана, го прегрна Ебу Талиб околу вратот и му седна на колена. Абдулмуталиб тогаш почувствува големо олеснување и рече: „Фалбата нека му е на Аллах теала. И јас тоа го сакав.“ Потоа се сврте кон Ебу Талиб и праша: „О Ебу Талибе! Овој бисер не ја почувствувал нежноста ни на татко ни на мајка. Затоа внимавај на него како што приличи и трепери над него. Јас те сметам за повреден од другите мои деца. Овој голем и многу драгоцен аманет ти го предадов тебе. Зашто ти и неговиот татко сте од иста мајка. Чувај го како што би се чувал самиот себеси. Дали ја прифати оваа моја опорака?“ Тој одговори: „Да, ја прифатив.“ Тогаш Абдулмуталиб го прегрна нашиот сакан Пејгамбер, му ги бакна благословената глава и лицето и го помириса. Потоа рече: „Бидете сите сведоци: никогаш не сум почувствувал поубав мирис од овој ниту сум видел поубаво лице од ова.“9
Под заштитата на Ебу Талиб
По смртта на својот дедо, Предводникот на вселената (саллаллаху алејхи ве селлем) од осмата година почна да живее кај својот чичко Ебу Талиб и растеше под негова заштита. Ебу Талиб тогаш, како и неговиот татко Абдулмуталиб, беше еден од курејшиските првенци во Мека – човек што го сакаа, го почитуваа и чиј збор се слушаше. И тој му покажуваше на Пејгамберот голема љубов и сочувство. Го сакаше повеќе од своите деца, без него ни не спиеше ни не одеше некаде и велеше: „Ти носиш многу добро, многу си благословен!“ Ебу Талиб не почнуваше да јаде додека тој не подадеше рака; сакаше тој прв да почне. Понекогаш му поставуваше и посебна трпеза. Кога ќе се разбудеше наутро, гледаа дека лицето му сјае како месечина, а косата му е исчешлана. Ебу Талиб немаше многу имот, а семејството му беше големо. Откако го зеде Ресул-и екрем (саллаллаху алејхи ве селлем) под своја заштита, стигна до изобилство и берекет. Кога народот поради сушата што завладеа со Мека западна во неволја, Ебу Талиб го одведе кај Кааба и упати дова. Со неговиот берекет падна обилен дожд. Се спасија од сушата и од гладот.10
Од родот на Галиб ќе излезе еден пејгамбер,
Ќе стои меѓу Земзем и Хаџер.
Помогнете му со сиот народ на градот,
О синови на Амир, среќата е во тоа да му помогнете.
„Дојде време да се преселам од овој свет на ахиретот. Единствената грижа ми е ова сираче. Да ми беше подолг животот, па оваа служба со љубов да ја продолжам! Но што може да се направи? Животот нема да потрае. Сега и срцето и јазикот ми горат во огнот на овој копнеж“ Абдулмуталиб
Патувањето Мека – Бусра
Монахот Бахира
Кога нашиот сакан Пејгамбер имаше околу дванаесет години, еден ден виде дека Ебу Талиб се подготвува за пат заради трговија. Кога сфати дека не сака да го поведе со себе, се нажали и му рече на Ебу Талиб: „Кому ќе ме оставиш во овој град? Немам ни татко ни некој што ќе ме сожали!..“ Овие зборови многу го трогнаа Ебу Талиб и тој реши и него да го поведе со себе. По долгото патување трговскиот караван застана на одмор во Бусра, во близината на еден христијански манастир.11
Во тој манастир живееше монах по име Бахира. Тој учен монах, кој порано бил еврејски учен, а подоцна станал христијанин, имаше една книга што преминуваше од рака на рака и се чуваше во тајност, и според неа одговараше на прашањата. Иако курејшискиот караван претходните години многупати поминуваше оттаму, тој не му обрнуваше никакво внимание. Секое утро се качуваше на покривот на манастирот, гледаше во насоката од каде што доаѓаа караваните и љубопитно нешто очекуваше. А овој пат со монахот Бахира нешто се случи: многу возбуден, скокна од своето место. Зашто, кога курејшискиот караван се појави во далечината, забележа дека над него, заедно со нив, плови и еден облак. Тој облак му правеше сенка на Пејгамберот. Кога караванот застана да се одмори, Бахира виде и дека гранките на дрвото под кое седеше Хабиб-и екрем се наведнаа над него, па уште повеќе се возбуди. Веднаш нареди да се постават трпези. Потоа испрати човек и ги покани на ручек сите што беа во курејшискиот караван. Патниците од караванот го оставија нашиот сакан Пејгамбер кај својата стока и отидоа кај монахот. Бахира внимателно ги погледна дојденците и праша: „О курејшиска дружино, има ли меѓу вас некој што не дошол на ручек?“ Тие рекоа: „Да, има еден човек.“ Зашто, иако Курејшиите дојдоа, облакот уште беше таму. Гледајќи го тоа, сфати дека во караванот останал некој. Монахот Бахира упорно бараше да дојде и тој. Штом дојде, Бахира внимателно го погледна и почна да го проучува. Го праша Ебу Талиб: „Дали ова дете е од твоето потомство?“ Кога Ебу Талиб рече: „Мојот син“, Бахира рече: „Во книгите пишува дека таткото на ова дете нема да биде жив; тој не е твој син.“ Тогаш Ебу Талиб одговори: „Тој е син на мојот брат.“ На прашањето на Бахира: „Што се случи со неговиот татко?“ рече: „Татко му почина малку пред неговото раѓање.“ Кога Бахира рече: „Вистина рече. А што се случи со неговата мајка?“, Ебу Талиб одговори: „И таа почина.“ Велејќи на тоа: „Вистина рече“, Бахира се сврте кон Пејгамберот и побара од него да се заколне во идолите. Но нашиот сакан Пејгамбер му рече: „Не барај од мене да се колнам во идолите. На светот за мене нема поголем непријател од нив. Јас ги мразам.“
Тогаш Бахира побара од него да се заколне во Аллах теала и праша: „Спиеш ли?“ Тој рече: „Очите ми спијат, но срцето не ми спие.“
Бахира му постави уште многу прашања и доби одговори. Одговорите што ги доби целосно се совпаѓаа со книгите што порано ги читал. Потоа ги погледна благословените очи на нашиот сакан Пејгамбер и го праша Ебу Талиб:
„Сведочам дека ти си ресул на Аллах теала!.. Ете го Предводникот на световите… Ете го Ресулот на Господарот на световите… Ете го големиот Пејгамбер што Аллах теала го испрати како милост на световите!“ Монахот Бахира
– „Дали ова црвенило постојано е во неговите благословени очи?“
– „Да, никогаш не сме виделе да исчезне“, рече.
Кога виде дека и овој знак се совпаѓа, Бахира посака да го види печатот на пејгамберството, за срцето да му стигне до целосна сигурност. Но Пејгамберот (саллаллаху алејхи ве селлем), од својот едеб (пристојност), не сакаше да го открие својот благословен грб.
Тогаш чичко му рече: „О светлино на моите очи! Исполни му ја и оваа желба!“ Пејгамберот го откри својот благословен грб, а Бахира долго, восхитено и до насита го гледаше печатот на пејгамберството во сета негова убавина. Возбуден, го бакна, а од очите му потекоа солзи како порој. Потоа рече:
– „Сведочам дека ти си ресул на Аллах теала!“ Кревајќи го гласот уште повеќе, рече: „Ете го Предводникот на световите… Ете го Ресулот на Господарот на световите… Ете го големиот Пејгамбер што Аллах теала го испрати како милост на световите…“
Курејшиите што беа таму се зачудија и рекоа: „Колку ли е голема вредноста на Мухаммед кај овој монах!“
Потоа Бахира се сврте кон Ебу Талиб и рече:
– „Ова е последниот и најчесниот од пејгамберите. Неговата вера ќе се рашири по целата земја и ќе ги укине претходните вери. Не води го ова дете во Шам. Зашто синовите Израилови му се непријатели. Се плашам дека ќе му нанесат зло на неговото благословено тело. За него се земени многу завети и обврски (ахд и мисак).“
Ебу Талиб праша:
– „Какви се тие завети и обврски?“ Бахира одговори:
– „Аллах теала зеде збор од сите пејгамбери, а на крајот и од Иса алејхиселам, дека на своите умети ќе им објават оти ќе дојде Пејгамберот на последното време.“
По овие зборови на Бахира, Ебу Талиб се откажа од патот за Шам. Ја продаде својата стока во Бусра и се врати во Мека.12 Она што го слушна од Бахира му одекнуваше во ушите на Ебу Талиб до крајот на животот. Пејгамберот го засака уште повеќе. Го чуваше до својата смрт и му помагаше во секоја работа.
Патувањето во Јемен со чичкото Зубејр
Нашиот сакан Пејгамбер, во секоја своја состојба сопственик на доблести и убавина, исклучителен човек, порасна и влезе во седумнаесеттата година. Тогаш неговиот чичко Зубејр, кој одеше во Јемен по трговија, го поведе со себе за трговијата да му биде берекетна. И на тоа патување се видоа многу негови чудесни состојби. Кога се вратија во Мека, се раскажуваше за тие негови состојби, и во племето Курејш почна да се зборува: „Неговиот углед ќе биде многу возвишен.“13
